Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложи пратеници во македонското Собрание да можат да бидат лица кои имаат само македонско државјанство. Тоа би се регулирано преку изменување и дополнување на Законот за пратеници.
Предлогот за законски измени се случува откако бугарскиот министер за одбрана, Красмир Каракачанов објави дека дел од пратениците и функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, наводно имале бугарски пасоши, што подоцна беше демантирано од страна на опозициската партија.
– За да ги прекинеме димните завеси кои што ги крена најдобриот пријател на Зоран Заев, Каракачанов кој што шири лажни вести, редно е да заврши времето во кои што Заев ги донесе македонската политика и македонските политичари до потсмев како што вели Каракачанов и од таа причина поднесуваме Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пратеници – изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше меѓу споменатите од Каракачанов.
Тој образложи дека измените во предлог законот се во два члена и тоа во условите за избор на пратеници каде што додаваат нов член во кој е наведено дека „за лицето да биде избрано за пратеник треба да го исполнува условот, покрај другите, да е државјанин само на Република Македонија“.
Овој предлог закон го потпишаа сите пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Опозицијата ги повика пратениците од СДСМ и од другите политички партии да го поддржат законското решение за да се стави крај на темата и во наредниот период изборот на пратеници да биде од лица кои што ќе имаат само македонско државјанство.