Фото: Игор Бансколиев

На нешто помалку од еден месец до Нова година, кога бројот на новозаразени секојдневно е над 1.000, јавноста е во очекување на прецизни насоки што точно планираат здравствените власти за претстојниот период. СЗО веќе излезе со препораки за граѓаните виртуелно да се поврзат и, според нив, тоа е начинот на кој треба да се дејствува во овој период

КАКО ЗА ПРАЗНИЦИТЕ ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

Дали македонските граѓани ќе се откажат од традиционалните предновогодишни прослави? Какви новогодишни и божиќни празници нѐ очекуваат? Ќе има ли посебни протоколи за прослава на новогодишните и божиќните празници? На нешто помалку од еден месец до Нова година, кога бројот на новозаразени секојдневно е над 1.000, јавноста е во очекување на прецизни насоки што точно планираат здравствените власти за претстојниот период.
Западните медиуми веќе ги подготвуваат граѓаните за начините на кои ќе се слават Нова година и Божиќ, првпат во услови на пандемија.
И Светската здравствена организација веќе даде препорака претстојните божиќни празници да се слават во тесен круг, без големи семејни прослави или собири.
– Многу луѓе во светот имаат можност виртуелно да се поврзат и можеби тоа е начинот на кој треба да се дејствува во овој период. Затоа најдобро е да се обезбеди прослава со видеоконференција – посочуваат од СЗО.
Некои европски држави веќе подготвуваат посебни протоколи за претстојните празници, со кои ќе се воведат нови забрани и карантини, но некои, пак, размислуваат да дозволат прослави со ограничен број луѓе.

И во земјите во регионот, како Србија, се размислува какви мерки да се воведат во претстојниот претпразничен период.
Епидемиолозите, сепак, препорачуваат Божиќ и Нова година да се слават во кругот на најтесното семејство.
Епидемиологот Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести, посочи дека празничните денови, славите, предновогодишните прослави, новогодишната ноќ и божиќните празници се период кога се очекува ризикот од ширење на вирусот да биде зголемен.
– Не можеме да им забраниме на граѓаните да се собираат дома. Сѐ е до нивната свест. Веќе добро е познато дека метежот, густината на луѓето на одреден простор го зголемува ширењето на ковид-19. Најдобро е да се остане дома за претстојните празнични денови – препорачува епидемиологот Стојанов.
Според него, земјава уште претходно воведе построги мерки за заштита од вирусот за разлика од околните земји, кои дури сега, откако бројот на заболени енормно им порасна, почнаа да го применуваат тоа.
– Србија сега воведе рестрикции за работа на угостителските објекти до 18 часот. Ние одамна веќе воведовме таква мерка, но до 21 часот – посочува тој.
Венко Филипче, министерот за здравство, најави можни рестрикции за време на претстојните празници, особено на места каде што може да се собираат луѓето.
– Новогодишните празници и периодот пред тоа, предновогодишните прослави се огромен ризик да се појават мини-кластери, кои дополнително може да го оптоварат здравствениот систем – објаснува Филипче.
Според него, разговарале дали може да се препорачаат дополнителни превентивни мерки и какви мерки би биле тоа.

– На следните состаноци со Комисијата за заразни болести можеме да разговараме за евентуални рестриктивни мерки што би се однесувале пред сѐ на работата на угостителските објекти. Дали со сегашните мерки ако не се почитуваат, можеме да дојдеме до сериозен проблем и тоа да го увидиме по две- три недели откако ќе се појават пациенти по болниците – објаснува Филипче.
Сепак, тој смета дека за време на празниците не се потребни карантин и полициски час и нема да има ефект, зашто веќе донесените мерки добро функционираат и веќе има намалување на факторот преносливост и на бројот на пациенти во болниците, што беше случај на почетокот на ноември годинава.