Владата на Република Македонија со жалење констатира дека претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање до јавноста не успеа да се издигне над сопствената немоќ и да ја види перспективата што се отвора пред нашата држава со договорот што овие денови го финализираа и го договорија владите на Република Македонија и на Република Грција, наведува Владата на РМ во реакција за денешното обраќање на претседателот Иванов, кој рече дека текстот на договорот со Грција е штетен и нема да го потпише.
Во соопштението Владата посочува дека претседателот Иванов нема чувство на одговорност и презема дејства на недозволива манипулација со што, како што е наведено, им штети на државата, на граѓаните и директно дејствува против јакнењето на македонскиот идентитет.
– Иванов не се залага за решенија и не работи за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, а тоа за граѓаните се приоритети од највисок национален интерес. Наместо да ја кочи македонската иднина и да ја турка нашата земја во изолација, најдобро е Иванов сам себеси да се изолира од политичката сцена. Свои сме на своето и тоа конечно е признаено од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница. Со овој договор се потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, еднаш засекогаш, пишува во реакцијата на Владата на РМ на обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов.