Принципот на индиректен избор на претседател на државата, од страна на пратениците во Собранието, кој се промовира како нова идеја, сепак не е непознат во македонската демократија. Имено, првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, својот прв мандат го доби од членовите на првиот парламентарен состав
Обезбедувањето двотретинско мнозинство во Собранието, од страна на владејачката коалиција, постигнато минатиот петок, кога беше изгласана потребата од пристапување кон измени во Уставот заради имплементација на одредбите од договорот со Грција, се чини дека ги отвори апетитите за уште некои интервенции во највисокиот правен акт. Покрај амандманите и барањата на албанските партии, Беса и Алијанса за Албанците, за инкорпорирање во Уставот на концептот на граѓанска држава и албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот јазик, се предлагаат и одредби што се однесуваат на ингеренциите на претседателот на државата. Имено, предлогот на движењето Беса е претседателот да нема право на вето по второ гласање на закон или друг акт во Собранието. Овој предлог на Беса, во врска со претседателските ингеренции, уште во текот на истиот ден, во одредени колумнистички текстови се разви во идеја за размислување – претседателот воопшто да не се избира на непосредни избори, туку посредно, во Собранието. Идеите се ставаат во контекст со изјавата на премиерот Зоран Заев дека веќе нема потреба за одржување предвремени парламентарни избори, за кои една од опциите беше да се одржат заедно со редовните претседателски, во март или април наредната година, кога му завршува вториот мандат на сегашниот претседател Ѓорге Иванов.
Овој принцип на избор на претседател на државата во Собранието, кој се промовира како нова идеја, сепак не е непознат во македонската демократија. Имено, првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, својот прв мандат го доби во Собранието. Десет дена по конституирањето на Собранието на Македонија, во 1991 година на дневен ред дојде и расправата околу изборот за претседател на државата. По првото тајно гласење, Киро Глигоров не ги доби потребните две третини од гласовите, поради немање поддршка од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ПДП. Тогаш тој добил 60 од потребните 80 гласа за избор на претседател. Но само по три дена, ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение дека ќе ја поддржи кандидатурата на Глигоров само доколку за потпретседател и за премиер бидат избрани личности од нивната партија. Така, на 27 јануари 1991 година, на седницата на Собранието на Република Македонија, со 114 гласа „за“, Киро Глигоров беше избран за прв претседател на Република Македонија.
– Сепак тогаш во Собранието го избравме претседателот Киро Глигоров. Полесно се избира претседател во Собранието. Сметам дека изборот на претседател во Собранието е подобар начин отколку на избори. Погрешна беше одлуката што ја донесовме тогаш претседателот на државата да се избира на непосредни избори. Со еден амандман во Уставот може претседателот повторно да се избира во Собранието. Тоа може да се направи со двотретинско мнозинство, а и претседателот може да биде избран со такво мнозинство… Постојат и други можности и за тоа би требало да се размислува и да се разговара. Не знам дали постои можност со неодамна изгласаното пристапување кон измени во Уставот, за имплементација на договорот со Грција, да се додаде и амандман за избор на претседател. Но ако се промени начинот на избор, веднаш би му престанал мандатот на сегашниот претседател – смета Стојан Андов, првиот претседател на македонското собрание.
Ни политичките аналитичари не ја отфрлаат идејата за промена на начинот на избор на претседател на државата, но сметаат дека тоа не треба да се прави со брзање и дека претходно треба да се разгледаат сите аргументи, а не да се поведува по моменталниот политички интерес, зашто претседателот може да биде од сите партии.
– Точно е дека има голема дискрепанца меѓу легитимитетот и ингеренциите на претседателот. Потребно е претседателот да освои повеќе гласови на избори од гласовите потребни за Владата да добие легитимитет. Од друга страна, постојат некои не докрај дефинирани точки во ингеренциите на претседателот, па тој може и да не додели мандат за формирање влада, или да не потпише указ за закон што двапати е изгласан во Собранието. Секако, може да се разговара за начинот на кој се избира претседателот на државата. Постојат различни можности: дали ќе се отвори опцијата за намалување на цензусот или ќе се изврши системска промена на начинот на избор на претседателот. Но не знам колку е неопходно тоа во овој политички момент, кога Собранието е во временски теснец околу спроведувањето на договорот со Грција.
Може да се разговара, но не треба да се брза и да се носат решенија според моменталните политички потреби, зашто претседател може да биде од сите партии. Во нашиот политички систем, улогата на претседателот е на некој начин да биде контролор на политичките процеси, што можеби е и добро за една млада демократија. Секако под услов претседателот да биде контролор, а не саботер на процесите – објаснува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.