Фото: Маја Јаневска-Илиева

Три дена по гласањето за потребата од уставни измени во Собранието и ноќта спроти одбележувањето на Денот на македонската револуционерна борба, централниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ спроведе една од досега најголемите чистки во партијата, по што следуваа жестоки реакции, обвинувања, па дури и закани за тужби од страна на разрешените партиски функционери и од исклучените од членството.

Имено, централниот комитет на партијата, како што и се очекуваше, побара осумтемина пратеници што мандатот го добиле затоа што биле на листата на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а во петокот гласаа за потребата од уставните измени заради спроведување на спогодбата од Мала Преспа со Грција, веднаш да поднесат оставки на своите пратенички позиции, затоа што, како што беше соопштено, работат спротивно на волјата на граѓаните. Станува збор за пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Елизабета Канческа Милевска, Нола Исмаиловска, Зекир Рамчиловиќ и Емилија Александрова, кои уште во петокот, веднаш по гласањето во Собранието, од страна на извршниот комитет беа исклучени од партијата. Прексиноќа, пак, централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за разрешување на потпретседателот на партијата Митко Јанчев и членот на извршниот комитет Константин Богданов и побара дисциплинска постапка за исклучување на Сашо Мијалков и Никола Тодоров.

– ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото. ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам изграден во рамките на партијата, кој секогаш успева да ја прочисти партијата. Да го исчисти она што е лошо од партијата и јасно да го избистри доброто. Заради дејства спротивни на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, а и поради силна соработка со Зоран Заев и организирање група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за да гласаат за уставните измени, а користејќи најниски методи, ЦК го разреши потпретседателот на партијата, Митко Јанчев, Костадин Богданов од член на извршниот комитет, а од општинските комитети побара да предложат исклучување на Сашо Мијалков и Никола Тодоров. Бараме осумтемина пратеници да поднесат неотповиклива оставка од пратеничките функции бидејќи го изневерија народот. Ѝ честитаме на криминалната коалиција Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков – истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски по седницата на ЦК.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според него, се оценува дека токму Сашо Мијалков соработувал со Зоран Заев и ги убедувал пратениците да гласаат за промена на Уставот, предвидено во договорот со Грција. За слични прекршувања на партиските кодекси, исклучен ќе биде и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.
ВМРО-ДПМНЕ побара од Јавното обвинителство да поведе истрага за наводите за притисоци, закани, уцени и поткуп на пратениците.

– Во моментов, нема сознание дека почесниот претседател Никола Груевски учествувал во организирањето на поткупот на пратениците за гласање за отворање на уставните измени – рече Николоски.

Тој додава дека додека едни се бореле за идеали за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, други се бореле за зголемување на своето лично богатство, и заштита на својот капитал.

– Додека ВМРО-ДПМНЕ се соочуваше со тешки моменти, одење во опозиција лица како Сашо Мијалков во исто време го зголемуваа својот капитал, добиваа удел во хотел, променуваа сопственост во земјоделски задруги, формираа компании и акции во банки. И практично се доведе во ситуација едните да се бориме да го одржиме ВМРО-ДПМНЕ на власт затоа што силно верувавме дека постојат идеали, и дека се соочуваме со зло како СДСМ и Заев, а тие другите се бореа за власт само да го заштитат своето лично богатство и личен комодитет и затоа прават сѐ за да се заштитат себеси вклучувајќи и коалиции со оние против кои ВМРО-ДПМНЕ жестоко се бори – нагласи Николоски.

Поранешниот потпретседател на партијата и актуелен градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, потоа изјави дека зад разрешувањата стои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, а сите обвинувања ги отфрли како неосновани.

– Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на ЦК беа маска за неспособноста за прифаќање на различни ставови и покажаа дека нема место за неистомисленици во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Овие обвинувања како и симнувањето од функцијата потпретседател нема да ме направат помалку вмровец. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не е подготвено да оди напред, напротив многу круто и агресивно ги „чисти“ оние чии перцепции се насочени кон една таква модерна партија. Како градоначалник на општината Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ уште поуспешно ќе ја извршувам оваа функција, а за моето успешно менаџирање со општината сведочи скоро цела една година со голем број реализирани проекти, проекти кои се во тек и средување на општината – нагласи Јанчев.

Во однос на исклучувањето се огласи и поранешната министерка за култура, една од пратеничките што гласаше за отворање на уставните измени, Елизабета Канческа-Милевска. Таа вели дека многу исправено и гордо ги прифаќа сите работи што се случуваат.

– Одлуката на партијата е избрзана и оди надвор од постулатите на кои е поставена. Моите размислувања сум му ги пренела на Мицкоски. Мислам дека во овој период треба да преовладее разумот и да има единство во однос на суштинските прашања на државата. Треба политиката да ја тргнеме настрана. Патриот за мене е онаа личност што ѝ мисли добро на иднината на државата и што може низ дебати да ги реши суштинските прашања – нагласи Канческа-Милевска.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, само неколку часа пред седницата повика на единство во неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, при што потсети дека историското ВМРО имало прозападна ориентација, исто како и ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното основање.

– Овој прозападен концепт беше еден од фундаментите на партијата, со крајна цел интеграција на Република Македонија во ЕУ и во НАТО – рече Мијалков.

Тој истакна дека од денот на неговата оставка, од сите партиски функции минатата година, не учествувал во работата на ВМРО-ДПМНЕ и ги негираше, како што вели, шпекулациите за негово влијание врз претседателот на партијата, органите на партијата, пратениците или која било друга организациска структура во нејзин состав. Мијалков вели дека на партијата ѝ треба единство како никогаш досега.

– Им порачувам на сите патриоти, членови и поддржувачи на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, дека е потребно силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе биде стожер на сигурна, безбедна и просперитетна Македонија – објасни Мијалков. К.П.


Минов го замрзна учеството во опозициската пратеничка група

Панчо Минов, пратеник од ГРОМ, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, прексиноќа изјави дека ќе го замрзне учеството во пратеничката група на опозицијата. Тој го изјави ова откако дозна дека од ВМРО-ДПМНЕ се разрешени Митко Јанчев и Костадин Богдановски.
– Доколку е точна информацијата, јас ќе го прекинам моето членување во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и ќе дејствувам само како пратеник на ГРОМ додека Христијан Мицкоски е претседател на паријата – изјави Минов.