Прашањето за сертификати за вакцинација беше разгледано минатиот четврток од лидерите на ЕУ, но немаше конкретни решенија. Идејата да се користи пасош за вакцинација сѐ уште не е усвоена на ниво на ЕУ. Уште од почетокот на пандемијата, земјите насекаде во светот, секоја индивидуално, носеа одлуки за рестриктивни мерки за влез и за излез од државата

СЀ УШТЕ НЕМА КОНЕЧЕН СТАВ НА МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ЗА КОВИД-ПАСОШ

Европските власти се поделени за тоа дали да воведат пасоши за вакцини со туристички зависните јужни земји-членки, промовирајќи ги како можен начин за повторно отворање на меѓународните граници и охрабрување за продолжување на патувањето. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис беше на чело на националните лидери што ја повикаа Европската комисија да започне рамка за сертификати за вакцини. Минатата недела тој побара Европската комисија да формира т.н. заедничко разбирање за тоа како сертификатот за вакцина треба да биде структуриран за да биде прифатен и признаен во сите земји-членки на Унијата. Ставот на европските авиокомпании, хотелиери и тешко погодените туристички агенции на континентот е дека тој доказ за вакцинација може да помогне земјите да се „отворат“ побрзо.
Во македонското министерство за здравство велат дека воведување на таканаречен „ковид-пасош“ засега е само размислување на многу земји во светот.

– Дури и некои авиокомпании најавуваат задолжителна вакцинација на патниците. Сѐ уште нема јасен став на повеќето земји на ЕУ и препораки како ќе се патува по вакцинацијата. Идејата да се користи пасош за вакцинација сѐ уште не е усвоена на ниво на ЕУ. Уште од почетокот на пандемијата, земјите насекаде во светот, секоја индивидуално, носеа одлуки за рестриктивни мерки за влез и за излез од државата. Доколку земјите од ЕУ донесат одлука за користење стандардизиран пасош за вакцинацијата, нашата држава ќе ја усвои и спроведе нивната одлука – велат во министерството за „Нова Македонија“.
Секој што ќе биде вакциниран ќе добие потврда за уредна вакцинација што ќе служи како доказ за вакцинација, сѐ додека не се донесе интернационално решение за сертификат за ковид-вакцинација.
Светската туристичка организација на Обединетите нации, минатата недела ги повика земјите да усвојат дигитални пасоши за вакцинација, со кои граѓаните повторно би патувале.

– Вакцините мора да бидат дел од поширок, координиран пристап, кој вклучува сертификати и пропусници за безбедно прекугранично патување – рече Зураб Пололикашвили од светската туристичка организација, на глобалниот собир за туризам во Мадрид.
Но од друга страна, овде се и реакциите на епидемиолозите, кои предупредуваат дека патниците што носат документ со кој се потврдува дека биле заразени, сепак може пак да се заразат и да го шират вирусот.
Прашањето за сертификати за вакцинација беше разгледано минатиот четврток од лидерите на ЕУ, но немаше конкретни решенија. Официјални претставници на ЕУ велат дека постојат голем број критични прашања на кои треба прво да се одговори, вклучувајќи и дали вакцинираните лица сè уште можат да го шират вирусот.
Исто така, постојат несогласувања за тоа кои правила треба да се применуваат за патниците што примиле вакцини што не се одобрени од Европската агенција за лекови.

Поради недоволно снабдување со вакцините на „Џонсон“/„Фајзер“ и „Модерна“, кои се одобрени од Европската агенција, Унгарија купува резерви на руската вакцина „спутник V“.
Марош Сефчовиќ, потпретседател на Европската комисија, рече дека вакцинацијата може да стане услов за патувања, како што се тековните барања во многу земји за негативен тест.
– Beќе има различни опции како се справуваме со патувањето. Може да се додаде можноста за електронско уверение за вакцинација – рече тој.