За разлика од Бугарија и од Грција, во кои е забележан драматичен пад на довербата и земји кои патем практикуваат и неевропска и уценувачка политика и кон Македонија, кај населението на земјите од северот на Европа, како Финска и Данска, владее спротивен тренд и таму сѐ посилно им се верува на политиките на владите на овие држави
ИСТРАЖУВАЊЕ НА „ЕУРОФОУНД“
Зголемено ниво на недоверба во властите во Бугарија и во Грција регистрира истражувањето на „Еурофоунд“, кое ја опишува довербата на електоратот во спроведените политики на редица европски земји во изминатиов период.
За разлика од Бугарија и од Грција, кои патем практикуваат и неевропска и уценувачка политика и кон Македонија, кај населението на земјите од северот на Европа, како Финска и Данска, владее спротивен тренд и таму сѐ посилно им се верува на политиките на владите.
Од македонска перспектива на случувањата, интересен е фактот дека во однос на Бугарија, која нѐ блокира на патот кон ЕУ, истражувањето на „Еурофоунд“ всушност покажува дека ниту нивните граѓани не им веруваат на тамошните ретроградни националистички и шовинистички политики, кои очигледно Софија ги практикува. Дополнително, наодите од истражувањето се уште една потврда дека Бугарија не практикува ниту вистинска демократија ниту во својот политички систем ги вреднува и спроведува демократските и европски вредности.
Неодамна и германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн, предупреди дека Бугарија е на пат да ја уништи политиката на ЕУ за регионот, а тоа ќе биде и целосен пораз за Унијата. Амбасадорката напомена и дека поради несфатливата бугарска блокада почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ процесот на проширување се претвора во фатаморгана. Оваа изјава на Холштајн, веројатно, на најпрецизен начин ги поткрепи наодите на „Еурофоунд“. Сличен заклучок имаше и поранешниот американски амбасадор на САД во Бугарија и еден од коавторите на Охридскиот договор во Македонија, Џејмс Пардју, кој во интервју за ДВ рече дека Софија нема право да ја малтретира Македонија со историски барања што немаат демократска и европска вредност.
Во меѓувреме, политиколозите и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека нас не треба да нѐ изненадуваат овие заклучоци за нелогичниот начин на кој функционираат балканските земји, кои иако се членки во Унијата тие во суштина не ги практикуваат вистинските демократски и европски вредности на домашен и на надворешен план.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека актуелниот тренд не е нов заклучок, тој редовно се повторува одвреме-навреме во различните анкети и анализи и додава дека практикувањето на вистинската демократија изостанува од Балканскиот Регион, споредбено со скандинавските земји.
– Не сум сигурен дали овие состојби во регионот, во суштина се резултат на лошата традиција на практикувањето на демократијата или се само нусефект на нестабилноста во функционирањето на системот на државните политики. Граѓаните на земјите за кои зборуваме верувам дека најмногу патат од самоволието во дејствувањето на нивните политички елити. Оваа состојба е проблем за целиот регион, не само за споменатите земји, бидејќи покажува дека секој оној што ќе дојде на власт во одредена држава си спроведува политики какви што мисли дека треба, а не политики што ќе се во согласност со расположението на електоратот и во согласност со мислењето на меѓународната заедница – вели Арсовски.
Политикологот Синиша Пекевски, во свој осврт на состојбите, заклучува дека во суштина европските вредности се камен на сопнување во меѓународните политики на Балканот бидејќи сето зависи од еден тесен сооднос на доверба меѓу земјите и народите.
– Ако не го почитувате мислењето на другиот и ако не спроведувате политики во согласност со европските норми, тогаш со сигурност и на домашно поле вашиот електорат, кој е прозападен и проевропски, нема да има доверба во вашата влада. Ова важи искрено подеднакво за сите во регионот без притоа да се прави исклучок само за Бугарија – вели Пекевски.
Дополнително, според Пекевски, и самата Европска Унија во која Македонија сака да стане член е така дизајнирана што не може многу да дејствува против штетните политики на некоја своја земја-членка, колку и да се тие дискриминаторски кон земјите што сакаат да станат нови членки.
– Не можеме да говориме за европски вредности и демократија, внатре во ЕУ, ако на сите им е јасно дека Бугарија не ги почитува, а нема механизам таа да се казни за овие процеси. Затоа, ако навистина треба да постојат демократски и европски вредности, Унијата сама треба да се реформира, а потоа истото тоа да го бара и од земјите од Балканот, кои очигледно ни приближно не се придружуваат кон она што Брисел го прокламира како официјален став на ЕУ – резимира тој.
Бугарски министер јавно го потврди купувањето гласови
Во меѓувреме, како потврда дека опаѓаат демократските и европски вредности кај нашиот источен сосед, можеби може да се протолкува и последната изјава на тамошниот министер за финансии Асен Василев, кој за „Еуро-актив“ изјавил дека бугарските компании во земјата имаат милиони евра на своите сметки, кои најверојатно ќе бидат искористени за купување гласови на претстојните избори и за спроведување коруптивни дејности во државата.
– Според прелиминарните информации со кои располагаме, меѓу фурмите има огромни салда на готовина во пари во Бугарија. Овие пари компаниите не ги чуваат во банки, но тврдат дека ги чуваат во сеф. Зборуваме за милијарди и ако намерите за купување гласови се точни, тогаш тоа веројатно ќе се изврши со пари од корумпирани и мрачни бизниси – изјавил Василев.