Никогаш порано во историјата на човештвото не постоела толку нееднаква и неправедна распределба на ресурсите и можностите. Никогаш порано во историјата на Македонија за дел од центрите на политичка моќ надежта за полноправно членство во ЕУ не била поголема, но никогаш, за жал, таа не направила толку многу штета како денес. Никогаш не научивме како да се откажеме од надежта, па затоа денес згаснуваат, изумираат македонскиот јазик, идентитет, држава. Ќе запре ли ова лудило, во името на надежта, да ја игнорираме реалноста што нѐ доведе до безнадежие?
Во денешнава колумна ќе зборувам за надежта, општо кажано, за душевната состојба на очекување, на верување дека ќе се случи, ќе се исполни тоа што се очекува. Размисли и дискусии за надежта може да се најдат низ сите западни филозофски традиции, па така, на пример, за Тукидид, надежта е мелем, задоволство, опасност и причина за загуба, додека парафразирајќи го Хесиод, според кого само надежта останала во Пандорината кутија откако избегале сите други зла, би можеле да кажеме не само дека надежта опстојува тогаш кога сме опкружени со зла туку и дека таа е едно од нив. Иако многу филозофи признаваат дека надежта игра важна улога во однос на човечката мотивација, верските верувања и политиката, денес ќе се задржам на погледите на Хана Арент, мислителка, активистка, филозофка, една од најважните политички мислители на 20 век, чии книги и статии имаат трајно влијание врз политичката теорија и врз филозофијата.
Во многу есеи и книги, Арент зборува токму за надежта. Така, во есејот „За човечноста во темните времиња“, таа пишува: „Во надеж, душата ја игнорира реалноста, бидејќи во страв таа (надежта) се намалува од неа (реалноста).“ И нејзината книга „Потеклото на тоталитаризмот“ (1951 година) започнува со дискусија за надежта, додека, пак, во есејот „Уништување на шест милиони“ (1964 година), Арент одговара на две прашања. Првото, зошто светот молчеше додека Хитлер го убиваше еврејскиот народ и дали нацизмот има или нема корени во европскиот хуманизам? Второто, кои се изворите на беспомошност кај еврејскиот народ? На првото прашање, Арент одговора дека „светот не молчеше, но, освен што не молчеше, светот не направи ништо.“ Според неа, тоа не беше неуспех на европскиот хуманизам, туку на европскиот либерализам и „неподготвеноста да се соочиме со реалноста“ и желбата пред фактите „да се избега во рајот на некоја будала со цврсти идеолошки убедувања“. Во врска со второто прашање, Арент го цитира полскиот поет Тадеуш Боровски, затвореник во германските концентрациони логори „Аушвиц“ и „Дахау“, којшто кратко време пред да се самоубие во 1951 година, на 28 години возраст, ги напиша овие редови: „Никогаш порано во историјата на човештвото надежта не била посилна од човекот, но никогаш исто така не направила толку многу штета како во оваа војна, во овој концентрационен логор. Никогаш не нѐ научија како да се откажеме од надежта и затоа денес умираме во гасни комори.“ Според Арент, надежта ги направи луѓето беспомошни и ги спречи да дејствуваат храбро во темни времиња. Па затоа, единствената книга, што таа ја препорачуваше на нејзините ученици е „Надеж против надежта“ од Надежда Манделштам, сопругата на рускиот поет Осип Манделштам, во којашто е опишан животот под режимот на Сталин и борбата да се остане жив.
Денес ќе пишувам за три теми што станаа дел од македонската реалност, во името на надежта. Првата тема е поврзана со Спогодбата од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија. За недостатоците или придобивките на спогодбата и договорот пишувале други, вклучувајќи ме и мене, па затоа, денес ќе се осврнам на друг момент за кој досега воопшто не сум пишувал. Фактите дека: (1) Грција и Бугарија ги немаат ни потпишано (или ратификувано) Рамковната конвенција за почитување на националните малцинства и Повелбата за регионални и малцински јазици, (2) според нивните официјални политики и документи, во Грција и во Бугарија нема малцинства и (3) е забранета регистрација на политички партии или културни здруженија на Македонците, кои немаат ни можност за образование на мајчин јазик, немам намера да ги коментирам – оставам прогресивните мислители во двете земји да проговорат за нив. Меѓутоа, фактот дека со Спогодбата од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, ние, во името на надежта за европска интеграција, се откажавме од Македонците во Бугарија и во Грција и од одбрана на нивните права, е застрашувачко, понижувачко, нечовечно, апсурдно, бесмислено – немам зборови со кои можам да го опишам тој чин. Како се чувствуваат Македонците во Егеј и во Пирин, нивните потомци во Македонија и во светот, по фактот дека македонската држава ги избриша нив?
