Токму барањето компромис за нешта каде што тоа е невозможно, бидејќи се надвор од меѓународноправниот поредок, како што е откажување од јазикот, историјата и идентитетот, ја става ЕУ во таква позиција да биде соучесник во нелегални дејства извршени против востановениот меѓународен поредок и право. Да биде апсурдот уште поголем, ЕУ бара од Македонија владеење на правото, а истовремено ги толерира своите членки што постојано го прекршуваат меѓународното право?! Влегуваат ли ваквите дејанија во сферата на криминалот и ги ставаат ли ваквите постапки на Бугарија и на ЕУ во рамките на сторени дела со извршување, односно соучесништво?
Апсурдните барања со кои Бугарија го аргументира ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија ја ставија Европската Унија на тенок мраз. Прво од аспект на самата процедурална форма, бидејќи под превезот на консензуалното одлучување се дозволува употреба на ветото и за работи што немаат допирни точки со исполнувањето на европските норми и поставените критериуми. А второ, што е уште покатастрофално и е од содржински (т.н. контент-аспект), е дека ЕУ дозволува во легална процедура да влезат барања од страна на нејзина членка, кои во најмала рака се противправни односно криминални, бидејќи со нив флагрантно се крши меѓународноправниот утврден поредок.
Дури и префрлањето на топката од страна на ЕУ дека прашањата од овој спор се билатерални, не ја амнестираат Унијата за нејзиното нереагирање кон една нејзина членка, која во меѓународните односи и на ниво на заемни односи со друга држава што не е во ЕУ го крши меѓународното право. ЕУ треба да покаже принципиелност и доследно почитување на утврдените правни норми во меѓународното право и самата жестоко да реагира доколку една нејзина членка се однесува како Бугарија во случајот со нашата земја.
Понатаму, барањето за постигнување компромис од некои членки на ЕУ, па и на самата Унија за спорот на релацијата Бугарија – Македонија е исклучително дискутабилен. Имено, токму барањето компромис за работи каде што тоа е невозможно (бидејќи се надвор од меѓународноправниот поредок, како што е откажување од јазикот, историјата и идентитетот) ја става ЕУ во таква позиција да биде соучесник во нелегални дејства извршени против востановениот меѓународен поредок и право. Да биде апсурдот уште поголем, ЕУ бара од Македонија владеење на правото, а истовремено ги толерира своите членки што постојано го прекршуваат меѓународното право?! Влегуваат ли ваквите дејанија во сферата на криминалот и ги ставаат ли ваквите постапки на Бугарија и на ЕУ во рамките на сторени дела со извршување, односно соучесништво?
Низа примери со кои се урнисува угледот на ЕУ
Тоа го урива угледот на Унијата кај граѓаните, а претставува и пречка во спроведувањето на европските политики, особено во делот на проширувањето.
Толеранцијата на ЕУ на криминалните условувања од страна на Бугарија всушност се отсликува во лукавиот мек речник и дипломатски скроените соопштенија со охрабрување до двете земји да најдат компромис. Токму барањето компромис за работи каде што тоа е надвор од секоја правна логика и пропис (откажување од јазикот, историјата и идентитетот) ја става ЕУ да води политика со два критериума: од Македонија се бара стриктно владеење на правото, а им се гледа низ прсти на членките на ЕУ (во случајов Бугарија) што постојано го прекршуваат меѓународното право!? Евe уште еден пример за тоа како Унијата веќе го направила тоа „на грбот“ на нашата држава. Имено, Грција во неколку наврати го прекрши меѓународното право, најпрво со блокадата на Македонија во 90-тите години на минатиот век, потоа со непочитување на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, со непризнавањето на македонското малцинство. Ист е случајот и со Бугарија и на сето тоа ЕУ повикува преку разговори да се дојде до компромис, наместо да се наврати и да ги преиспита владеењето на правото и спроведувањето на европските критериуми и кај своите членки.
Новата методологија на Макрон да важи и за земјите-членки на ЕУ
Можеби новата методологија во пристапните преговори за земјите-кандидатки на која инсистираше францускиот претседател Емануел Макрон треба да се примени и на земјите-членки, па ако се утврди назадување во некои области кај нив и тие да бидат лишени од некои европски пари и да им се скратат некакви ингеренции во рамките на Унијата додека и самите не се поправат. А доколку се утврдат и криминални дејанија со флагрантно кршење на меѓународното право, како во случајот на Бугарија со Македонија, да се преземат и посебни мерки со кои ќе се дисциплинираат соодветните земји-членки.
Замижувањето на Унијата и нејзината толерантност кон нејзините членки се потврдува и низ други актуелни, не толку драстични (нелегални како во нашиот случај) примери. Актуелното вето на Полска и Унгарија за европскиот буџет е во фокусот на јавноста, поради што сериозно е загрозена програмата за помош на економиите во услови на пандемија.
