Македонштината никогаш ниту била ниту ќе биде етнонационализам и шовинизам, беше и си останува едно слободарство. Тоа е идеологија на етнички, религиски и културен плурализам. Тоа е политичко-морален систем за сплотување на сите жители на Македонија без разлика на нивната народност и вера, борба против екстремниот национализам и шовинизам без разлика од каде пристигнува
Нашата насушна потреба и во 21 век
Многумина ја имаат слушнато „Гвантанамера“, но малкумина знаат дека тоа се стихови на кубанскиот поет Хосе Марти: „Јас сум искрен човек од каде што расте палмата и пред да умрам посакувам да ги искажам стиховите од моето срце. Мојот стих е светлозелен и светлоцрвен. Мојот стих е ранет елен што бара засолниште во планините. Одгледувам бела роза во јули и јануари за искрен пријател што отворено ми ја подава својата раката. За безмилосниот што го растргнува срцето од кое живеам, не одгледувам трње и горчливи лисја. Јас одгледувам бела роза. Ги одбрав сиромашните како мој народ и ги споделив нивните соништа и неволји. Поскоро би ја изгубил секоја удобност отколку да се оддалечам од нивната борба. Ја познавам длабоката тага на оние без име, човековото ропство е најголемата тага на светот. Не ставајте ме во темнината да умрам како предавник. Јас сум праведен и ја сакам правдата. Кога ќе умрам моето лице ќе биде кон сонцето.“
Кој е авторот на овие стихови? Хосе Марти останува запаметен како еден од најпочитуваните латиноамерикански писатели што твореле на шпански јазик. Секое дете од Рио Гранде до Огнената Земја наизуст ја знае неговата поема „Бела роза“ (Rosa Blanca). Но Марти беше многу повеќе од писател! На 11 април 1895 година, по неколкугодишна емиграција во Соединетите Американски Држави, пристигнува на Куба со намера да им се придружи на востаниците против шпанската власт. Набргу востаничките сили се судираат со шпанската армија. Непосредно пред битката, востаничкиот генерал Хуан Гуалберто Гомез му наредува на Марти да остане во заднината и да не учествува во борбата.
Но за човек што целиот живот го посветил на слободата, оваа наредба немала значење и се втурнал кон првите борбени редови. Никој не можел да го одврати и сите укажувања биле безначајни. Марти бил препознаен и смртно застрелан.
Но Марти не беше обичен револуционер, тој беше идеологот на латиноамериканската борба за слобода и независност, останува запаметен како апостолот (el apóstol) еден од најголемите латиноамерикански херои. Која беше неговата идеологија? Тој веруваше дека земјите од Латинска Америка треба да ја знаат реалноста на сопствената историја. Ја согледа потребата од сопствена литература и се залагаше за одделен национален идентитет. Не случајно во неговата идеологија провејуваат идеите за слободата, демократијата, правдата, патриотизмот итн. Слободарството е суштината на неговите политички и морални погледи. Затоа вели дека: „Слободата е право на секој човек да биде искрен, да размислува и да зборува без хипокризија. Слободата е суштина на животот. Ние сме слободни, но тоа не значи дека треба да бидеме злобни и рамнодушни кон човековото страдање. Луѓето немаат посебно право затоа што припаѓаат на една или друга раса. Зборот човек ги дефинира сите права. Дискриминацијата е спротивна на човековата природа и е непријател на мирот.“
Зошто го споменуваме Хосе Марти и каде е македонштината во оваа приказна? Многумина заборавија дека и ние имаме апостол! За оние што го заборавија да ги потсетиме дека неговото име е Гоце Делчев! Идеолошки гледано, нашиот апостол има идентична сушност со кубанскиот апостол.
Само прочитајте ги Делчевите мисли и ќе ви стане јасно за што говориме, а за оние што не се запознаени со неговите идеолошки разбирања, да потсетиме. Македонскиот апостол велеше: „Моралната револуција – револуција на умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголемата задача… Ропството се должи пред сѐ на самиот роб, кога робот ќе престане во душата да биде таков, ропството исчезнува само по себеси…“
Познавачите на неговиот лик и дело велат дека Делчев и неговите другари, светогледот го изградија под влијание на хуманистичките идеи на 19 век, паролите на Париската комуна, револуционерната 1848 година и прокламираните човечки права од великата Француска револуцијa што гласат: „Слобода, еднаквост и братство!“
Но тоа не е сѐ, Делчев исто така говореше: „Ќе бидете многу наивни, ако им верувате на нашите зборови, гледајте ги нашите дела.“ Затоа не треба да се зачудуваме што токму тој беше човекот што на Внатрешната организација ѝ даде чисто народнодемократска форма и ја зачува од опасноста да биде завлечена во водите на национализмот и шовинизмот. Затоа Организацијата беше изградена врз крајно демократска основа и како таква – туѓа за национализмот и шовинизмот, организација на експлоатираната селска маса, пропаднатите градски еснафи, народната интелигенција. Со еден збор – на угнетените и социјално слабите слоеви што се бореа за слобода, земја и подобар човечки живот. Затоа не смееме да заборавиме дека прославата на Гоце Делчев е прослава на слободата и демократијата, истите оние вредности врз кои лежи денешната слободарска Европа!
