Македонија го избегна првиот поголем бран на хонгконшкиот грип зимата 1968 година, но веќе во декември една година подоцна се случува сегашното сценарио со ковид-19. Од 8 декември 1969 година почнуваат објавите дека поради состојбата со грип се затвораат училиштата низ целата земја, а се регистрираат и грипозни заболувања во Скопје и во другите македонски градови

„Нова Македонија“ хроничар на една заборавена епидемија

Последните неколку дена ситуацијата со ковид-19 во Европа и во регионот повторно ескалира, а Македонија со новите рекордни бројки на новозаболени на дневна основа веќе се подготвува за воведување нови порестриктивни мерки за да го спречи ширењето на коронавирусот.
Изминатите неколку дена „Нова Македонија“ ги потсети читателите на некои свои објави од декември 1968 и декември 1969 година, во кои информира за ширењето на таканаречениот хонгконшки грип низ светот, најпрво во Кина, а потоа и во САД и Европа.
Објавите се еден вид навраќање на нешто што се случило пред повеќе од 50 години и за што ретко кој се сеќава, а сега се повторува со пандемијата на ковид-19 по речиси целосно идентично сценарио.
И тогашниот и сегашниот вирус се појавија во Кина и го преплавија светот по истата маршрута, со единствена разлика околу времето потребно да стигне до одреден континент. Ако во далечната 1968 година на вирусот му беа потребни неколку месеци од Кина да стигне до САД и Европа, сега, најмногу поради глобализацијата, тоа се случи за неколку недели.
Македонија го избегна првиот поголем бран на хонгконшкиот грип зимата 1968 година, но веќе во декември следната година се случува сегашното сценарио со ковид-19.

Од 8 декември 1969 година почнуваат објавите дека поради состојбата со грип се затвораат училиштата во Тетово, а се регистрираат и грипозни заболувања во Скопје. Реагира и Светската здравствена организација, која прогнозира дека зимата северната хемисфера на планетата ќе биде погодена со грип, истовремено советувајќи ги заболените да останат дома за да се спречи ширењето на вирусот.
Понатаму „Нова Македонија“ објавува дека во декември 1969 година итен состанок одржале првите луѓе на здравствените домови низ земјава. Се носи одлука за забрана за посетите во болниците, а дополнително се засилува составот на итните медицински служби. И тогаш има недостиг од медицински кадар поради преполните болници со заболени од грип.
Тогашниот Републички секретаријат за народно здравје и социјална политика носи мерки за да го спречи ширењето на грипот.

– За да се утврди фактичката состојба, во согласност со законските прописи, здравствените установи треба веднаш да пристапат кон пријавување на сите случаи со знаци на грип до општинскиот здравствен центар и Републичкиот завод за здравствена заштита во Скопје, секој втор ден. Здравствената служба да го известува населението во врска со превенцијата и сузбивањето на капковите заразни болести. Секретаријатот ја следи положбата на движењето на заболувањата и по потреба ќе дава известувања и дополнителни мерки – пишува „Нова Македонија“ во изданието од декември 1969 година.
Понатаму се информира за огромен број заболени во Велес, Прилеп, Тетовско, Кривопаланечко…
Под насловот „Можно е поголемо ширење на заболувања од грип“, „Нова Македонија“ пишува дека поради сериозноста на ситуацијата, вонредна седница одржува и Советот за здравство на Собранието на Скопје.
– Грипозните заболувања од ден на ден се зголемуваат. Клиниките при Медицинскиот факултет во Скопје забранија посети на болни. Тоа го стори и градската болница во сите свои одделенија. Голем е бројот на болни и во самите клиники над кои не може да се изврши хируршка интервенција.

Загрижува и бројот на болни лекари и друг медицински персонал од градот – се наведува во текстот од пред половина век.
На 14 декември 1969 година во „Нова Македонија“ излегува текст со наслов „Грипот ја зафати скоро целата наша Република“, при што се информира дека во Скопје имало над 11.000 заболени, а во Тетово од последиците на грипот починало петгодишно дете. Ситуацијата ескалира и се затвораат училиштата во Гостивар, истовремено се забрануваат јавни собири во овој град, а подоцна и во други градови.
На насловната страница на 15 декември 1969 година „Нова Македонија“ објавува вест за 20.000 заболени во Скопје и забрзано ширење на вирусот низ целата земја. Училиштата секаде се затвораат.
– На Клиниката за инфективни болести при Медицинскиот факултет веќе нема место, бидејќи голем е бројот на болните од грип со компликации на дишните органи. Во Клиниката за детски болести, и покрај преполнетиот капацитет, бројот на болни деца секојдневно се зголемува. Сериозно се размислува најитно да се отвори едно одделение што исклучиво ќе ги лекува болните од грип и компликациите што настануваат – пишува „Нова Македонија“ пред половина век.

Ситуацијата од пред 50 години се повторува. Имено, последната состојба, заклучно со 22 октомври 2020 година, е дека капацитетите на Инфективната клиника во Скопје се исполнети и новите пациенти се примаат во модуларната болница во кругот на Инфективна. Расте бројот на заболени во Скопје, Велес и други градови.
Во текстот „Училиштата празни – кината полни!“, надлежните апелираат до граѓаните да се избегнуваат јавните собири, нешто што и денес се случува, кога училиштата беа затворени, а младите продолжија да се забавуваат во кафулињата, непочитувајќи ги мерките за спречување на ширењето на вирусот.
Дури и далечната 1969 година се ширеле лажни вести, но улогата на медиумите тогаш била да ги неутрализира ваквите појави.

Текстот насловен „Неточни вестите за ’голем број на смртни случаи’ од грип во Тетовско“ од 18 декември 1969 година всушност покажува како „Нова Македонија“ уште тогаш се борела со напливот од дезинформации што се ширеле во јавноста.
– Поради зачестените информации за наводно голем број смртни случаи од грипозно заболување во Тетовско, во некои весници се искажани и конкретни бројки, и поред извесни контрадикторни изјави на поединци, а со цел да ја дознаеме вистинската положба, се обративме до директорот на Медицинскиот центар во Тетово – се наведува во текстот, што е доказ за професионалниот однос на новинарите во првиот македонски дневен весник.
Сето ова говори за една идентична ситуација што во светот се случува повторно по речиси половина век, но овој пат главната улога ја игра ковид-19.

(продолжува)