Втората тема се случувањата во образовниот систем и некои изјави на раководните лица на Министерството за образование и наука. Матеја Матевски ќе напише: „Во книгата се стапува како во драг и пречеклив дом. Како во куќа на пријател на кого му ги носиме како подарок нашата приврзаност, љубов и љубопитство, а таа ни дарува сеќавање на неа, препознавање на самите нас дека сме биле во неа и дека уште сме“. Во расказот „Библиотеката на Вавилон“, Борхес зборува за (конечна) библиотека што ги содржи сите книги некогаш напишани и секоја можна пермутација или малку погрешна верзија на секоја од тие книги. Филозофските импликации на овој расказ се многубројни. Библиотеката станува искушение, дури и опсесија, затоа што ги содржи, но истовремено и ги крие (во библиотеката има многу некорисни работи), оние книги што нудат одговори на нашите клучни прашања. Па затоа, книгите не се палат, не се забрануваат и не се повлекуваат од јавноста, учебниците не се забрануваат за користење само затоа што припаѓаат на Гутенберговата галаксија, а оние што ги користат не се прогонуваат и казнуваат. На плоштадот „Бабел“ (Bebelplatz) во Берлин, едно од местата каде што се одржа церемонија на палење книги, вечерта на 10 мај 1933 година, денес се наоѓа спомен-обележјето „Празна библиотека“, составена од стаклена плоча поставена во калдрма, на којашто е врежана репликата на Хајнрих Хајне од неговата драма „Алмансор“ (Almansor, 1821): „Тоа беше само увертира; каде што тие палат книги, на крајот ќе горат и луѓе“.
Третата тема се случувањата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Оваа година студентите не можат да избираат изборни предмети од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици! Како е можно тоа? Зошто? Од една едноставна и проста причина – тие предмети се избришани, ги нема?! Што мислите: случаен технички пропуст или веќе видено однапред одредено сценарио? Од кого? Така, на пример, веќе не можат да го избираат и со тоа да го слушаат предметот Македонски јазик во балкански контекст. Пораките што сакаат да се пратат се јасни – македонскиот јазик не треба да се изучува во балкански и/или јужнословенски контекст, туку само во бугарски контекст (како негов дијалект). Оттаму, од истите причини, неформално беше извршена и промената на називот на „Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици“, така што на многу места од самите професори на факултетот ќе слушнете/прочитате „Катедрата за македонски јазик“. Сакам да подвлечам дека таа промена не е сѐ уште направена и можеби никогаш нема да се направи, со други зборови точниот називот на катедрата е „Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици“, но сите овие пропусти, пишувања и говорења согледани во синергија, сепак, треба да загрижат.
Деновиве во еден здив ја изгледав јужнокорејската драмска телевизиска серија „Игра на лигни“ (на англиски Squid Game, на корејски Ojingeo Geim). Во серијата се опишуваат физичките и психолошките предизвици со кои се соочуваат 456 очајници за да преживеат. Тие по свој избор одлучуваат да играат шест детски игри за шанса да освојат парична награда, но со смртоносни казни. Натпреварот (кој се состои од шест игри) е осмислен и реализиран за да ги забавува богатите луѓе, кои добиваат можност наместо да се обложуваат во трки, на пример, со коњи, тоа да го прават со луѓе, но за разлика од трките со коњи, губењето во игрите резултира со смрт на играчот. Иако серијата зборува само за економската нееднаквост во Јужна Кореја, пораките што ги праќа се повеќеслојни, не само во однос на економската туку и во однос на општествената нееднаквост на граѓаните во една држава.
Никогаш порано во историјата на човештвото не постоела толку нееднаква и неправедна распределба на ресурсите и можностите. Никогаш порано во историјата на Македонија за дел од центрите на политичка моќ надежта за полноправно членство во ЕУ не била поголема, но никогаш, за жал, таа не направила толку многу штета како денес. Никогаш не научивме како да се откажеме од надежта, па затоа денес згаснуваат, изумираат македонскиот јазик, идентитет, држава. Всушност, „неподготвеноста да се соочиме со реалноста“ и желбата пред фактите „да се избега во рајот на некоја будала со цврсти идеолошки убедувања“ нѐ доведоа таму каде што сме денес. За Арент, надежта ги прави луѓето беспомошни и ги спречува да дејствуваат храбро. Па така, заради надежта за полноправно членство во ЕУ дозволиме бришење на Македонците во Егеј и во Пирин, дозволивме бесмислени реформи и дивеења во образованиот систем и неодговорно се однесуваме кога, од кои било причини, се бришат предмети во наставната програма на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Ќе запре ли ова лудило, во името на надежта, да ја игнорираме реалноста што нѐ доведе до безнадежие? Имаме ли храброст „да бидеме херои само еден ден“?