Актуелната македонско-бугарска „полемика“ за Делчев е многу посложена отколку што навидум изгледа. Не станува збор за неговата национална или етничката припадност, туку за нешто многу посуштинско и посложено. Затоа кога говориме за одредена материја, мора да ја познаваме нејзината внатрешна содржина, во спротивно се доведуваме во опасност да говориме нелогичности и глупости! Големиот филозоф Александар Кожев, најголемиот толкувач на Хегел во 20 век и еден од основачите на Европската Унија, вели дека историјата можеме да ја разбереме како натпревар или судир помеѓу две идеологии. Зошто го говориме ова? Затоа што преку оваа дијалектика можеме да го разбереме и судирот помеѓу македонштината и бугаризмот, судир што трае речиси два века. Станува збор за две идеологии што си противречат и се негираат, како такви никогаш не можат да коегзистираат.
Македонштината никогаш ниту била ниту ќе биде етнонационализам и шовинизам, беше и си останува едно слободарство. Тоа е идеологија на етнички, религиски и културен плурализам. Тоа е политичко-морален систем за сплотување на сите жители на Македонија без разлика на нивната народност и религија, борба против екстремниот национализам и шовинизам без разлика на нивното потекло. Вака разбрана и дефинирана, македонштината по својата сушност е плурална и мултикултурна. Каков апсурд! Само помислете, македонштината е мултикултурализам и плурализам, се оформува како идеологија дури и пред да бидат измислени зборовите мултикултурализам и плурализам. Денес многумина се обидуваат да нѐ подучуваат за етничкиот, религискиот и културниот плурализам, но забораваат дека токму мултикултурализмот и плурализмот се суштинските карактеристики на македонската нација и држава.
Многумина нема да се согласат со оваа констатација, но „ако баба лаже, трап (кантар) не лаже!“ Во ставот на Внатрешната организација од 1905 година се вели дека член на организацијата може да биде секој „без разлика на полот, верата, народноста и убедувањето“. Некој пред 116 години имал свест и собрал храброст да обмисли ваква формулација, во време кога екстремниот национализам владееше со душите на европските нации! Мислам дека се јасни работите, но ајде да потсетиме. За мултикултурализмот се вели дека е општествена и политичка филозофија што се стреми кон соработка на различните етнички групи што водат дијалог едни со други без да ги жртвуваат своите посебни идентитети. Не смееме да заборавиме дека плурализмот е слободно, јавно изразување и застапување на различните мислења и ставови. Да бидеме на чисто! Ниту го величаме ниту го браниме мултикултурализмот, само констатираме. Македонштината беше и си останува мултикултурализам – во вистинска смисла на зборот, за разлика од денешниот „мултикултурализам“ што е облечен во рувото на тиранијата, тоа е тиранија на одредена етничка заедница врз сите други граѓани на Македонија.
Да напишеме два-три реда и за бугарштината. Кога говориме за бугарштината не треба да ја поврзуваме со бугарскиот патриотизам и љубовта кон бугарските особености. Станува збор за екстремен национализам и шовинизам со тенденција за асимилација. Тоа е еден етнонационализам што секогаш бил агресивен и исклучувачки.
Досега Европа и Соединетите Американски Држави беа неми набљудувачи на надворешната политиката на Бугарија кон Македонија. Но како да забораваат дека од исходот на „недоразбирањата“ помеѓу Софија и Скопје зависи иднината на самата Европска Унија. Ова е судир за душата на Европа и од овој резултат ќе зависи дали ќе живееме во слободна, демократска и плурална Европа, или во една балканизирана Европа во која ќе владеат екстремниот национализам и автократија. Затоа е време Брисел и Вашингтон да излезат со јасен став. Што се однесува пак до нас, не смееме да заборавиме дека историјата како наука ни е потребна за не ги заборавиме суштинските карактеристики на македонската нација и држава – слобода и еднаквост за сите без разлика полот, верата, народноста и убедувањето.
Да завршиме со Хосе Марти, кој вели: „Луѓето можат да бидат слободни само ако се вистински школувани!“