Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во повеќето европски држави, вклучувајќи ги и Германија, Франција и Англија, властите не го прекинаа одењето на училиште со физичко присуство, и покрај стриктните мерки што ги воведоа за да биде што побезболен вториот бран. За разлика од европскиот континент, главните градови во Америка, вклучувајќи ги и Детроит, Бостон и Филаделфија, ги затвораат училиштата и ја префрлаат наставата онлајн

Како се покажаа досегашните искуства за училиштата и градинките како места од каде што се шири ковид-19? Сосема дијаметрални се американските и европските одговори и заклучоци на ова прашање. На пример, на европскиот континент, државите во најголем дел ги оставија отворени училиштата и градинките. Од друга страна, американските држави ги затвараат училиштата заради поголема безбедност.
Кај нас, пак, во македонските градинки и училишта, од 9 септември (кога се отворија градинките) и од 1 октомври (кога почнаа со работа училиштата) се покажа дека досега не е голема трансмисијата на вирусот поради тоа што вработените и децата ги почитуваат протоколите. Имено, во повеќе европски држави, вклучувајќи ги и Германија, Франција и Англија, властите не го прекинаа одењето на училиште со физичко присуство, и покрај стриктните мерки што ги воведоа за да биде што побезболен вториот бран. За разлика од европскиот континент, главните градови во Америка, вклучувајќи ги и Детроит, Бостон и Филаделфија, ги затвораат училиштата и ја префрлаат наставата онлајн, за да влијаат да не се зголеми бројот на заразени.
Во земјите во регионот наставата се изведува како кај нас, дел со физичко присуство, а дел онлајн. Не е голем преносот на вирусот во училиштата и во градинките, а тоа е така и во Македонија. Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) неодамна информира дека досега не е регистрирана внатрешна трансмисија на ковид-19 во градинките и во училиштата и дека заразените вработени и деца се заразуваат надвор од објектите.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, поради слабата трансмисија на вирусот во училиштата, неодамна кажа дека распустот нема да почне порано, иако и тоа беше предвидено како опција ако пламне епидемијата во училиштата.
– За да може да зборуваме за порано почнување на зимскиот распуст, треба да имаме аргументи зошто би го направиле тоа, зошто дополнително би им скратиле настава на учениците, која се одвива во континуитет, без да има ескалација на заразени во училиштата. Под еден процент од вкупниот број наставници се позитивни, а помалку од 0,06 проценти од учениците. Тоа укажува дека во согласност со планот по кој се одвива наставата од први октомври, наставата треба да продолжи сѐ додека состојбата не се промени драстично. На ниво на држава, бројот на позитивни наставници што одат на работа во училиште секој ден е 280 – рече Царовска.

Кај нас наставата во основните и во училиштата за средно образование се одвива со физичко присуство за учениците од прво, второ и трето одделение, а сите други ученици учат од дома. Студентите учат исто така онлајн, но на некои факултети испити и колоквиуми се полагаат со физичко присуство, во согласност со протоколот.


На децата им е потребно нивното образование

Минатиот месец Ирска воведе комплетен карантин за да го спречи ширењето на ковид-19, така што се забранети сите социјални собирања, вежбање е дозволено само до пет километри оддалеченост од домот, а баровите и рестораните се целосно затворени. Премиерот Мајкл Мартин, најавувајќи ги новите рестриктивни мерки, кажа дека училиштата, центрите и објектите за детска грижа треба да останат отворени.
– Тоа е неопходно затоа што не смее да се дозволи иднината на децата да биде жртва на болеста, со оглед на фактот дека ним им е потребно нивното образование – рече тој.
Ентони Стејнс, професор по здравствени системи на Универзитетот во Даблин, пак, смета дека постојат стапки на инфекцијата поради кои е многу опасно да се држат училиштата отворени. Според него, соодветно е за различни места да се користат различни мерки, бидејќи нивната економска состојба е различна, а и ширењето на вирусот е различно.
– Израел, на пример, се соочи со големи епидемии поврзани со училишта. Но затворање на училиштата може да биде дел од решение на некое одредено време. Европските држави направија избор, претпоставувам дека се трудат да ги држат училиштата отворени затоа што тоа е многу важно – додаде тој.