Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали најавите за ограничено движење на невакцинираните ќе создадат нова поделба кај луѓето? Дали ова може да се толкува како дискриминација, со оглед на тоа што вакцинацијата во земјава не е задолжителна? Иако оваа мерка е само идеја во Македонија, во некои држави во Европа веќе функционира, но предизвикува и остри реакции

ПАНДЕМИЈАТА И ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА НОВ ФРОНТ НА ПОДЕЛБИ ВО СВЕТОТ И КАЈ НАС

Ќе се оди ли на масовни настани од септември со ковид-сертификати и каков ефект ќе има ваквата мерка? Министерот за здравство Венко Филипче најави дека се размислува наесен вакциналниот сертификат да биде задолжителен за влез на настани на затворено, како и за масовни настани, доколку опфатот на вакцинираните граѓани не е доволно обемен.
Дали ова може да се толкува како дискриминација, но и поделба меѓу народот, со оглед на тоа што вакцинацијата во земјава не е задолжителна? Иако оваа мерка е само идеја во Македонија, во некои држави во Европа веќе функционира, но предизвикува и остри реакции.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека во овој случај не може да се зборува за дискриминација, зашто се доведува во прашање јавното здравје.
– Сето тоа се превентивни мерки што се во насока на зачувување на јавното здравје и се дозволени мерки. Истото мислење го имавме и за примање вакцинирани деца во градинките – вели Пировска.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека ги разбира острите реакции.
– Антиваксерите се чувствуваат загрозено! Веднаш се потега кршење на човековите права! А јас прашувам: Не е ли кршење на моите човекови права и обратната ситуација, да ме изложува на опасност од зараза некој што не сака да се вакцинира? Затоа што, и покрај вакцинираноста, делта може во одредена мера да ја „пробие“ заштитата од вакцината – посочува тој.
Според него, јавното здравје е највисок општествен интерес!
– И ако некој сака да живее во заедница, треба своите индивидуални интереси, ставови, да ги подреди на колективните. Не може да се инсистира само на права. Колективното живеење подразбира и обврски. Сѐ друго е анархија! Порано, кога немаше вакцина, државата посегнуваше по рестриктивни мерки – карантини и др. Сега, кога вакцините се достапни за секого – и бесплатни – нема оправдание за построги рестрикции! Но, од друга страна, општото здравје мора да се заштити! Затоа, тие што одбиваат да се вакцинираат мора да се соочат со последиците од своите постапки! И мерките за заштита на колективното здравје некој ќе ги квалификува како кршење на човековите права – заклучува Даниловски.

Социологот Илија Ацески вели дека има многу спротивставени мислења за ковид-19, а тоа провејува низ целиот тек на пандемијата.
– Ако вие имате група што се вакцинира, убеденоста е дека оној што нема да се вакцинира станува опасност за околината. Одговорноста се префрла на поединецот, а ефектот може да биде на социјалниот живот. Го оставаме вашето индивидуално право, но затоа ви забрануваме да го живеете нормално вашиот социјален живот. Ќе бидете проверувани, нема кино, нема театар, ако не сте, ве исклучуваме од тој живот. Тука се создава поделеноста кај народот. Некои применуваат и парична награда за вакцинација, но тоа говори за поткупливост за вакцинацијата, а таа е од јавно добро – посочува социологот.
Според Филипче, важноста на имунизацијата на населението е клучна за справување со пандемијата, затоа е важно граѓаните што поскоро да го сторат тоа.
– Ова е единствениот начин како да се справиме со евентуално новиот бран што би се појавил наесен – посочи тој.
Според евиденцијата на Министерството за здравство, вкупно се аплицирани 700.193 дози вакцини, а ревакцинирани се 259.894 граѓани.
Десетици француски полицајци употребиле солзавец за да ги растераат демонстрантите против планот на претседателот Емануел Макрон да побара потврда за вакцинација против ковид-19 или негативен ПЦР-тест од следниот месец за влез во барови, ресторани и кина.
Макрон најавил обемни мерки оваа недела за спречување на брзиот раст на нови случаи на коронавирус, вклучувајќи задолжителна вакцинација на здравствените работници и нови здравствени правила за граѓаните.
Некои критичари на планот на Макрон велат дека претседателот ги крши слободите и ги дискриминира оние што не сакаат да бидат вакцинирани.
Дваесет илјади луѓе учествувале на дводневниот музички фестивал во Утрехт, Холандија, на отворено на 3 и 4 јули, а околу илјада луѓе се заразиле, но локалните власти велат дека тој број може да порасне. Посетителите требало да покажат потврда за вакцинација или негативен тест за ковид-19 на влезот.

На 26 јуни, Холандија ги укинала речиси сите епидемиолошки мерки и дозволила поголеми собири, под услов учесниците да имаат сертификат за вакцинација или негативен тест. По појавата на нови случаи, повторно биле воведени некои ограничувања. Според здравствените власти, тинејџерите и младите се најодговорни за растот. Заразата најмногу се шири на фестивали, во дискоклубови и во ресторани.
Летонската влада, пак, одлучила да ја направи вакцинацијата против ковид-19 задолжителна за вработените во образованието и здравствените установи.
Во другите сектори, работодавците ќе имаат право да отпуштаат невакцинирани работници од 1 октомври, според новите правила донесени од Владата во Рига. Кампањата за вакцинација во Летонија, со население од 1,9 милион жители, напредува многу бавно. Досега околу една третина од жителите примиле барем една доза од вакцината.
Секое невакцинирано лице во Грција коешто ќе влезе во затворен простор без да приложи вакцинален сертификат, ќе плати казна од 300 евра.
Освен казните за невакцинираните, од 1 септември Грција воведува задолжително вакцинирање за старите лица и за здравствените работници, сѐ со цел сегашните 40 отсто вакцинирани до есен да се зголемат на 70 отсто од населението.

[email protected]