Фото: Архива

Дали слободното толкување на Уставот и на законите од страна на носителите на државни функции, државните органи и институции, како и на партиските функционери, придонесува за процесот на сѐ подинамичното дерогирање на целокупниот правен систем, на највисокиот правен акт и на процедурите што во основа се темели на владеењето на правото и правната држава? Ова е дилемата што е актуелна деновиве кај домашната јавност, но и кај меѓународни правни експерти што перманентно вршат мониторинг над она што се случува кај нас, по последните настани поврзани со Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ)

Дали слободното толкување на Уставот и на законите од страна на носителите на државни функции, државните органи и институции, како и на партиските функционери придонесува за процесот на сѐ подинамичното дерогирање на целокупниот правен систем, на највисокиот правен акт и на процедурите што во основа се темели на владеењето на правото и правната држава? Ова е дилемата што е актуелна деновиве кај домашната јавност, но и кај меѓународни правни експерти што перманентно вршат мониторинг над она што се случува кај нас, по последните настани поврзани со Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ). Имено, како што е познато, Законот за јазиците стигна во „Службен весник“, со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со фуснота – толкување и образложување, а без потписот и на претседателот Ѓорге Иванов.

Произволниот и волунтаристички приод на Уставот и на законите, инспирирано од политичко-партиските аспирации, секојдневно нѐ вовлекува во спиралата на кршење на правото и правните акти. Легалистите и експерти по уставно право во своите опсервации заклучуваат дека и со чекорот на објава на Законот за јазиците во „Службен весник“, повторната амбивалентна реакција на „експертската јавност“ (мотивирана од политикантство!?) одново настапува помрачување на правната држава, а владеењето на правото повторно се става во опскурната пештера на анархијата.

Имено, нашата експертска јавност, пак, иако поделена по ова прашање, смета дека од самиот почеток се „вози слалом“ и се заобиколуваат процедурите околу Законот за употреба на јазиците. На сите соговорници им е јасно дека Уставот и законите се почитуваат и применуваат, а точно се знае кој ги толкува и кога. Кај нас сѐ уште не е јасно „како тоа Уставот во Македонија се толкува или применува?!“.

Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд, за „Нова Македонија“ вели дека Македонија стана земја на експерти, толкувачи и аналитичари. Тој смета дека јавноста, па дури и онаа експертската, предалеку се впушта во анализирањето, оценувањето, но и коментирањето на актуелните состојби, како онаа последната, односно објавата на Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“ и неговото стапување во сила. Илиев во исто време објаснува дека секој пример со кој се соочува или споредува самиот чин на праќање и објавување на Законот за јазиците во „Службен весник“ е различен сам по себе и неспоредлив. Поранешниот прв човек на Врховниот суд додава дека без право нема држава и без држава нема право, а ние овој пат, според него, можеме да останеме и без двете доколку ги следиме коментарите на експертите наместо одлуките на институциите и на судовите.

– Ние станавме држава што стана експертска, односно секој е компетентен да коментара за сѐ. Иако во конкретниот случај мотивите за коментарите се различни и се водени од политичка природа, треба да се задржиме за она вистинското, за Уставот. Највисокиот правен акт има јасни и прецизни одредби како, кога и зошто треба да се почитува. Секое негово толкување на пишаното во него од лица во јавноста не треба да се зема здраво за готово, бидејќи тоа се прави за политички цели на поединци и претставува единствено замајување на јавноста или, народски кажано, дробење празна слама – вели поранешниот судија на Врховниот суд, Илиев.

Познавачот на проблематиките смета дека сѐ додека не се изјасни Уставниот суд за објавата на Законот за употреба на јазиците, сите критики на процесот се залудни.
– Она на што се повикуваат некои од домашните експерти при анализирањето на процесот околу објавата на Законот за јазиците во „Службен весник“ не е соодветно и меродавно. Иако ги разбирам нивните побуди и целта, која на поголемиот дел од нив му е политичка, Уставниот суд е органот што ќе го има последниот збор во целата сага. Сѐ додека тој не се изјасни, критиките се безначајни, а експертите единствено што можат да направат понатаму за да бидат поубедливи во своите анализи е да поднесат предлог-иницијатива за оценување на законот до Уставниот суд, па подоцна да ја коментираат одлуката – завршува Илиев.

Од друга страна, поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски објаснува дека Законот за употреба на јазиците без потпис од претседателот на државата не може да се смета за донесен. Со ова законско решение, според Ивановски, Уставот беше прекршен уште пред една година, кога Собранието го усвои без двотретинско мнозинство. Ивановски истакна дека власта со овој преседан го нарушува принципот на владеење на правото и не постапува во функција на заживување на правната држава.

– Да се објави закон, и тоа непосредно по усвојувањето на уставните измени, и да не се почитува фактот дека уште кога бил носен, не бил донесен во постапка што ја бара Уставот, според тоа е кршење на принципите на Уставот – истакнува Ивановски.
Тој посочува дека бидејќи постојат очигледни елементи на прекршување на Уставот, може да се поведе постапка за уставноста на законот од страна на Уставниот суд и во тој случај овој закон ќе биде укинат или привремено стопиран.
– Јас сум убеден дека доколку се држи до задачата што произлегува од таа институција и доколку се оди до заштита на уставноста и законитоста, дека ќе биде постапено – нагласи Ивановски.