Експертската јавност апелира до Владата да се објават што поскоро планираните амандмански измени, кои се планира да се спроведат во Уставот пред одржувањето на референдумот. На тој начин, според нив, на просечниот граѓанин ќе му се овозможат валидни информации за носење исправна одлука
Со секој изминат ден до гласањето на референдум закажан на 30 септември за спогодбата од Мала Преспа меѓу Скопје и Атина, некако се засилуваат пораките од меѓународната заедница упатени кон гласачите во Македонија, но и се зголемува тензијата меѓу условно кажано спротивставените политички кампуси.
На социјалните мрежи, но и во медиумите веќе се провлекуваат и информациите околу можните промени на Уставот што ќе следуваат по референдумот во согласност со потпишаната спогодба од Мала Преспа преку усвојување амандмани во Собранието, но не и за тоа што точно ќе се менува во него и за какви корекции на Уставот точно станува збор. Тоа, пак, создава недоумица кај граѓаните како да се изјаснат кога не знаат какви измени на Уставот се планираат и до каде тие ќе допрат.
Ваквиот сплет на околности односно држењето во најголема тајност на најавената амандманска интервенција во Уставот по одржувањето на референдумот остава простор за сомневање дека нацијата ќе биде ставена пред свршен чин.
Некои од коментарите на домашната стручна јавност што ја познаваат оваа проблематика се дека доколку со Уставот како највисок правен акт се дефинираат државата и општественото уредување, а со преамбулата се дава личниот опис на нацијата и нејзината вековна борба за државотворност, нејасно е каков запис ќе вградиме во преамбулата со договорените измени и со какви амандмани ќе се дополнува Уставот, а притоа да не се промени лицето на државата кон надвор и дома.
Во таа насока експертската јавност заедно со интелектуалното критично мнение апелира до Владата да се објават што поскоро планираните амандмански измени, кои се планира да се спроведат во Уставот пред одржувањето на референдумот. На тој начин, според нив, на просечниот граѓанин ќе му се овозможат валидни информации за носење исправна одлука. Сѐ дотогаш, како што наведуваат тие, може да се каже дека зад целиот овој проект стојат некакви скриени намери, кои обичниот граѓанин нема да ги препознае на претстојниот закажан референдум.
Професорот и аналитичар Љупчо Ристовски споредувајќи ја најавената уставна измена на Владата со хируршка операција на докторите вели дека за секој хируршки зафат, било тоа да е пластичен или неврохируршки претходно се бара согласност или од лицето или од родителот за операцијата во нашиот случај дозвола од народот.
Притоа, според Ристовски, хирурзите прават и реконструкција на тоа што ќе следува на Запад дури, според него, се прави и компјутерска симулација пред и по операција, додека кај нас Владата мудро молчи пред најавениот хируршки зафат на Уставот.
– Ако преамбулата е главата на Уставот, во неа се дефинираа личниот опис на државата и на нацијата што ги организира. Целта на Грците е да извршат „пластична операција“ со која ќе ѝ го сменат личниот опис на нацијата и плус „неврохируршка операција“ со која ќе ни ја извадат меморијата од главата (оти тоа е историјата – меморијата на еден народ) и да ни вградат чип со нови историски информации, кои се лажни, притоа со наша писмена изјава за согласност (референдумот). Затоа замолувам да се објават планираните амандмански измени на Уставот пред референдумот. Така ќе му овозможиме на просечниот граѓанин валидни информации за носење исправна одлука. Сѐ дотогаш и јас ќе сметам дека зад овој проект стојат скриени намери на Владата – оценува Ристовски.
Според политикологот, со точката 1.3.ѓ од спогодбата, се симнува државотворноста на македонскиот народ од секоја официјална државна институција, кој, пак, според него, губи секаква етничка компонента и белег и станува „ничиј и сечиј“, исто како и општествената сопственост од минатиот систем. Тоа, според Ристовски, е знак дека секој може да ја разграбува државата, а, според него, во таков случај може да се повампират и сите екстремизми кај соседите за нова асимилација во втора декада на 21 век.
– Сево ова може да се избегне, ако Владата е искрена пред нацијата во своите намери да му го зачува националното достоинство на македонскиот народ и претходно и навреме го сподели оригиналниот текст на амандманските интервенции во Уставот. Во спротивно сѐ е лага и пораката станува јасна како бел ден – завршува тој.
Од друга страна, Гордан Калајџиев, професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ тврди дека Владата досега транспарентно го води процесот за референдумот и најавените уставни промени што ќе следуваат. Според него, познати се работите што ќе се менуваат на Уставот и истите тие се впишани во договорот со Грција, кој беше објавен од страна на македонската влада. Единствена забелешка на професорот Калајџиев е тоа што Владата досега не отвори јавна дебата за правните финеси, кои се планира да се внесат во највисокиот правен акт, што, според него, може да создаде непотребни тензии кај јавноста пред одржувањето на референдумот закажан за следниот месец.
– Приближно работите што треба да се менуваат ѝ се познати на јавноста и сите се вртат околу името. Во договорот е јасно напишано што треба да се менува овде говорам за пошироката јавност. За правните финеси и амандманите што треба да се додадат, согласен сум дека треба да се отвори што порано дебата во јавноста, а стручните лица да го кажат своето мислење односно да изнесат критика или план како тоа да се уреди, бидејќи познавајќи ја проблематиката допрва ќе се отворат прашања како компликувани, а времето ќе биде доцна истите тие да се исправаат – заклучува Калајџиев.