Ова е клучен историски момент за Македонија и треба да се процени како прв конкретен чекор кон членството во ЕУ, порача известувачот за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл на седницата на Националниот совет за евроинтеграции во македонското Собрание на која беше и еврикомесарот Јоханес Хан кој официјално и го инаугурираше почетокот на скрининг процесот за подготвеноста на земјата за почнување на пристапните преговори.
– Ова не е формалност, ова е содржинска шанса за напредок. Членството во ЕУ и НАТО се историска шанса за Македонија. Нема да има втора шанса. Сакам да ја пренесам пораката до вас дека нема да има втора шанса за да се решат отворените прашања што го оптоваруваа процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ многу години откако станавте кандидат за членство. Никој не може да замисли подобри услови за да се започнат преговори и да се завршат преговорите успешно меѓу Македонија и Грција, рече Вајгел честитајќи им на премиерите на двете земји за постигнатиот договор.
Тој упати апел до пратениците да работат заедно и да ги стават интересите на земјата пред партиските интереси.
– Партиите се играчи, еден може да победи, еден да изгуби. Понекогаш сте победник, некогаш сте губитник, но интересот на земјата е единствен и треба да подразбира влогови на добра волја и компромис, порача Вајгл.