Партиите со различно видување на вториот круг
Обвинувања за нерегуларности во текот на изборниот ден и за време на молкот упати Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката на опозицискта партија верува дека ВМРО-ДПМНЕ победила, како што рече, и во вториот круг на изборите, а граѓаните одбрале поинаква и поубава иднина за сите. Според неа, рано е за резултати, но со сигурност ќе бидат поволни за народот.
– Изборниот процес помина со низа нерегуларности, нарушување на изборниот процес и истите беа доказ за начинот на кој СДСМ е спремна да ја зачува власта по секоја цена, иако тоа не е волјата на народот. Вчера се ширеше пропаганда, поткуп на гласачи и други прекршувања. Имаме информации за поткуп во Кочани, Радовиш, Ново Село, Ѓорче Петров и други делови од Скопје. Сепак, очекуваме победа во главниот град и сите општини. Огромна благодарност до сите граѓани кои со учевство на изборите го остварија своето право. Одговорот на црната кампања на власта беше зголемена излезност – рече Митева.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, пак, оцени дека ВМРО-ДПМНЕ имала обиди да ги дискредитира изборите, но оти сепак имавме успешен изборен ден. Од владејачката партија не ги споменаа првичните резултати од изборите, но изјавија дека за истите ќе има прес-конференции во текот на вечерта.
– Денеска се одржаа фер избори и не успеаја методите на ВМРО-ДПМНЕ да ги дискредитираат истите. Ѓорче Петров, Македонска Каменица се само дел од случаите каде што ВМРО-ДПМНЕ се обвиде да влијае на демократскиот процес – рече Кузеска, оставајќи на надлежните органи да ги решат овие случаи.
Им честитаме на граѓаните и на институциите за успешниот изборен ден, рече Кузеска, најавувајќи нови јавувања во однос на резултатите.
Вториот круг помина мирно и во фер атмосфера, истакна портпаролот на ДУИ, Бујар Османи. Тој им честита на граѓаните и на сите избрани претставници на локалната власт.
– Имавме успешни избори. Потврдивме дека Северна Македонија има зрела демократија – изјави Османи.
Според него, ДУИ излегла со најкреативна и најуспешна понуда на овие избори. Изјави дека очекува силна поддршка за нивните кандидати и легитимација на нивната агенда.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, претходно го оцени изборниот ден како успешен, при што напомена дека гласањето било фер и демократско, со изолиран број на инциденти.