Искуствата и анализите од другите држави по нивното влегување во НАТО
покажуваат исчекор во повеќе сегменти и силно економско влијание.
Но какви се состојбите во Македонија? Колку помогна членството во Алијансата за динамизирање на македонската економија? Или, пак, колку помогна тоа во
однос на политичките придобивки и внатрешните структурни системски
реформи? И на крајот, а не и како последно, колку членството во НАТО ѝ помогна на нашата земја на надворешнополитички план, особено во однос со соседите
поради кои направивме исклучително големи отстапки?
Една година од македонското членство во НАТО
Македонија на 27 март ја одбележува својата прва годишнина откога и официјално стана 30-та земја-членка на најмоќната воена алијанса во светот. Членувањето во НАТО по дефиниција значи безбедност и стабилност, но и политички и економски напредок на државите-членки.
Една година по нашето членство во услови на живот наметнат од пандемијата на ковид-19, „Нова Македонија“ анализира колку како држава-членка на НАТО, Македонија ги постигна своите цели? Колку успеавме да направиме напредок на повеќе полиња? Дали има поместувања нанапред на безбедносно-воен план, на политички, економски, инвестициски или инфраструктурен план во земјата. Искуствата и анализите од другите држави по нивното влегување во НАТО покажуваат исчекор во повеќе сегменти. Секако, во еден поширок контекст треба да се земат предвид и пречките што измината година ги направи пандемијата на ковид-19. Тоа значително ги забави и ги наруши сите планови и проекции не само дома туку и секаде во светот.
Македонија има потреба од стратегија и за дејствување внатре, во НАТО
Дипломатите со кои се консултиравме, но и преставници на организации што се во одредени релации со НАТО велат дека нашата земја воено и безбедносно напреднала откога е членка на сојузот, но исто така констатираат дека за наредните години е неопходно добивање економски и политички бенефиции за Македонија, бидејќи засега тие не се препознале.
Поранешниот македонски дипломат Драган Јањатов во својот осврт на случувањата вели дека годишнината од нашето членство во НАТО може да се протолкува на начин при што ќе се апострофира дека сме ја исполниле главната цел за членството, но сѐ уште не сме ги начнале преостанатите бенефиции и модалитети што ги нуди Алијансата.
– Мислам дека сите преостанати бенефиции што ги нуди Алијансата, Македонија сѐ уште ги нема начнато во своето членување, бидејќи изминатава година се добива впечаток дека сѐ уште влегуваме во колосекот и вмрежувањето во институциите на Алијансата, па дури и во тој дел имаме кадровски проблеми во делегирањето на нашите преставници во НАТО. За тоа можеби е виновна и пандемијата, која како и нашата ги исфрли и сите земји од нормалниот колосек на дејствување – вели Јањатов.
Тој истакнува дека за максимално да се експлоатира нашето членство во сојузот на Македонија ѝ недостига државна стратегија за оваа намена.
– Нам ни требаат конкретни чекори и стратегија за однесување во НАТО. Доколку постои овој документ, Македонија повеќе од декларативно ќе биде присутна во воениот сојуз. Чувствувам дека нам ни недостига добро организирање на самите активности во сојузот, а освен безбедносниот аспект, кој е евидентен, треба многу да се работи на подобрување на економските и политичките придобивки од Алијансата. НАТО пред сѐ има силно политичко и дипломатско влијание. Ние ова влијание, за жал, не го искористуваме доволно ниту во процесот за бугарската блокада за македонското членство во ЕУ, па токму затоа ова поле треба да се подобри – вели Јањатов.
Дипломатот резимира дека периодот што следува, односно втората и третата наша годишнина во НАТО за разлика од сегашната, треба да ја дочекаме во атмосфера во која ќе имаме сеопфатно дејствување во моќниот сојуз од кој сме составен дел.
Кои се воено-безбедносните придобивки за нашата земја
Илија Џугуманов, генералниот секретар на Евроатлантскиот совет на Македонија, вели дека изминатата година е период, кој, за жал, главно беше поврзан со случувањата од пандемијата, кои продуцираа неизвесност што ги стави на тест и развиените демократски општества и светскиот либерален поредок.
– Нашиот пат до НАТО, успешно заврши на 27 март 2020 година, кога Македонија стана полноправна членка на најголемата воено-политичка алијанса во светот и можеби може од наша перспектива да се истакне дека е остварување на најсигурното партнерство сторено во најнесигурно време – вели Џугуманов.
Тој истакнува дека во безбедносна смисла членство дополнително ја загарантира стабилноста и ги зајакна воените капацитети, и истовремено ја дополни структурата на армијата да биде целосно во согласност со стандардите на НАТО.
– Во таа насока може да се каже е и процесот на добивање на НАТО-сертификатите, кој кај нас премногу се политизира како и сѐ друго. Станува збор за многу комплексен и ригорозен процес што оди во насока на реформирање и професионализмот во армијата – објаснува тој.
Според него, придобивка во првата година е и модернизирањето на воениот центар за обука Криволак, кој со самото членство беше ставен на НАТО-мапата и тој веќе беше домаќин на голем број американски и сојузнички војници во повеќе воени вежби.
