Доаѓа време кога ќе се соочиме со фактот дека најверојатно ќе бидат залудни сите повици до меѓународната заедница, до ЕУ и до САД за нивна помош, реинвестирање и посредување во однос на статусот на Македонија, и дома и во надворешните односи. Востановената практика да се бара помош од Западот, според процените на соговорниците, кои ниту се песимисти ниту, пак, нагласени оптимисти, е дека таа практика треба да се напушти, а да почнеме да се потпираме на сопствените сили. Секако дека и натаму ќе биде добредојдена помошта однадвор, во каква било форма, а најмногу со нивно уважување и безрезервно почитување на меѓународното право, меѓутоа реформите дома, системски и стопански, мора да започнат
Зошто македонските граѓани повеќе веруваат дека некој однадвор ќе помогне и ќе им ги реши проблемите
Македонските граѓани многу повеќе веруваат дека некој однадвор ќе им помогне и ќе им ги реши проблемите, отколку што веруваат во способноста на домашните институции во справувањето со предизвиците што постојано се појавуваат.
Најдобар показател за ваквите состојби е најновото истражување на Ипсос, според кое повеќе од половина од македонските граѓани како клучен надворешен фактор за помош за излез од ковид-кризата ја сметаат Србија, додека втора надеж им е Европската Унија, а веднаш зад неа и Кина.
Ова е само еден сегмент од истражувањето што алармира за еден сериозен тренд на општа недоверба во способноста на домашните институции предизвикана од досегашното 30-годишно стагнирање на развојот, менаџирано од различни политички елити, кои наместо да ги зајакнуваат капацитетите на институциите, повеќе се грижеа како да ги стават во партиска функција.
И самите политичари во земјава во ниту еден момент не оставија впечаток дека знаат да ги менаџираат состојбите, туку и тие секогаш кога „ќе загусти“ спасот го бараат во „земјите пријатели“, „сојузниците“, „стратегиските партнери“ и сличните описи на странските држави, без кои очигледно не е замислив ниту еден нормален политички процес.
Затоа и секоја политичка криза во земјава, наместо низ институциите на системот, најчесто се решава со странски посредници, добивање датум за почеток на пристапниот процес во ЕУ се поврзува со помош од Германија, Франција, Вашингтон или некој друг, здравствената криза се надминуваше со вакцинација во соседството, пожарите ги гаснеа пожарникари од Словенија, Австрија, Бугарија, а инфраструктурни проекти се градат со странски донации.
Сето ова добро го гледаат македонските граѓани и затоа сè повеќе веруваат дека спасот во разни кризни ситуации треба да го очекуваат од земјите надвор, отколку дома.
Тоа е поразителен факт за државата, која и по три децении самостојност не успеа да изгради цврсти институции на кои граѓаните ќе им веруваат и кои ќе бидат способни самостојно да ги решаваат проблемите.
Она што сега се наметнува како дилема е зошто граѓаните ја изгубија довербата дома и постои ли некаква надеж таа доверба да се врати и земјата конечно да почне да личи на една суверена држава, која се однесува одговорно кон своите граѓани.
– Тоа е така бидејќи на граѓаните им е јасно дека владеат не многу способните и дека ние не знаеме да се справиме со сите предизвици што ни се случуваат. Причините се протекционизам, форсирање блиски на лидерот, некомпетентност, негрижа, неспособност и секогаш барање полесен начин некој друг да го заврши тоа за тебе. Системот на мериторност одамна го нема, конкурентската борба, во смисла на конкурентност на идеи и дејствувања, исто така исчезна – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
За него е неразбирливо кај нас да не постои етаблиран вредносен систем, кој ги валоризира оние што се способни кадри, оние што имаат знаење, вештини, способности и одговорност, но и општествена и патриотска свест за да работат за јавното добро.
– Ако некој е неспособен, тогаш го менуваш и ќе си одговара законски ако предизвикал некаква штета со своето нестручно работење. Не може само да се бараат изговори дека некој пред нив нешто не сработил, дека нема пари и слично. Кога ќе се постави одговорност за работењето, тогаш може да се зборува за враќање на довербата на македонските граѓани во институциите и верба дека тука, дома, може да се решаваат проблемите, а не постојано да се надеваме на помош однадвор – заклучува Пекевски.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека 80 отсто од проблемите се домашни и треба тука да се решаваат, без да се очекува некој од страна да ни ги решава.
– Кога државата сама ќе се соочува со проблемите и ќе ги решава, нема да остава простор други да ни ги решаваат. Можеби некои општи статуси што зависат од меѓународна структура на моќ може да се решаваат со помош од страна, но сето преостанато треба сами да си го сработиме. Ако Македонија сака да стане убава, модерна и средена држава, тоа зависи само од неа. Бидејќи тоа внатре не се решава, останува граѓаните да очекуваат помош однадвор, дека некој друг ќе им ги реши проблемите – вели Андревски.
Тој нагласува дека очекувањата однадвор изгледаат реални и нужни, бидејќи македонскиот потенцијал не правел доволно да ги воочува и решава проблемите дома.
– Во една таква ситуација, логично е граѓаните повеќе да им веруваат на странските земји, бидејќи тука не се решаваат нивните проблеми. Тоа што зависи од Македонија, внатре, не било секогаш решавано на начин што ќе овозможи решавање на проблемите, отворање развој, отворање можност на потенцијалите да се креираат и развиваат. И во делот на кадровски решенија вечно траела негативната селекција, односно се избирало нешто средно, просечно, меко, да не бранува итн. Во мали нации нема толку луѓе што се добри, затоа треба да се бараат и да им се верува. Кога таквите луѓе ќе ги предводат институциите, неминовно и граѓаните ќе почнат да веруваат во нив – заклучува Андревски.