Проф. д-р Илија Велев

ЗОШТО САМУИЛОВОТО ЦАРСТВО БИЛО СЛОВЕНСКО И МАКЕДОНСКО? (1)

По повод 1.000 години од падот на Самуиловото македонско царство (1018 -2018), доктор Илија Велев, како редовен професор по предметите Византиска култура и Кирилометодиевистика и културно наследство во Институтот за македонска литература и научен советник во Одделението за средновековна македонска книжевност, во неколку продолженија ќе ги образложи историографските елементи од овој мошне значаен период. Насловите се редакциски

Во историографијата секогаш треба да се има предвид феноменот дека назад низ вековите на македонскиот простор се премостувале повеќе основоположени цивилизации и култури, а секоја сама од себе оставала своевиден супстрат како непресушен извор од кој современата македонска традиција го црпи сопствениот културноисториски и национален идентитет. Во Македонија овој процес на симбиоза од повеќе цивилизациски слоеви имал свој историски континуитет од антиката, преку римолатинското и византиско-христијанското глобално општество, па до втемелувањето и афирмацијата на словенската цивилизациска свест за духовен и културен колективитет. Процесот на цивилизациско прелевање на просторот на Македонија и пошироко во Југоисточна Европа почнал да се заокружува од периодот на т.н. голема преселба на народите (или словенската колонизација), која се реализирала од 80-тите години на VI и низ целиот VII век. Настанатата духовна и културна симбиоза на домородното македонско население со доселените словенски племиња настапила под силното влијание на византиската глобализација, при што во актуелниот социо­лошко-културолошки амбиент станале мобилни два важни фактори: словенизирањето и христијанизацијата.

Процесот на словенизирање го зафатил домородното македонско население, а од друга страна, пак, процесот на христијанизација ги истиснувал паганските традиционални духовни искуства на словенските племиња како резултат на осмислената и функционална политичка доктрина, која требало да ја обезбеди лојалноста за интеграција на Словените во византискиот глобален свет. Домородното македонско население веќе слеано во византиското глобално општество било најпогодно да ја одигра улогата на сврзувачката алка во воспоставениот цивилизациски баланс. Финалето на ваквата историска епизода на цивилизациски прелевања се реализирало дури по три века, а клучен фактор претставувало почнувањето на кирилометодиевската сесловенска мисионерска и просветителска дејност.

При нагласувањето на овој историски и културолошки контекст има нужност да се истакне уште еден значаен фактор, кој влијаел врз идното профилирањето на духовните и на културните односи на просторот во Македонија. Имено, во Македонија политичката програмска поставеност за афирмација на словенската цивилизациска свест првовремено се активирала од византискиот Константинопол. Подоцна ваквото политичко и доктринарно средство почнало да се користи и од страна на папата во Рим, за по прогонувањето на Кирилометодиевите ученици од Моравија да настапи враќање на реализацијата назад кон нејзините извори – повторно во Македонија. Всушност, создавањето на Охридската духовна и книжевна школа од страна на Кирилометодиевите ученици, светите Климент и Наум Охридски, во последната четвртина од IX век пресудно влијаело да се зацврсти словенската цивилизациска свест на општествената, духовната и на културната сцена во Македонија. Со тоа се продлабочило чувството за дистанцирање на ма­кедонското духовно и културно живеење од она што политички го проектирала Византија. Тоа и ја активирало состојбата на самото издигнување на словенската цивилизациска свест големата империја политички да гледа како на антивизантиска постапка.

Впрочем, ваквата сопоставена цивилизациска релација директно ги подредила еден до друг двата концепта: словенскиот и византискиот. Наместо да дојде до извесно цивилизациско премостување, првовремено воено-политичката стратегија на Византија во Македонија продуцирала стационирање на една словеновизантиска и притоа христијанска цивилизација и култура. Сепак, настаните што следувале ги подместиле овие концепти, спротивставувајќи ги еден против друг, а истовремено надградувајќи ги класичномакедонскиот и словенскиот културноисториски супстрат. Особено своевидно влијание извршил воениот и политички пораз што Византија му го нанела на Првото бугарско царство, во чиј состав бил завојуван и поголемиот дел од Македонија, кое веќе по примерот на поранешните искуства од Константинопол и од Рим го имало активирано факторот на словенството како стратегиска доктрина. Во тој контекст веќе воспоставената словенска традиција во Македонија еднакво се дистанцирала од византиските и од бугарските духовни и културни процеси, а повеќе и не можела да се искорени.

Словенската цивилизациска свест во Македонија особено се втемелила откако се воспоставило ново и автохтоно словенско владетелство на царот Самуил, чијашто престолнина и титуларна (помесна) црква биле на нејзината територија – односно, најпрво во Преспа, а подоцна во Охрид. Самуиловото словенско владетелство, кое опстоило нешто повеќе од четири децении (976-1014/1018), историски го триумфирал процесот на афирмација на словенската цивилизациска свест, при што на општествената сцена во Македонија го довело во надвледејувачка позиција словенството како колективен идентитет.

(продолжува…)