Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен, истакна претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање во Собранието, напоменувајќи оти крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог.
Претседателот смета дека Македонија има светски референтни дела на тој план и не смее да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, а не заради нив. Тој нагласи дека е потребна далеку поголема грижа за македонскиот јазик, стожерните културни институции, за нашите паметници и за виталните белези на нашиот идентитет.
– Децениските оспорувања на нашиот идентитет, нè натераа да се свртиме повеќе кон заштитата и промоцијата на националното културно наследство – рече Пендаровски.