Важно е Северна Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи на Твитер, по средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски во Брисел.
– Ја истакнав поддршката за официјално отворање на преговорите за членство и потребата Советот на ЕУ да се согласи за преговарачката рамка – истакна Вархеи.
Пендаровски престојува во дводневна посета на Брисел каде што ќе има средби во ЕУ и во НАТО. Претседателот денеска се сретна со Вархеи, со специјалниот претставник на ЕУ за западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со шефот на ЕУ дипломатијата Јосеп Борел. За попладне се предвидени средби со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.