Екипа на „Нова Македонија“, во текот на празниците, направи обиколка на западниот дел од земјата и лично се увери дека голем дел од сообраќајните знаци на кои населените места се напишани на македонски јазик се пречкртани или прекриени со спреј, а на таблата се оставени да стојат само албанските натписи. Каква порака испраќаат ваквите вандалски акти и кон кого? Неодамна, Венецијанската комисија предупреди дека широката примена на Законот за употреба на јазиците ќе предизвика многу проблеми, кои сега почнуваат да се појавуваат еден по еден
Во очекување надлежните државни органи да ги спроведат препораките на Венецијанската комисија, која јасно и недвосмислено констатира дека Законот за употреба на јазиците има мноштво аномалии, што значи и неприменливост на двојазичноста во практика, некои други „комисии“ на терен во западниот дел на Македонија веќе практикуваат вандализам и насилство врз јавните добра со бришење на сите македонски натписи на сообраќајните знаци и манифестирајќи на тој начин еднојазичност. Со други зборови, ваквите акти на оштетување на патната сигнализација го покажуваат второто скриено лице на двојазичноста, која очигледно некои ја сфаќаат само како алатка за негирање на мнозинскиот народ во државата и за негирање на македонскиот јазик како официјален службен јазик во Македонија.
Екипа на „Нова Македонија“, во текот на празниците, направи обиколка на западниот дел од земјата и лично се увери дека голем дел од сообраќајните знаци на кои населените места се напишани на македонски јазик се пречкртани или прекриени со спреј, а на таблата се оставени да стојат само албанските натписи.
Ако на тоа се додадат и албанските знамиња поставени на повеќето куќи, со право понекогаш патниците се прашуваат во која држава се наоѓаат.
Ваквите незаконски постапки, претставуваат и директна негација на мнозинскиот македонски народ и на македонскиот јазик во неговата сопствена држава од страна на малцинска заедница, која се однесува како мнозинска.
Згора на тоа, станува збор за новопоставени сообраќајни знаци за кои биле одвоени финансиски средства од џебот на сите граѓани и за чија поправка повторно ќе мора да се плати, без гаранција дека уште следната вечер нема да бидат одново пречкртани и уништени.
Неодамна, Венецијанската комисија предупреди дека широката примена на Законот за употреба на јазиците ќе предизвика многу проблеми, кои сега почнуваат да се појавуваат еден по еден.
– Укажувањата на Венецијанската комисија за Законот за употребата на јазиците ќе ги испочитуваме и ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното министерство за правда – порача поранешниот премиер Зоран Заев по добивањето на забелешките од Венецијанската комисија.
Сепак, се чини дека со оглед на фактот што државата влезе во период на предизборие ништо суштински не се планира да се преземе во насока на спроведување и имплементирање на препораките на Венецијанската комисија.
– Навистина е срамота ова што се случува во западниот дел на земјата. Речиси сите табли се уништени, на некои може да се забележат дупки од куршуми, на другите се вандализирани македонските натписи за населените места. Кога возиш добиваш впечаток дека си во друга земја, а не во Македонија. Ако не го познаваш добро крајот, може и да го утнеш патот кога не го разбираш јазикот на таблите – раскажува возач.
Некои од социолозите ваквите постапки ги објаснуваат со длабоката поделеност во нашето општество, особено по етничка линија, но не исклучуваат оштетувањето на знаците да се случува и поради некаков индивидуален протест.
– Над нас постојано виси едно нешто со кое ние секојдневно се соочуваме, а тоа е федерална држава. Таа фактички постои, а сега се работи како таа да почне и формално да функционира. Ние сме поделена држава. Не е исклучено оштетувањето да е резултат и на некаков индивидуален протест – смета Илија Ацевски, социолог.
Според него, македонската страна мора да прифати некои реални факти, но треба да се бара и од албанската страна да прифати некои состојби.
– Мора да живееме заедно, а тоа ќе се постигне ако и двете страни ги прифатат обврските. Не може во Тетово или во Гостивар на државен празник да не се вее државното знаме. Државата мора да реагира и да ги казнува оние што не го почитуваат законот. Факт е дека македонската страна е оштетена во оваа, на некој начин, билингвистична федерална држава, но мораме да ја прифаќаме состојбата и да бараме и другите да ги прифаќаат нормите што ја карактеризираат Македонија како држава на сите што живеат тука, без оглед на етничката или верската припадност – нагласува Ацевски.
Што препорача Венецијанската комисија
Венецијанската комисија најпрво реагираше на скратената постапка по која законот беше донесен, без јавна расправа и без разгледување на поднесените амандмани. Венецијанската комисија открива дека во одредени области новиот закон може да оди преку одредените стандарди и со тоа наметнува нереални законски обврски за јавните институции, особено употребата на албанскиот јазик на судски рочишта придружени со високи санкции во случај да не се спроведува законот и можноста да се враќаат судските одлуки во случај да нема превод и толкување (симултан превод) на рочиштата.
Според мислењето на експертите од Венецијанската комисија, ова може значително да го забави функционирањето на целото судство и сериозно може да предизвика кршење на правото за правично судење, кое е гарантирано со Меѓународната конвенција за човекови права.
Понатаму, комисијата забележува дека законот за јазиците има недостиг од појаснувања во однос на одредбите што се спроведуваат само за албанскиот јазик и посебно за јазиците на другите заедници.
Венецијанската комисија упатува голем број препораки за властите во Македонија, особено да се откажат од одредбите во законот за употреба на албанскиот во судските постапки. Се упатуваат и редица други забелешки со препораки неговото стапување во сила да се одложи или законот целосно да се ревидира и видоизмени, во согласност со меѓународните стандарди и права, кои ги уживаат другите малцински заедници во светот. Патем, Венецијанската комисија констатира дека со законот на Албанците, како малцинство во Македонија, им се дадени многу поголеми права и тие треба да се доведат во рамките на правата дадени на другите малцинската низ Европа и светот.
Ќе ги фотографира ли Османи оштетените табли во Западна Македонија?
Пред извесно време вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, за личен пиар правеше обиколка со автомобил низ Скопје и преку телефон ги караше директорите зошто доцнат со поставувањето двојазични табли, со што го прекршувале токму Законот за употреба на јазиците.
Истиот вицепремиер заборава да се провози низ западниот дел на земјата и „да ги искара“ и тамошните локални власти зошто дозволуваат вандализирање на македонските натписи, упорно го игнорираат поставувањето на државното знаме на празници и го минираат соживотот.