Американска студија дава интересни резултати што решаваат некои дилеми во научната јавност
Вакцините против ковид-19 ги намалуваат изгледите за инфекција и ја омекнуваат сериозноста на болеста. Сепак, луѓето што се вакцинирани би требало и понатаму да носат маски во јавност, бидејќи би можеле да заразат и други луѓе доколку се заразат и самите, советуваат научниците
Вакцинираните граѓани би требало да продолжат да носат заштитни маски во јавност, затоа што и понатаму може да носат – а можеби и да шират – ист број вируси како и оние невакцинираните, а притоа воопшто да не се свесни за тоа, покажуваат податоците од една нова американска студија.
Научниците го анализираа количеството на вирусот, или т.н. „вирусно оптоварување“, кај 869 пациенти во мигот на поставување на дијагнозата, од кои 632 биле асимптоматски лица, пренесува британската агенција „Ројтерс“. Повеќето од инфекциите се предизвикани од високозаразната делта-варијанта на ковид-19. Според извештајот објавен на веб-страницата „медРксив“, интересно е што научниците не пронашле статистички значајни разлики во просечното вирусно оптоварување помеѓу вакцинираните и невакцинираните лица, помеѓу оние со или без симптоми, или, пак, помеѓу различни возрасни групи, полови и типови вакцини.
Истражувањето сè уште нема поминато низ рецензија.
„Нашата студија не дава информации околу заразноста“, изјави Ричард Мишелмор од Универзитетот во Калифорнија, истакнувајќи притоа дека преносот на вирусот е под влијание на неколку фактори, а не само на вакцинацискиот статус и вирусното оптоварување.
– Не е во ред да претпоставите дека по вакцинирањето не може да се заразите и не може да заразите некој друг, па дури и ако сте асимптоматска личност – рече Мишелмор.
Вакцините против ковид-19 ги намалуваат изгледите за инфекција и ја омекнуваат сериозноста на болеста. Сепак, луѓето што се вакцинирани би требало и понатаму да носат маски во јавност, бидејќи би можеле да заразат и други луѓе доколку се заразат и самите, советуваат научниците.