Од Владата соопштија дека отворениот случај „Рекет“, во кој сега осомничена е и првата специјалната обвинителка Катица Јанева, потврдува дека пред правдата и законите, секој е еднаков и одговорен.
– Владата на Република Северна Македонија повикува на темелна и независна истрага, која мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Резултатот од истрагата мора да биде базиран исклучително на докази и согласно словото на правото. Одговорност мора да има за сите инволвирани, од прв до последен. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи – истакна портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.
Тој нагласи дека ослободувањето на целиот правосуден систем дава резултати. Очигледно е дека независноста се прифати како алатка која ги охрабри институциите и луѓето на високи позиции во тој систем, за да дадат резултати кои се очекуваат од правната држава и од владеењето на правото.
Од Владата посочуваат дека нема да дозволат злоупотреба на овој случај и негативно искористување од страна на непријателите на европските интеграциски процеси на земјата за да ја попречат Македонија на патот кон НАТО и ЕУ.
Независно од натамошниот развој на случајот во кој сега е осомничена и Катица Јанева, Владата на Македонија очекува од сите истражни и правосудни органи, вклучително и од СЈО, натамошна бескомпромисна борба против највисоките облици на организиран криминал и корупција.
– Ова е уште една мотивација плус заедно со опозицијата да ја заокружиме реформата на правосудниот систем и да обезбедиме владеење на правото во борбата против највисоките форми на организиран криминал и корупција – констатираше Хоџа.
Истовремено остануваме застапници и на ставот дека судските постапки мора да се водат исклучиво низ фер и транспарентни процедури, базирани на докази“ велат од Владата.