Владата денеска ја одржа 111 седница на која беа усвоени законски измени за спроведување на ваучерскиот систем за поддршка на спортот и за граѓанските организации, стратегиите за справувањето со нефункционалните кредити и за денаризација, како и пакетот закони за спроведување на социјалната реформа.
-Владата на Република Македонија на денешната 111 редовна седница, го утврди Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, по скратена постапка, донесе одлука согласно член 170 од Деловникот на Собранието да го достави до Собранието на Република Македонија. На денешната седница, на предлог на Министерството за финансии е утврден и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерски друштва, по скратена постапка, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Предложените измени и дополнувања на Законот за преземање на акционерските друштва, се појаснува во соопштението, имаат за цел да се прецизираат критериумите за заедничко дејствување, како и известувањата до Комисијата во однос на заедничкото дејствување заради заштитата на малите акционери, да се поттикне тргувањето со хартии од вредност, и да се олесни постапката за преземање на акционерски друштва од страна на странски инвеститори.
Во пакетот закони од сферата на финансиите, Владата на РМ денеска го усвои и Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, по скратена постапка.
Целта на предложеното изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка е да се изврши појаснување и допрецизирање на одредбите од Законот кои се однесуваат на даночното ослободување за дадените донации во спортот преку ваучер системот, трансферните цени, непрофитните организации, непризнатите расходи и други прашања, заради подобрување на нивната имплементација.
На седницата беше разгледана и усвоена и Информацијата за подобрување на справувањето со нефункционалните кредити и за поттикнување на употребата на локалната валута, како и Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити и Стратегијата за денаризација на Република Македонија.
Владата на Република Македонија ја усвои Национална стратегија за борба против измама за заштита на финансиските интереси на Европската унија во Република Македонија 2019 – 2022 година, а го утврди и Предлог – законот за изменување на Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и донесе одлука, согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија да го достави до Собранието.
На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата денеска ги утврди дел од предлог – законите од пакетот реформи, како што се Предлог – закон за социјалната заштита, Предлог – законот за социјална сигурност за старите лица Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата.
Во делот на социјалните реформи денеска беа усвоени и предлог – програмите за изменување на Програмата за субвенциoнирање на потрошувачката на енергија за 2018 година, Предлог – програмата за изменување на Програмата за условен паричен надоместок за средно образование за учебната 2018/2019 година, Предлог – програмата за изменување на Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2018 година, Предлог – програмата за изменување на Програмата за остварување на социјалната заштита за 2018 година, како и предлог програмите за изменување и дополнување на Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2018 година и Предлог – програмата за изменување и дополнување на Програмата за развој на дејноста за заштитата на децата за 2018 година.
На денешната седница владата го донесе најновиот текст на Одлуката за распределба на средства за проектите со која се обезбедуваат средства за финансирање за изградба на улици и патишта во општина Липково и за изградба на пристапен пат до археолошки локалитет Тауресиум, општина Зелениково.