Владеењето во Македонија

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, во својата анализа пишува за тоа како се практикува владеењето во Македонија од независноста до денес. Притоа, тој воочува пет основни карактеристики, кои заедно, во синергија, доведоа до состојба што предизвикува брзо распаѓање, разнебитување, разорување на македонското општество. Како да се излезе од овој магичен круг и да се

обезбеди посветла иднина за државата

и за граѓаните

АНАЛИЗА НА ЉУПЧО КОЦАРЕВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ

Овој текст има цел да понуди размисли и да отвори дискусија за прашањето: Како се практикува владеењето во Македонија од независноста до денес? Но пред да пристапам кон темата, неколку збора за ремек-делото на барокниот театар, драмата „Животот е сон“, напишана во 17 век, од шпанскиот писател Педро Калдерон де ла Барка, ќе ги набележам како вовед во содржината. Имено, во драмата, престолонаследникот е затворен, наизменично, ту во мрачна зандана ту во блескав и раскошен дворец. Тоа предизвикува целосна дезориентација на свеста кај несреќниот престолонаследник, уништувајќи му ги критериумите за разликување на илузијата од реалноста. Поради тоа, престолонаследникот ја губи довербата во вистинитоста на животот, го прифаќа него како еден вид илузија, заклучувајќи дека „Животот е сон“. Но на прашањето: Зошто…?, одговорот: Затоа што… ќе следува на крајот од текстот.
Кои се основните карактеристики на владеењето во Македонија од независноста до денес? По мое мислење, тоа се: (1) отсуството на владеење на правото; (2) неспособноста, бескарактерноста и ароганцијата на (дел од) политичките елити; (3) корупцијата, криминалот и алчноста на (дел од) политичарите; (4) повластеното место на лагата, пропагандата во која дури и вистината станува лага, и безобѕирните манипулации; и (5) бескрупулозноста и безобѕирноста на постапките и средствата, што се граничат со апсурд, за остварување и одржување на владеењето.

Овие пет карактеристики заедно, во синергија, доведоа до состојба што брзо може да предизвика распаѓање, разнебитување, разорување на македонското општество. Притоа, состојбата во која се наоѓаме денес е резултат на процес започнат по стекнувањето на независноста. Со други зборови, петте карактеристики се суштествени, иманентни, па така присутни, во поголема или помала мера, во сите владеења од независноста до денес. Меѓутоа, во последните неколку години овие пет карактеристики се интензивираа, мултиплицираа, зајакнаа, доведувајќи го до апсурд, за жал, опстојувањето на Македонија.
Правилото победникот добива сè и Спогодбата од Преспа се теми за коишто пишував неодамна во весникот „Нова Македонија“. Тие, заедно со спецификите на македонското општество, изродија тешка и неизвесна криза, дно на дното, криза што доведе до огромна поларизираност на општеството, вклучувајќи поларизираност во интра- и интеретничките заедници, но и во власта меѓу властодршците. За Чинго, во кризата „владее големо беззаконие и такви невидени крвави возбуди низ кои и во кои луѓето еден со друг не сакаат да се видат, толку тогаш злото работи и умот човеков далдисал само во едно: како и како зло да му направи на другиот“. Корените на кризата се дофатливи и сфатливи, па затоа треба да се започне со отворена академска дебата на која ќе се слушнат различни мислења по сите отворени прашања, вклучувајќи ги и темите што се наоѓаат во средиштето на кризата, за што говорев и пишував неодамна по разни поводи. Решенијата за излез од кризата, колку и да се болни и навидум неостварливи, се тука, повеќето од нас ги знаеме.

