И покрај ширењето на коронавирусот во земјава, младите да не ги одложуваат стапувањето во брак и венчавката во црква, само зашто потоа нема да можат да направат прослава во ресторан со многу гости. Ова е повикот што владиката Агатангел, одговорен за Повардарската епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија, им го упатува на младите, како и на сите оние што во овој период планирале да стапат во брачна заедница, а биле оневозможени поради рестрикциите од ширењето на вирусот и мерките за заштита, кои препорачуваат да не се одржуваат поголеми веселби и свадби. Тој е единствениот владика на МПЦ, кој во овој период на корона-криза во земјата излезе со ваков апел кон младите луѓе.
– Новата заразна болест, која се прошири низ целиот свет ни го наруши животот на сите, ни ги измени сите планови. Како христијани не смееме да кукаме и да се плашиме, туку да најдеме нов начин на живеење.
За последните времиња во Евангелието се вели дека „луѓето ќе се женат и ќе се мажат“, односно, животот ќе си тече како и обично, па, така, и во текот на пандемијата мораме да вложиме усилба да си го живееме животот со претпазливост, но и без паничен страв. Многу млади парови планираа годинава да се венчаат, да го исполнат сонот на нивните родители, да започнат самостоен живот, но, како што рековме, пандемијата ни ги наруши плановите. Многумина ги одложија венчавките, затоа што не можат да направат свадба во ресторан. Сите вие млади, кои планирате да стапите во брак, не одложувајте го тој момент туку и без свадба венчајте се во црква, да добиете благослов божји за брачен живот, па свадбата нека биде в година, заедно со крштевката – посочува владиката Агатангел.
Според него, децата на крштевање треба да се носат додека се мали, во присуство на помалку луѓе, бидејќи ако се одложи крштевањето, како што посочува митрополитот, тоа може долго да потрае, а децата растат, почнуваат да се плашат и да се срамат и може да останат некрстени.
– Сите вие млади, кои имате веќе 20 години, ве повикувам да бидете совесни и одговорни во вашите врски. Од менување многу партнери и партнерки нема да добиете голема полза, освен гревовен товар, кој подоцна ќе ви се одрази во животот.
Бидете внимателни еден кон друг, не повредувајте се, не навредувајте се, никако да не абортирате, никако да не изневерувате, независно дали сте во брак или во врска, и подготвувајте се за брак во помлада возраст, за да можете да добиете деца, но и да видите чеда од вашите деца. Векот е сѐ пократок, и да не го губиме времето на непотребни нешта. Како духовен родител на оваа епархија, се молам Бог да ве просветли и да ви го исчисти патот од сите пречки и со негов благослов да стапите во стабилна брачна заедница – посочува владиката Агатангел.