Владата останува посветена на целосна реализација на договорот од Преспа, истакна владиниот портпарол Муамет Хоџа.
– Двете страни – македонската и грчката, имаат формирано комисии, кои интензивно работат на сите прашања – рече Хоџа во Владата.
Тој нагласи дека во моментот кога ќе има заеднички заклучоци од комисиите, а во врска со обврските кои произлегуваат од договорот, јавноста ќе биде известена. Во однос на соработката, Хоџа истакна дека нема пречки и постои постојана комуникација за отворените прашања.
Одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на Министерството за информатичко општество и администрација во полн состав и со полно работно време администрацијата да се врати на работните места, портпаролот Хоџа истакна дека на вчерашната седница не станало збор за ова прашање, бидејќи сè уште нема мислење од Комисијата за заразни болести за ова прашање.
Портпаролот Хоџа одговарајќи на новинарско прашање за заедничката владина седница со Косово, истакна дека првично предвидениот датум, 25 јануари, е одложен, поради политичката состојба во Косово.
Тој информираше дека причина за тоа се предвремени парламентари избори во Косово, а по одржувањето на изборите и формирањето на институциите таму, двете влади дополнително ќе се координираат и ќе го одредат датумот.