Успешноста на спроведувањето на вакцинацијата ќе даде можност за решавање на кризата со која е соочен светот, отворање на економијата и враќање на животот во нормала, заклучуваат аналитичарите со кои разговараше „Нова Македонија“ за предизвиците што го очекуваат светот во годината што доаѓа
Предизвици и предвидувања за годинава
Вакцинацијата ќе биде прашање што ќе го преокупира светот во годината што доаѓа, бидејќи од неа директно ќе зависат решавањето на кризата и враќањето на животот во нормала. Успешноста на овој процес ќе влијае и врз други области. Ова може да се заклучи од размислувањата на политиколозите изнесени за „Нова Македонија“ во поглед на глобалните текови што можат да се очекуваат во 2021 година. Борбата за вакцините се наоѓа на првото место и на листата на 10 тренда на кои треба да се внимава во 2021 година, која ја состави Том Стендиџ, заменик-уредникот на британскиот магазин „Економист“.
Домашните аналитичари имаат слични предвидувања.
– Најголемиот фокус е на вакцинацијата, но станува збор и за извесен пиар со набавката на вакцини и одредено мачкање очи за да се демонстрира јавно дека државите навистина покажуваат грижа. Еден месец во набавката не би требало да смени многу, а поголемите држави веќе ги нарачаа вакцините. Вакцинацијата почна во Америка и во Велика Британија. Се очекува одобрување на вакцината на „Модерна“, а потоа и на „Астра Зенека“/„Оксфорд“. Со самото одобрување тие ќе се дистрибуираат. А со вакцинацијата ќе може да се реши и кризата. Очекувам до почетокот на март в година состојбата да почне да се враќа во нормала. Светот ќе се врати во нормала кога економијата ќе се отвори. Од тоа ќе зависи излезот од кризата – смета пиар-стратегот и политиколог Синиша Пекевски.
Извршниот директор на центарот за европски стратегии „Евротинк“, Иван Стефановски, посочува дека процесот на вакцинација ќе влијае и врз сите други области.
– Вакцинацијата секако е многу важно прашање. Нејзината успешност, цената на вакцините, дистрибуцијата и сите други фактори поврзани со овој процес. Од неа ќе зависи и закрепнувањето и враќањето на економијата во нормала. Тоа ќе биде тема број еден и во 2021 година. А ќе влијае и врз сите други области. На справувањето со финансиската криза, излезот од неа и на отворањето на економијата – објаснува Стефановски.
Пекевски очекува отстранување на блокадата за евроинтеграциите на Македонија веќе во првата половина на 2021 година со силна поддршка и од САД.
– Очекувам отстранување на блокадата за Македонија во првата половина на 2021 година. А колкава ќе биде цената за тоа, допрва треба да се види. Македонија ќе има силна поддршка од САД, кои вложија ресурси и време во ова прашање. Ќе имаме силен ветер во грбот од администрацијата на новиот претседател. Очекувам отворање на поглавјето в година, а потоа ќе видиме колку време ќе биде потребно за членството – вели Пекевски.
На геополитичкатата сцена, Пекевски смета дека односите помеѓу Русија и САД ќе се затоплат со доаѓањето на администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, додека Европа и Америка ќе бараат начин за стопирање на галопирачката економија на Кина. Тој додава дека ЕУ треба да се реформира однатре.
– Очекувам затоплување на односите помеѓу Русија и САД со изборот на Џо Бајден и со доаѓањето на неговата администрација. Сметам дека Европа и САД ќе бараат начин за стопирање на галопирачката економија на Кина.
Таа со голема моќ и сила навлекува и во европската и во американската економија, со што напливот од исток доаѓа со многу пари. Во ЕУ треба да дојде до внатрешно стабилизирање, бидејќи во пандемијата дојде до нееднаквост и до обвинувања за несправување со кризата. На почетокот секој внимаваше само на себе, со што проблемите излегоа на виделина. ЕУ треба да се реформира однатре, односно да има реформи во внатрешното управување. Сега се соочуваше со бугарското вето, со унгарското вето за буџетот и со противењето од Полска. Забележливо е дека полесно беше да функционира со 12 членки отколку со 27 колку што има сега – нагласува Пекевски.
Стефановски посочува дека првенствено треба да ѝ се стави крај на пандемијата, која има приоритет пред сите други прашања со кои ќе се соочи светот.
– Живееме во општество на поствистина, во кое се јавуваат дебати на социјалните мрежи, се шират непроверени информации, а сѐ погласни се и групите на антиваксери и конспираторите. Токму затоа довербата во вакцините можеби ќе биде и поголем предизвик од самата вакцинација. Пандемијата има приоритет пред сите други прашања. Напредок би претставувал самиот предизвик на победа над пандемијата, како човештво, кое, за жал, мислам дека не успеа да извлече лекции од оваа состојба. Првенствено треба да се затвори пандемијата, бидејќи таа е пречка за сите други области. Во однос на безбедноста, трендовите се добри на глобално ниво, додека Европа ќе треба да се справува и со тој предизвик – заклучува Стефановски.
Се очекува и 2021 година да биде особено непредвидлива, земајќи ја предвид состојбата во која се испреплетени пандемијата, нерамномерното економско закрепнување и тензиите во светската политика. Но предвидувањата за предизвиците што го очекуваат светот, можеби ќе помогнат тие да се дочекаат со поголема подготвеност, додека се справуваме со можностите и со ризиците во новата година.