Премиерот Заев истакна дека нашата земја „испорача пример за сто проценти реформи, нема незатворени билатерални прашања, ние сме светол пример во регионот и доказ за моќта на привлекување на ЕУ“, но што е уште поважно презентирајќи ја информацијата за растот на БДП за 4,1 отсто во првиот квартал, премиерот нагласи дека и покрај сѐ, Владата како приоритет во наредниот период силно ќе продолжи да биде фокусирана на забрзување на економскиот раст, поттик на стопанството и подобрување на условите за бизнис-заедницата
Веднаш по добивањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтегративните процеси, на 29 мај, целиот интерес на политичката јавност се насочи кон прашањето, дали тоа ќе значи и конечно добивање датум за почеток на преговорите. Поткрепа за таквите очекувања е и реториката на европските комесари во заминување дека ова е најпозитивниот извештај за земјава. Но во исто време, од друга страна, како причина за воздржаност на тие очекувања, се и претходните добиени десетина препораки од ЕК за почеток на преговорите!? Иако последниов извештај е оценет како најпозитивен, забележливо е дека по првата реченица во која се констатира напредокот, сепак потоа следуваат редум забелешки на кои треба Владата да ги насочи реформите.
– Веројатно е точна констатацијата дека е ова досега најпозитивниот извештај на Европската комисија (иако и натаму во многу области имаме единици, двојки и тројки) и тоа ја следи реториката на водечките луѓе за проширувањето (Могерини и Хан) за наградување на напредокот на Македонија, особено постигнувањето на Преспанскиот договор. Со тоа се исполнува нивната обврска и се зголемува притисокот кон земјите-членки конечно да одлучат (на 18 и 21 јуни) да почнат преговори за наше членство во ЕУ – оцени Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС, веднаш по објавувањето на извештајот.
Покрај пофалбите, во извештајот сепак се наведува, (исто како и со години претходно), дека ЕК бара дополнителен напор од „сите судски институции за враќање на довербата на јавноста во судството“. Според извештајот, механизмот за надворешен надзор на полицијата сè уште не е целосно функционален и земјата треба дополнително да ја развие употребата на алтернативни санкции и условни казни. Во однос на борбата против корупцијата и организираниот криминал, е констатирано дека земјата „поседува одредено ниво на подготвеност“, меѓутоа „властите треба дополнително да ги засилат напорите да покажат дека борбата против корупцијата е државен приоритет на сите нивоа на овластувања.“
Во сите забелешки од извештајот на ЕК се наведува дека од Владата се очекува веднаш да се ангажира во насока на креирање реформски план, за надминување на посочените предизвици. Речиси десетина дена по извештајот, во македонската јавност тој повеќе се употребува како аргумент во меѓупартиските надмудрувања (едните ги издвојуваат позитивните сигнали, другите – забелешките), но многу малку се зборува за некакви реформски мерки со кои би се дејствувало во насока на надминување на забелешките на ЕК.
– Во овој период не очекувам некои драматични активности за промени, кои би придонеле за добивање на датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Што и да се направи сега не може да се промени актуелниот извештајот, според кој ќе се водат министрите на земјите-членки на ЕУ при одлучувањето за доделување датум за почеток на преговорите. Секако, Владата може да излезе со некаква програма за реформи, со што би покажала сериозност во намерите за надминување на забелешките. Но одлуката за датум за почеток на преговорите во овој миг би била политичка и сега сепак е на потег Европската Унија – вели политикологот Петар Арсовски.
Сепак, во поглед на манифестацијата за подготвеност на македонската влада за активности во врска со извештајот, на редовната седница, одржана на 3 јуни, годинава, била разгледана информацијата за клучните наоди и препораки од извештајот на Европската комисија за Македонија за 2019 година, и е задолжен Секретаријатот за европски прашања (СЕП) да подготви план за реализација на краткорочните приоритети од извештајот. Исто така, СЕП бил задолжен веднаш да ја достави деталната анализа за извештајот и планот за динамиката за ревизија на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ до ресорните институции и НПАА-работните групи.
Конечно, и покрај сѐ горенаведено, Владата и премиерот Заев истакнаа дека нашата земја „испорача пример за сто проценти реформи, нема незатворени билатерални прашања, ние сме светол пример во регионот и доказ за моќта на привлекување на ЕУ“, но што е уште поважно презентирајќи ја информацијата за растот на БДП за 4,1 отсто во првиот квартал, премиерот нагласи дека и покрај сѐ, Владата како приоритет во наредниот период силно ќе продолжи да биде фокусирана на забрзување на економскиот раст, поттик на стопанството и подобрување на условите за бизнис-заедницата.