Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска расправа по барањето за одземање на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски, информира МИА.
Во рамки на расправата, пратеникот Павле Богоевски, кој е и претседател на Комисијата, рече дека седницата е закажана денеска бидејќи согласно деловникот имаат рок од два дена да достават известување до претседателот на Собранието. Комисијата, како што рече, не праќа никого во притвор, туку тоа да го прави судот, кој носи одлука дали некој оди во притвор.
Пратениците од опозицијата повикаа на човечност и совест, и да не се постапи по барањето. Сметаат дека со тоа се врши одмазда врз пратеникот, бидејќи не гласал за уставните измени. Не сметаат дека се исполнети условите и дека треба да му се дозволи на Димовски да ја докаже невиноста пред судот. Ова, како што беше посочено во расправата, е осми пат како се бара одземање имунитет на пратеник, а претходно тоа било барано 11 пати.
Димовски, кој беше и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.