За разлика од претходните изборни циклуси, за претстојните претседателски избори, што ќе се одржат на 21 април, бројот на лица кои побарале да гласаат во домашни услови, во трите општини од Кичевско-бродскиот регион е нешто помал и нивниот број изнесува 193 лица.
-За разлика од претходните изборни циклуси, за овие избори во нашата општина имаме намален број на граѓани, болни и изнемоштени, кои побарале да гласаат во домашни услови. Така за претстојните претседателски избори прифатени се 74 барања, од кои 73 лица побарале да гласаат во домашни услови и едно лице да гласа во притвор. Болните и изнемоштените лица, за да можат да го остварат своето избирачко право, мораа до комисијата да достават извештај од лекар специјалист за природата на болеста. Во домашни услови во нашата општина ќе се гласа на 31 избирачко место, а најголем број болни и изнемоштени лица за домашно гласање се пријавени во градот, на избирачкото место 0739 вкупно 11 – рече Антигона Сефери, претседател на ОИК за општина Кичево.
И во општина Македонски Брод бројот на лица што побарале да гласаат во домашни услови е нешто помал од претходно, но сеуште доста висок во однос на вкупниот број на гласачи.
-Во нашата општина во домашни услови ќе гласаат 105 граѓани на 31 избирачко место. Повеќето од овие граѓани се со решение за туѓа нега. Овој пат поради несоодветна документација или нефигурирањето на единствениот избирачки список, одбиени се 9 барања. Правото на глас овие лица ќе можат да го остварат на 20 април во период од 8 до 19 часот, кога на домашна адреса ќе ги посетат претставници на избирачките одбори – рече Лена Милошеска, претседател на ОИК за Македонски Брод.
Во општина Пласница 14 лица се пријавиле да гласаат во домашни услови од кои прифатени се 13 барања. Овие лица се на 5 избирачки места во општинскиот центар Пласница, каде вкупниот број на гласачи изнесува 4 971 лице.
Инаку најголем број лица кои побарале да гласаат во домашни услови во оваа општина е на избирачкото место 0277 вкупно 5.
Карактеристично е што едно лице во Општина Кичево, кое побарало да гласа во домашни услови во меѓувреме починало.
Во текот на денешниот ден до општинските комисии ќе се дистрибуира доверливиот избирачки материјал. З.А.