Со отворање на расправата во Комисија за уставни прашања, во средата, почна собраниската процедура за пристапување кон измени во Уставот на Република Македонија, кои треба да се реализираат во согласност со обврските што ги презема Владата, потпишувајќи ја спогодбата од Мала Преспа. Комисиската расправа почна истиот ден кога во „Служен весник на РМ“ беше објавена констатацијата на ДИК дека на референдумот што се одржа на 30 септември 2018 г., не е донесена одлука од граѓаните на прашањето – дали сте за влез во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција. Одлуката не е донесена поради неисполнување на еден од двата кумулативни услова за успешен референдум, односно не беше постигнат потребниот цензус за одзив од 50 отсто +1 гласач од единствениот избирачки список.
Фактот дека не е донесена одлука на референдумот сепак го призна и премиерот Зоран Заев, на говорница во Собранието, изнесувајќи ја како предлагач (во име на Владата) пред Комисијата за уставни прашања потребата да се пристапи кон уставни промени. Сепак, Заев во своето излагање пред собраниската комисија го истакна и фактот дека не можат да се занемарат ниту оние речиси 610.000 граѓани, кои се изјасниле „за“ на референдумот. Токму тој процент на одзив од 36,9 отсто, со речиси 92 отсто „за“ е главниот аргумент на премиерот за и покрај неуспешноста на референдумот (недонесената одлука) да продолжи со институционалната процедура за усвојување и имплементирање на спогодбата од Мала Преспа.
Самиот почеток на собраниската процедура за усвојување на таа спогодба, која во редовни околности (без притисокот на роковите за доставување во грчкиот парламент пред тамошните избори) треба да трае повеќе од стотина дена е обременет со сенката на потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници, кое коалицијата на предлагачот на уставните измени, Владата, сепак го нема. И покрај многубројните апели со реториката слична на: „да се најде храброст, да се надминат партиските и политичките предрасуди, спреги и да се внимава на иднината на државата, зашто оваа шанса е неповторлива…“, кулоарските шпекулации и провокации на социјалните мрежи дека веќе е обезбедено потребното парламентарно мнозинство за изгласување на уставните измени, сепак конечниот одговор се очекува да се добие на крајот на пленарната седница на која со двотретинско мнозинство треба да се гласа за пристапување кон уставните измени.
Уште во референдумската ноќ, соочен со контрадикторните резултати: незадоволителни за одзивот и големото мнозинство „за“ од излезените гласачи, премиерот ја фрли ракавицата изјавувајќи дека е за брзи предвремени парламентари избори, за формирање ново парламентарно мнозинство што без поговор би ги изгласало уставните измени. Во меѓувреме, под влијание на поддржувачите на спогодбата од Мала Преспа од меѓународната заедница, премиерот сепак се реши прво да си ја испроба среќата во Собранието, и да се обиде да придобие за својата опција уште 8-9 пратеници од опозицијата.
Пленарната парламентарна седница на која ќе се расправа за потребата и оправданоста за пристапување кон уставните измени е закажана за в понеделник, на 14 октомври. Меѓутоа, доколку не биде донесен заклучок на Комисијата за уставни прашања, таа би можела да биде и одложена.
Иако, амбициите на предлагачот за уставни измени се целиот процес да заврши до крајот на годинава (евентуално до средината на јануари, наредната година), Деловникот на Собранието предвидува строги рокови за дебата за измените на Уставот. Можно е да има мало временско скратување на процедурата, но само во услови ако нема доволно пријавени за дебата. Два рока од по триесет дена не може да се скратат во никој случај. Тие се предвидени во членот 197 и 199 од Деловникот на Собранието. Во првиот се наведува дека „текстот на нацрт-амандманите на Уставот со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога не се предлагачи, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието“.
Во другиот член 199 се предвидува текстот на предлогот на амандманите на Уставот со образложението и извештајот за резултатите од јавната дискусија, предлагачот да го достави до претседателот на Собранието, кој го доставува до пратениците и до претседателот на државата и до Владата, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
И додека трае комисиската расправа за пристапување кон уставни измени во Собранието, надвор од парламентот се одвиваат повеќе дивергентни процеси. Оние обединети околу опцијата на премиерот Заев за неминовност на спроведување на спогодбата од Мала Преспа, наводно работат на постигнување на двотретинското мнозинство. Од друга страна, во опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе се прават подготовки за предвремени парламентарни избори. Според изјавите на партискиот лидер Христијан Мицкоски, на седницата на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, која беше закажана за синоќа, требаше да се заокружат подготовките за предвремените избори.
– Ние се подготвуваме за избори и немаме намера да се занимаваме со шпекулации од кујната на СДСМ по неуспешниот референдум – изјави Мицкоски, демантирајќи дека на седницата на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од партиските функции ќе бидат разрешени пратениците што излегле да се изјаснат на референдумот.