Сериозно загрозена ефикасноста на европските политики
Според Николаос Цифакис, професор на Универзитетот на Пелопонез и член во Советодавната група за европска политика на Балканот, бугарското вето за Македонија сериозно ја загрозува ефикасноста на европските политики во Западен Балкан.
– Во оваа фаза, поставувањето на, во голема мера, неочекуваната пречка на европскиот пат на Северна Македонија го нарушува кредибилитетот на политиката за проширување на ЕУ. Кандидатките за членство во Европската Унија (ЕУ) треба во секое време да бидат сигурни што се очекува од нив за истото да го постигнат, со цел да напредуваат кон целосно членство – смета Цифакис.
Според него, ЕУ длабоко си ја загрозува сопствената политика на овие простори бидејќи го погазува ветувањето за членство на земјите-кандидатки. А барањата на Бугарија излегуваат од сите легални рамки или критериуми.
На иста линија е и германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој во аналитичкиот текст под наслов „Единствената историска вистина“ се осврнува на бугарското вето.
– Бугарија сега воведе едно ново, неофицијално поглавје во ЕУ-преговорите: потчинување на земјите-кандидати за историски и јазични прашања – анализира весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).
Според весникот, доколку ЕУ дозволи процесот на проширување да биде обременет со историски прашања, тогаш тој однапред е осуден на неуспех.
– Конфликтот меѓу Бугарија и Северна Македонија, барем во неговите последици, не е само некаков страничен спор на историчари на периферијата на Европа. Особено во регион како Балканот, кој има тенденција да ги преценува историските прашања, се работи за многу повеќе отколку за некој одамна заборавен спор во некоја далечна година. Доколку стане практика за членките на ЕУ од Југоисточна Европа да им наметнуваат историски погледи на нивните соседи од Западен Балкан, тогаш процесот на проширување може веднаш да биде запрен – се наведува во анализата на ФАЦ.
Испорачаните бугарски барања до ЕУ за Македонија се надвор од правото и легалитетот
Домашните познавачи на состојбите велат дека со бугарското вето и барањата на Бугарија се влегува во едно ново ниво што е всушност надвор од правото и легалитетот. Имено, четирите темелни сегменти на начелото на легалитет (lex scripta, praevia, certa и stricta) се востановени и прифатени така што заедно да ја сочинуваат формулата што е доволна да ја заштити од самоволие, аналогно во случајов – Бугарија, а пошироко и ЕУ. Со тоа сериозно е поткопан кредибилитетот на Унијата, не само на Балканот туку и пошироко.
– Позициите на Бугарија како држава-членка на ЕУ во однос на почетокот на преговорите со нашата земја сериозно го поткопуваат кредибилитетот на Унијата како актер на меѓународната сцена и ја загрозуваат иднината на процесот на проширување на Западниот Балкан – смета Симонида Кацарска од Институтот за европски политики.
Таа додава дека иако во Унијата не постои поддршка за вклучување на бугарските барања во нашата преговарачка рамка, сепак, долгорочниот ефект од бугарското „не“ би бил комплетна деградација на правните принципи и воопшто критериуми на Унијата и блокада на процесот на проширување.
– Со таквиот развој на настаните, Унијата би имала несомнено намалена привлечна моќ за земјите-кандидатки, а со тоа и намален капацитет да влијае позитивно врз трансформацијата на Балканот и пошироко – истакнува Кацарска.
Универзитетскиот професор по меѓународно право Љубомир Фрчкоски смета дека во ЕУ нема таква правда каква што ние очекуваме да се случи, независно што нас сите работи ни се случуваат од потешката страна.
– Ние како мала држава немаме голем избор, освен да играме по правилата и да издржиме во таа борба. Тоа сме го правеле во континуитет, од одбивање на Лисабонската декларација. Ние ја одбивме, издржавме, па ја сменија… Принципот што Бугарија го бара историските дилеми да стануваат политички проблеми меѓу државите е многу опасен и за Европската Унија и мислам дека таа го разбира тоа… и во таа една небиднина, судир на тоа што е вистина и што имаат право земјите-членки да направат, ЕУ се обидува да го избутка системот што е комплициран – вели Фрчкоски.
Според него, притисоците врз Бугарија допрва доаѓаат поради начинот на кој го прави тоа и поради невозможноста на условите што ги поставува.
Тој уште додава дека на целата работа не треба да ѝ се пристапува со голема разочараност, туку треба да се фокусираме на реформите дома, на екипирањето на преговарачките тимови, а преговарачкиот колач со Бугарија, според него, сега ќе се зголеми со нови барања од бугарска страна.