Во организација на премиерот Зоран Заев, денеска во Владата се одржа трибина на тема „Патот на независност“, која беше најавена како една од повеќето настани посветени на најважните историски, политички и општествени аспекти од развојот на нашата држава во трите децении од независноста.

Дебатата ја отвори премиерот кој рече дека оваа трибина се фокусира на референдумското изјаснување на граѓаните на 8 септември 1991 година на прашањето „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

Како што рече тој, некои хроничари контроверзата во однос на референдумското прашање ја гледаат од аспект на посебната грижа за односите што ќе ги имала тогашната Република Македонија со поранешните републики на Југославија, наспроти внатрешните меѓуетнички односи, во кои најголемата заедница после македонската, албанската, тогаш инсистирала на референдумско прашање кое повеќе ќе ги дефинира внатрешните односи помеѓу заедниците во државата.

 

– Мојата лична опсервација на референдумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања, кои беа врвен приоритет и на претседателот Глигоров кој беше свесен за пресудната улога на меѓуетничкиот соживот, како и зачувување на мирот во земјата. На една таква предострожност повикуваа и искуствата и настаните од сите поранешни југословенски републики кои прогласуваа независност и со тоа се соочија со воени дејствија кои однесоа многу жртви – потенцираше Заев.

Според редоследот на учеството на трибината, првиот претседател на повеќепартиското Собрание, Стојан Андов, евоцираше спомени со нагласка на седницата на Собранието кога била донесена Декларацијата за сувереност на 25 јануари.

Тој истакна дека тој политички документ донесен со огромно мнозинство во Собранието бил првиот голем чекор кон прогласувањето на независноста на земјата.

Поранешниот министер за надворешни работи и министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, истакна дека овие сеќавања и рефлексии на тие настани се архива од непроценливо значење.

Тој нагласи дека целиот период на подготовка и прогласувањето на независноста се историски процес и настани кои се неповторливи и без втора шанса и како такви биле спроведени со најголема одговорност за историскиот предизвик.

Фрчкоски потенцираше дека исклучително важно било целиот процес да не заврши во национализам и во конфликти и дека инклузивноста на политичките елити на Албанците во земјата бил конструктивен фактор без оглед на разликите за некои важни прашања.

– Одговорот на македонската политичка елита во тоа време беше голем и соодветен на предизвикот и во однос на меѓународното одобрување на прогласувањето на независноста, токму заради фактот што таа беше остварена без конфликт – рече Фрчкоски.

Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии во првата експертска Влада ја потенцираше важноста на еманципацијата на тогашните политички елити кои, како што кажа, се одважиле да се ослободат од наследството на наследната политичка култура и страв од едноумието и нивната храброст да ја прифатат историската одговорност за прогласување независна држава.

Поранешниот пратеник и претседател на Влада, Љубчо Георгиевски поентираше со ставот според кој најзаслужен за независноста на Македонија е поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ и неговата политичка грубост.

Во тие моменти кога беше неизвесно како ќе реагираат ЈНА и Милошевиќ, рече Георгиевски, од денешна гледна точка пресудно беше единството околу идејата дека мора да се покрене процесот и да се оствари независност, без оглед на тогашните разлики како да се спроведе и успешно да се реализира таа цел.

Во своето обраќање на трибината, Васил Тупурковски, се задржа на кристализирањето на концептот на изградба на граѓанска држава според Уставот, наспроти националниот концепт, и дека околу ова прашање биле пропуштени можности да се постигне заеднички пристап со политичките партии на Албанците во периодот непосредно по прогласувањето на независноста.

Мухамед Халили, како пратеник во првиот состав на плуралното Собрание го истакна својот став дека за него историска вистина е дека првите парламентарни избори во фокусот ја немале независноста на државата, туку на унапредување на нејзините институции.

Сепак, клучен пресврт, рече Халили, беше распаѓањето на поранешниот сојуз на републики на Југославија што го постави прогласувањето на независност на тогашна Република Македонија како историска неизбежност.

Ѓулистана Маркоска во своето обраќање потенцираше дека заедништвото и единството на сите, на пратениците, на политичките партии и на граѓаните околу прогласувањето на независноста е една од најголемите вредности на тој процес.

Насер Зибери, сегашен народен правобранител и поранешен пратеник истакна во периодот 1990-1991 тогашната партија ПДП имала цврсто изграден став дека доколку се случи заминување на една од републиките на СФРЈ, Македонија треба да си оди исто така.

Поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески, евоцираше дека неговата задача била волјата на народот изразена и низ декларациите за независност во Парламентот да ја спроведе на меѓународен план, а тој како министер, го презел МНР без никакво примопредавање и како извршен орган на Владата во кој никој не бил оспособен ниту подготвуван да работи на признавањето на Македонија како самостојна држава на меѓународен план.

– На првата конференцијата за Југославија со нашите ставови излеговме од сенката на СФРЈ, на Србија и на Милошевиќ – рече Малески и додаде дека потоа следувало мислењето на комисијата на Бадинтер и признанието дека Република Македонија ги исполнува сите услови да биде прифатена и признаена како самостојна држава.

Во заклучните зборови на оваа трибина, премиерот Заев како домаќин на учесниците во дебатата, нагласи дека презентираните сеќавања и дискусии се значајни записи и хроника за едно време.

Тој посочи дека најважната лекција која може да се извлече од годините кога конечно созреа и се спроведе одлуката за референдум за независност, е дека нашата земја, за разлика од тогашните други југословенски републики, својата независност ја стекнала без воени дејствија, по мирен пат.

– Тој начин на мирољубив и конструктивен пристап во решавањето и на најсложените прашања и конфликти е нашата константа која стана маркантна карактеристика за нашата земја и која како вредност ја препозна и меѓународната заедница – истакна Заев во завршното обраќање на трибината „Патот на независноста“.