Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на одржување предвремени избори во државата, на прес-конференцијата што ја одржа вчера, во врска со случајот „Рекет“.
– Криминалниот октопод ја фрла Македонија на колена. Секоја држава си има своја мафија, само нашата си има своја држава. Ние имаме систем, кој е нападнат од силна криминална ерозија. Имаме згазени закони, обвинителство. Владата и премиерот се ставени во функција да заштитуваат криминал. Сосема сигурно е дека од институциите не може да се очекува разврска затоа што тие се инфицирани од криминалот. Катица Јанева и денес го води компромитираното обвинителство – рече Мицкоски и ги повика сите оние што се разочарани од Заев да му се придружат.
Тој уште додаде дека нема намера да амнестира лица осомничени за криминал.
– Јас немам намера за никаков компромис со никој што се огрешил кон законот без оглед на кого се работи. Тие што злоупотребиле народни пари, мала ќе им е Македонија да се скријат. Октоподот е во слободен пад, а доаѓа иднина во Македонија. – рече Мицкоски, притоа не исклучувајќи во следниот период да бидат организирани и масовни протести.
По настапот на лидерот на опозицијата се огласи и владејачкиот СДСМ, кој го посочи Мицкоски како заштитник на криминалот на Груевски
– Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ одработуваат за тајкуните на режимот и обвинетите криминалци, надевајќи се дека ќе ја поткопаат правната држава, дека нема да успее да се донесе новиот закон за ЈО, дека нема да станеме членки на ЕУ и на НАТО, а вистинските криминалци да ги спасат и замислете, пробуваат да ги претстават како жртви – се вели во реакцијата на владејачката СДСМ.
Според портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, единствената агенда на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски била и останува одбрана на криминалот на режимот.
– Мицкоски денеска јасно потврди дека се сретнал со лицата што се осомничени и кои се гледаат на објавените снимки за случајот „Рекет“ – изјави вчера Костадинов.
Според него, најавите на Мицкоски за некакви протести не се ништо друго туку последен обид за одбрана на криминалот на режимот, поттикнат од неговиот шеф Никола Груевски.