Во заедничкиот именител од изјавите на повеќе експерти од областа на статистиката и демографијата, над сѐ, се истакнува дека на Македонија недвосмислено ѝ е потребно спроведување попис, за да почне да функционира како модерна европска држава. Второ, дека таква обемна операција e исклучително тешко, дури и невозможно да се спроведе годинава
Подготовки за декаден попис на населението во Европа
Постои ли шанса Македонија да го спроведе пописот на населението по 18-годишен застој од последно спроведената статистичка операција во земјава? Старо-новата дилема се актуализира деновиве кога европските држави најавија дека се подготвуваат за спроведување на редовниот декаден циклус пописи на населението во Европа. И додека ЕУ во процедура и плански се подготвува за пописите наредната година, интернет-порталот „Јуропиан Вестерн Балканс ЕВБ“, потсетува дека Македонија, Украина и Босна и Херцеговина се европски држави што „којзнае од кога“ немаат спроведено попис на своето население.
Подбивање со државите поради неспроведени пописи
Сепак, во делот што се однесува на нашата земја порталот попедантно потсетува дека последниот попис во Македонија бил спроведен во 2002 година. Во контекст на неорганизирање на таа статистичка операција, многу значајна за секоја држава, порталот изнесува информација дека од 2010 година, па досега само 21 земја во светот не успеале да спроведат попис на населението. Тука порталот истакнува дека попишувањето на населението во Македонија било запрено во 2011 година „делумно поради политичките стравувања од неповолни бројки на етничката структура“.
Порталот објаснува дека според македонскиот Устав, јазичните права и соодветната застапеност се загарантирани за етничките заедници што надминуваат 20 проценти од населението.
– Во 2002 година етничките Албанци сочинуваа околу 25 отсто од двата милиони македонски граѓани. Но се стравува дека следните резултати од пописот нема да соодветствуваат со оние во 2002 година и би можеле да ја отворат опасната Пандорина кутија, што претставува постојана пречка за одржување фер и точен попис на населението – пишува ЕВБ.
Попис до крајот на годинава е невозможна мисија
Во контекст на актуелните случувања, посебно внимание заслужува изјавата на оваа тема што во својство на вицепремиер ја даде функционерот на ДУИ, Бујар Османи, кој во јули годинава најави дека подготовките за спроведување на пописот ќе започнат по изборите во земјата. Барајќи конкретни показатели за тоа кога реално би можел да се одржи пописот кај нас, побаравме мислење од соодветни експерти за оваа област. Во заедничкиот заклучок, над сѐ, е истакнато дека на Македонија недвосмислено ѝ е потребно спроведување попис, за да почне да функционира како европска модерна држава. Второ, дека таква обемна операција тешко може да се спроведе годинава.
Демографот Дончо Герасимовски вели дека потребата од попис на населението во државата е неминовна и таа е од голем интерес за функционирањето на земјата, на економијата и на општеството.
Според него, токму затоа организираните европски држави во координирана операција, како актуелната, во заеднички напор се обидуваат сега сите заедно да изработат статистичка слика за Европа. До таквиот резултат тие треба да дојдат кога ќе ги споредат и ќе ги вкрстат сите информации добиени од пописите во државите.
Според искусниот демограф Герасимовски, кај нас, од друга страна, пописот иако е нужен, поради политички несогласувања и етнички препирки, не е спроведен речиси две декади.
– Јас сметам дека кај нас и покрај трендот во Европа, но и покрај најавите од политичарите во земјата, е невозможно да се спроведе издржан попис годинава. Тоа го тврдам поради фактот дека ние немаме донесено закон за оваа проблематика, а во сила е старото законско решение, кое е уште од пред две декади. Дополнително, оваа операција чини многу и таа по своите параметри е нелогично да се изведе ако однапред не е добро осмислена и испланирана – вели демографот.
Според Герасимовски, додека Македонија сѐ уште функционира со податоци од пред приближно две декади, Европа, па дури и нашето соседство одат напред со светлосна брзина. Тој како позитивни примери од регионот ги издвојува Словенија и Хрватска, кои комплетно ја дигитализирале оваа проблематика и располагаат со најсовремени законски и статистички решенија за пописот на населението.
Попис „со сите нишани“ за две години
Професорот Никола Панов од Институтот за демографија е на иста линија со Герасимовски. Тој вели дека шансите да се спроведе во Македонија квалитетен и издржан попис по европски правила, како процесот што во моментов е актуелен на Стариот Континент, се минимални.
– Обемна статистичка операција, како што е пописот, да биде спроведена по сите нишани е неизводливо во наредните две години, дури и ако сега ја почнеме процедурата. Кај нас немаме ново законско решение, немаме ниту усогласени процедури во министерствата за меѓуресорска соработка. Да не зборуваме дека пасивни се парламентарните и државните комисии, како и Заводот за статистика, па од тука е многу тешко да се очекува спроведување на еден ваков комплициран зафат од кој се очекуваат исклучително важни резултати – вели професорот.