Сменското учење е една од опциите што се разгледуваат, за да се обезбеди поголема заштита во основното и во средното образование од ширење на ковид-19. Во министерството се разгледува можноста и за учење по скратени наставни програми, а со оглед на тоа дека има епидемија на ковид-19 во земјата, можно е и новата учебна година да трае 100, наместо 180 работни дена
Најава за реорганизација на воспитно-образовниот процес од први септември заради безбедносни причини
Целосното нормализирање на наставата е нешто што посакуваат да се случи надлежните во Министерството за образование и наука за претстојната учебна година. Сепак, дали ова сценарио ќе се оствари, ќе зависи од тогашната епидемиолошка слика и од бројот на заболени лица од ковид-19. Епидемиолозите изминативе месеци предупредуваа дека децата се невидливи сејачи на заразата и дека властите треба да бидат особено внимателни при одлуката, дали тие треба да се вратат во училишните клупи.
Намалување на бројот на ученици во училниците, но и воведување систем
за далечинско учење
– Се работи и на реорганизација на воспитно-образовниот процес. Една од опциите е воведување смени за да се обезбеди учење со помал број присутни ученици. Зависно од епидемиолошката слика, ќе се одлучува што ќе се прави. МОН изготви концепт за развој на систем за далечинско учење, и без состојбава со корона кризата. Изработката на овој документ не значи дека новата учебна година ќе започне и ќе се реализира исклучиво преку далечинско учење – велат надлежните во Министерството за образование и наука.
Тие преку анкета проверуваа колку од учениците во државата немаат компјутер за работа и за следење онлајн настава. Анкетата покажала дека има 30.000 ученици од ранливи категории што ги немаат потребните услови.
– Преку еден инклузивен пристап на креирање решенија се подготвуваме за постапување при секое евентуално сценарио, вклучувајќи и за настава од далечина доколку ситуацијата го наложи тоа. Друго сценарио и најпосакувано е целосно нормализирање на наставата, односно спроведување на воспитно-образовниот процес како и до пред појавата на пандемијата или, пак, реорганизација на истиот тој преку редуцирање на бројот на учениците во училница, воведување смени во училиштата и слично – информираат во МОН.
Онлајн учењето – меч со две сечила
Флорита Ерновска, професорка по македонски јазик во средното стручно училиште „Здравко Цветковски“, вели дека учењето онлајн во изминатите три месеци, не се покажало како добро искуство ниту за професорите ниту за учениците.
– Децата не се заинтересирани за таков начин на учење. Не можам да им ја следам редовноста бидејќи многумина не се вклучуваа кога имавме час. А не е само мојот час, имаат 14 други предмети. Дали на учениците што не се вклучуваа требаше да им ставам неоправдан? И оценувањето не беше во ред, имаше нерегуларности, најчесто препишување. Пишуваат кога им одговара, не се почитуваа рокови. Изгубија децата чувство за каква било одговорност. Кога е наставата онлајн, немам опција како да го натерам ученикот да учи, а не можам ниту да го санкционирам за неодговорноста. Оценките не се меродавни, не се веродостојни. Во целава ситуација здравјето е најважно, иако се соочувавме со проблеми во однос на воспитно-образовниот процес – вели професорката Ерновска.
Според неа, она на што треба надлежните да обрнат внимание се стручните училишта, во кои е неопходно учениците да се приближат до базата, до практика, која е клучна за стручните предмети.
Скратени, но интензивирани наставни програми
Во министерството се разгледува можноста и за учење по скратени наставни програми, а со оглед на тоа дека има епидемијата на ковид-19 во земјата, можно е и новата учебна година да трае 100, наместо 180 работни дена. Тоа би било и во согласност со Законот за основно образование, во кој во членот 50 став 6, стои дека воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што одлучува министерот.
„Тој го утврдува организирањето на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, врз основа на скратени наставни програми, изготвени од Бирото, а донесени од министерот“, пишува во законот.
Можно е наставата да се одвива и комбинирано – со физичко присуство и остатокот на интернет, друга опција е целосно функционирање со физичко присуство на часовите, а третата опција е наставата целосно да биде онлајн. Во однос на одлуката, здравствените власти и образовните власти треба да бидат внимателни со оглед на тоа дека здравјето е тоа што треба да биде приоритет.