Во ситуација кога Македонија и народот е разочаран од губењето на името само Заев , Шекеринска и Димитров слават. Македонија денес не слави, Македонија е завиена во црно бидејќи продадоа, погазија и уништија се. Залудни се фалбите, залудни се повторените ветувања за истите лаги. Залудно е криењето зад наводни реформи како изговор за бегството од избори.
Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на заедничката прес конференција што денеска ја одржаа шефот на дипломатијата Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, на која рекоа дека Македонија по децении уназадување конечно го отворила патот кон членството во НАТО и ЕУ, решавајќи го најголемиот надворешно-политички проблем, и отворајќи перспективи за иднината на државата.
– За помалку од една година Заев, Димитров и Шекеринска потврдија дека се октроирани на власт за една намена. Заев, Шекеринска и Димитров и покрај сите ветувања и колнења го сменија Уставот со цел промена на уставното име. Лажеа, лажат и продолжуваат со лагата. Спротивно од националните и државните интереси, спротивно на волјата на граѓаните изразена и на референдумот во 1991 и на референдумот 2018 година, ја жртвуваа Македонија, нејзината посебност, историја, култура. Останува запишано дека 81 човек во Парламентот го променија името и идентитетот, а не народот, не граѓаните на оваа држава – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.