Создавањето (1) механизми за намалување на последиците од петте карактеристики на владеењето и (2) механизми за контрола на владеењето, коишто нема да се применуваат селективно, е првиот чекор за надминување на кризата, а единствени опструкции во тоа, по мое мислење, може да прават (дел од) владејачките и партиските врхушки.
За петте карактеристики на владеењето пишувале многумина. Тука, би сакал сосема накратко да се задржам на последните две. Меѓутоа, нема да зборувам за повластеното место на лагата во нашето општество, за пропагандите во кои дури и вистината станува лага, за безобѕирните манипулации на информациите и знаењето, за намерното дефокусирање на вниманието од вистинските проблеми, за улогата на социјалните мрежи во ширењето на лагите, ниту за опасноста, за која предупреди уште Хаксли во „Храбриот нов свет“, од тривијалната цивилизација во којашто луѓето ќе бидат преплавени со непотребни информации. За овие и за многу други слични теми сум говорел повеќепати, на повеќе места, па, така, и пред моите студенти на УКИМ. Тоа што сакам да го предочам тука, со умерени зборови, е фактот дека сум запрепастен, вџашен, шокиран од честотата и бесрамноста на искажаните лаги на некои наши властодршци. Но не и само од нив. Нашите владејачки и партиски врхушки лажат и манипулираат катадневно и безобѕирно, веќе со години. За многумина, во нашава земја се намножи една категорија луѓе, на чело со властодршците, кои се доживуваат како „сериски лажговци“ или „сериски манипулатори“, аналогно и еднакво страшно за државата како што се „сериските убијци“ за поединците-жртви.

Што се однесува до бескрупулозноста и безобѕирноста на постапките и средствата за остварување и одржување на владеењето, што да кажам? Веќе видено: за тоа сме сведоци катадневно, веќе подолго време, со години. Така, на пример, само за да останат на власт, во името на ЕУ-интеграциите се воведува категорија којашто, парадоксално но вистинито, во ЕУ не се препорачува. Или, заради опстанок во власта, во време на пандемија и во спротивност на основното право на живот, што е во согласност со меѓународните човекови права, се инсистира на процес којшто може да ги загрози животите на нашите граѓани, процес којшто во многу други држави се одложи, токму поради пандемијата, на неколку месеци. За лажните властодршци, водачи, пророци пишувале многу наши великани. Еве го предупредувањето на Чинго: „чекајте бре луѓе, чекајте бре браќа, лага е, лажни се тие пророци, лажни се тие водачи, не слушајте ги, не вервите им, зашчо тие не само што се лажливци, туку се и крвници, до гуша се во крв“.
Како што навестив во почетокот, ќе завршам со драмата на Калдерон де ла Барка. Одговорот на прашањето зошто на младиот престолонаследник треба да му се одземе способноста да ги разликува животот и сонот е едноставен: останување на власт (според пророштвото на дворскиот астролог, кралскиот син ќе го отстрани својот татко од престолот). Зошто во Македонија има потреба од криза? Зошто досега не се најдени решенија за излез од кризата? Зошто се создава привид дека она што го гледаме е невистинито, додека она што не го гледаме е, всушност, вистинитото? Зошто во Македонија ние сме изложени, наизменично, ту на мрачен ту на блескав и раскошен дискурс? Одговорот на прашањето зошто нам треба да ни се одземе способноста да го разликуваме животот од сонот, вистинитото од лажното, мрачното од блескавото, доброто од злото, е истиот: останување на власт.

Во 2021 година, кризата, во која се наоѓа Македонија веќе подолго време, по сите индикатори, ќе го достигне својот максимум. Многумина, за да побегнат од кризата, која може да предизвика дури и поматеност на свеста, наоѓаат прибежиште во апатијата, аполитичноста и незаинтересираноста. Други, пак, наоѓаат прибежиште во сонот, оти, позајмено од насловот на една книга на Ќулавкова, „Сонот е живот“, таму, во сонот, во сонувањето сме далеку од реалноста, таму го наоѓаме спасот. Сонот, во приказните на Маџунков, „има своја сопствена логика (или, ако сакате, своја алогичност), има свој систем на односи меѓу причините и последиците, свои закони за времето и просторот“. Така, како и во драмата „Животот е сон“, така и во Македонија, сè што се случува има еден единствен именител: останување на власт. Но ако не се разбудиме од сонот и не почнеме да правиме разлика меѓу вистинитото и лажното, доброто и злото, парафразирајќи го Чинго, во дваесет и првиот век ќе „догори оганчето, крај“.