Викендов завршија консултативните средби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со премиерот Зоран Заев и со лидерот на ДУИ Али Ахмети за преодната влада. Од она што излезе како информација во јавноста, покрај назначувањето на сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски за иден технички премиер, во исто време Драган Ковачки е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи во преодната влада. Премиерот Зоран Заев по партиските разговори изминатиов викенд изјави дека настанат е проблем бидејќи лицето предложено од опозицијата за нов министер за внатрешни Ковачки е воено лице, а според Уставот и законите со преодната влада треба да раководи цивилно лице
– Излегува дилемата дали Уставот го дозволува тоа, како и Законот за АРМ и МВР, ќе се консултираме со стручната јавност. Верувам дека тоа не е единствен кандидат – изјави премиерот Заев. Тој остави простор до денес напладне да се разговара и да се постигне согласност додавајќи дека смета оти до 3 јануари ќе се избере техничка влада за да се одржат изборите во април. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата во саботата рече дека предлогот за прв човек во МВР е ново име во политиката, врвен професионалец, со исклучително богата кариера. По информациите дека Мицкоски го предлага полковникот Ковачки за прв човек во Министерството за внатрешни работи во техничката влада, реагираше министерката за правда Дескоска. Таа го цитираше членот 97 од Уставот, според кој е недозволиво лице од одбраната да раководи со полицијата.
– Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица, кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години – рече Дескоска. Инаку во врска со темата за промена на изборниот модел на средбите, договорено е по завршувањето на овие избори опозицијата и власта да седнат и да разговараат и на оваа тема.