Писмото на Владата со барање мислење од Венецијанската комисија за потребата за носење на Законот за употреба на јазиците поради усогласување со европската регулатива се чини дека се испраќа само за задоволување на формата за исполнето ветување, откако законот на некој начин е веќе свршен чин, констатираат упатените
Кругот на ветувањата на Владата дека Законот за употреба на јазиците ќе го испрати за мислење до Европската комисија за демократија низ правото (попозната како Венецијанска комисија), конечно се затвори една недела по неговото контроверзно објавување во „Службен весник“ без потпис на указот на законот од страна на претседателот Иванов. Во текот на вчерашниот ден од Владата информираа дека целосната содржина од Законот за употреба на јазиците е испратена на мислење до Венецијанската комисија, заедно со алтернативниот текст на членот 8, кој не е составен дел од законот, од причина што се постави прашањето за неговата усогласеност со Уставот на Република Македонија.
Спорниот член 8 од законот се однесува на примената на „јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните“ на книжните и кованите пари, хартиите од вредност, поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, но и на униформите на полицијата, одбраната, пожарникарството, здравството. Во писмото до Венецијанската комисија пишува дека, испраќајќи го законот и алтернативата на членот 8, Владата очекува мислење по нив од аспект на нивната усогласеност со европските стандарди и со принципот на владеење на правото. Исто така, во писмото е забележано дека Законот за употреба на јазиците произлегува од Охридскиот рамковен договор, кој е имплементиран во Уставот на Република Македонија, и дека една од целите на законот е да се создаде хармонична правна рамка во која законските одредби нема да ја загрозат уставноста на Република Македонија, ниту европските стандарди, и што наедно ќе претставува добра почетна основа за процесот на негова имплементација.
Ова писмо на Владата со барање мислење од Венецијанската комисија за потребата за носење на Законот за употреба на јазиците поради усогласување со европската регулатива, се чини дека се испраќа само за задоволување на формата за исполнето ветување, откако законот на некој начин е веќе свршен чин. Имено, како што објаснуваат упатените, практика е Венецијанската комисија да работи на мислење на сѐ уште неусвоени закони, бидејќи целта на изработеното мислење од страна на Комисијата е квалитетно да се подобри предлог-законот и да се унапреди неговата содржина пред да се помине на негово конечно изгласување. Многу ретко, речиси на ниво на исклучоци, откако е донесен некој закон се отвора прашањето за негово менување, односно подобрување. Владата како предлагач на законот ветуваше дека ќе го испрати до Венецијанската комисија уште во нацрт-верзија, пред почетокот на дебатата, но тоа го направи во мигот кога законот (иако оспорен на Уставен суд) веќе е стапен во сила. Симптоматично е и тоа што Владата се обраќа до Европската комисија за демократија низ правото, како своевидна реакција на изјавата на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи дека Законот за употреба на јазиците нема да биде испратен на преоцена додека во Венецијанската комисија, составена од светски признаени правници, членува и професорката по Уставно право од Македонија, Тања Каракамишева-Јовановска.
– Не знам колку мислењето на Венецијанската комисија може законски да влијае на примената на Законот за употреба на јазиците, кој, освен што ја оспорува кохезивната улога на македонскиот јазик во македонското општество, според начинот на кој беше донесен ја стави под сомневање и законитоста на целата постапка. Законот за употреба на јазиците беше изгласан во Собранието по скратена постапка, без јавна дебата, а притоа никогаш (до денес) не беше наведено со која европска регулатива треба да се усогласи за да ја добие закрилата на европското знаменце во собраниската процедура. Во меѓувреме, од неговото изгласување пред една година, политичкиот амбиент во земјава се контурираше во насока Македонија да биде некаква наднационална држава. Во таквиот наднационален контекст, овој Закон за употреба на јазиците е сосема контрадикторен на декларираните насоки за иднината на државата по примената на Преспанскиот договор. Односно, ако македонскиот јазик се повлекува од неговата конститутивна улога во името на „наднационалноста“, со Законот за употреба на јазиците излегува дека тоа го прави во корист само на „јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“, со што се сведува исклучиво на двојазичниот и бинационалниот концепт – вели Александра Ѓуркова, професорка на Институтот по македонски јазик, која беше една од првите интелектуалци што реагираа и укажуваа на крајниот исход од Законот за употреба на јазиците уште во неговата иницијативна фаза.
Мислењата на Венецијанската комисија не се задолжителни по својот карактер, иако авторитетот што го ужива ова тело е прифатен од ЕУ и од ОБСЕ и од другите меѓународни организации. Тоа упатува на фактот дека препораките на комисијата, иако не се задолжителни, имаат силно влијание во државите и во меѓународната заедница поради угледот и авторитетот што комисијата ги има изградено во правото и во политиката. Колку авторитетот на Венецијанската комисија ќе влијае на правната релевантност и спроведувањето на Законот за употреба на јазиците останува дискутабилно, со оглед на политичките агенди и мотиви за негово имплементирање во правниот систем на државата.