ОБСЕ и ОДИХР констатираа правна несигурност на овие избори, ДИК рачно да ги преброи ливчињата, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ се победници во 41 општина, а СДСМ во дваесеттина и обвинува дека Социјалдемократите го направиле најголемиот и најмасовниот поткуп и фалсификат на изборната волја.
Државната изборна комисија има обврска да ги испита сите сомнежи за неправилности и фалсификати, вели Арсовски, вклучително и рачното пребројување на гласачките ливчиња. Нагласува дека пребројувањето треба да го проследи и јавноста, со цел сама да има увид во процесот.
Покрај делот за рачното пребројување, приговорите на ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат и на неважечките ливчиња.
– Имаме огромен број на неважечки ливчиња, над 30.000 несвојствени за ваква излезност на еден изборен процес. Да потсетам уште еднаш, дека функционери на СДСМ и нивни експоненти јавно водеа кампања да се шкртаат ливчиња, претставувајќи го како повик на ВМРО-ДПМНЕ, што е кривично дело во изборен процес. Потребно е да се заштити волјата на граѓаните и да се тргне дамката од изборниот процес – нагласи Арсовски.
Тој не даде одговор колку приговори поднеле ВМРО-ДПМНЕ, а најави дека по истекувањето на рокот ќе кажат за кои изборни единици се однесуваат приговорите.