Натаму, Џугуманов вели дека придобивките од членството се отсликани и во однос на безбедноста на нашето небо, кое е радарски „покриено“ и обезбедено со борбени летала преку програмата на „Ер-полисинг“.
Тој потсетува дека членството во иднина треба да се гледа и од перспектива на индиректен момент, кој е препознатлив во економскиот сегмент, кој има позитивно влијание врз новите членки по пристапување во сојузот, кој иницирал економски раст.
– На пример, една година по влезот во НАТО, во Бугарија инвестициите пораснале за цели 36 проценти, односно 7,5 милијарди евра во 2004 до 11,5 милијарди евра наредната година – вели тој.
Џугуманов сепак резимира дека, за жал, првата година од нашето членство ја минавме погодени од пандемијата и не можеме да се пофалиме со голем успех во економскиот сегмент, но сепак поддршката што ја добивме како НАТО во медицинска смисла остави впечаток, иако истата таа не беше толку помпезно претставена во медиумите, но сепак беше пресудна за санирање на нашите штети.
Членството во НАТО ја промени геостратегиската позиција на Македонија
Во изјава за „Нова Македонија“ од Владата информираат дека минатата година членството во НАТО ја промени вредноста на геостратегиската позиција на Македонија и целосното интегрирање во евроатлантското семејство на народи.
– Станавме сојузници и партнери со најмоќните, најразвиените и најдемократските држави во светот. Како рамноправна членка во НАТО и во ЕУ ќе можеме да одлучуваме за важни прашања за кои инаку не би имале можност да влијаеме. Со членството во НАТО го зајакнуваме капацитетот на нашата армија и безбедносен систем. Тие ќе бидат посилни и поефикасни, а како 30-та земја-членка на НАТО ние сме рамноправен дел сме од систем на колективна безбедност, кој штити речиси 1 милијарда луѓе на двете страни од Атлантикот – велат од Владата.
Оттаму додаваат дека членството во НАТО ја гарантира иднината на нашата држава и на нашите граѓани, каде што како членка на Алијансата тесно соработуваме со нашите нови 29 сојузници за да ги надминеме современите предизвици и закани со кои сите сме соочени и ќе придонесуваме за одржување на безбедноста и мирот во светот.
Оттаму додаваат дека во овој процес со загарантираната безбедност и стабилноста на земјата се создава подобра основа за економски раст и развој.
– Искуствата на земјите што станале членки на НАТО и на ЕУ се охрабрувачки бидејќи заедничко за сите земји што ги исполнија критериумите и влегоа во Алијансата е подобрувањето на кредитниот рејтинг на земјата и растот на домашните и странските инвестиции. Новиот поттик од членството во НАТО е забележливо и во темпото на спроведувањето на структурните реформи, како и реформите во однос на демократијата и владеењето на правото, и во голема мера го забрзуваат и процесот кон интеграцијата на земјата во ЕУ – подвлекуваат од Владата во изјава за „Нова Македонија“.
Какви се искуствата кај другите држави
Иако примарниот мотив за членство во НАТО е од одбранбен и политички карактер, постојат и економски аспекти од влезот во НАТО што треба да се проценат преку утврдување дали потенцијалните економски придобивки ги надминуваат очекуваните дополнителни буџетски трошоци. Ивана Велковска, магистерка по меѓународна економија и истражувачка во „Центарот за економски анализи“, во своја публикација на темата информира дека една од често споменуваните тези е дека влезот во НАТО придонесува за раст на странските директни инвестиции како последица на зголемената политичка стабилност.
– Според студија од 2016 година, која го мери „ефектот на НАТО“ според податоците од неколку земји-членки (Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Албанија и Словенија), влезот во Алијансата е проследен со голем број краткорочни и долгорочни позитивни ефекти, како што се: зголемување на БДП од околу 1,5 пат, зголемување на странските директни инвестиции за приближно три пати, речиси трикратно намалување на невработеноста, зголемување на очекуваното траење на животот во просек за пет години и подобрување на регионалната интеграција – истакнува Велковска.
Според неа, во случајот на Естонија, по влезот во НАТО странските инвестиции се зголемиле повеќе од тројно, односно од 965,8 милиони на 3,1 милијарди долари, а според податоците на Светска банка, Црна Гора во годината кога стана членка на НАТО (2017 год.) бележи зголемување на нето-влезните странски директни инвестиции за 141 процент во однос на претходната 2016 година.
– Бугарија, пак, која стана членка на НАТО во 2004 година, во првите три години по влезот во Алијансата забележа зголемување на нето-влезните странски директни инвестиции од 351 отсто, а Романија во првите четири години по влезот во НАТО има раст на странските директни инвестиции од 112 отсто. Спротивно на тоа, Хрватска и Албанија по влезот во НАТО во 2009 година имаат пад на странските директни инвестиции, што меѓу другото се должи и на глобалната економска криза кога инвестициите и трговијата на светско ниво се преполовуваат – забележува Велковска.