Бугарија ја признала посебноста на македонскиот јазик уште пред 65 години. Вакви аргументи пласира деновиве бугарската професорка и докторка на правни науки Радосвета Василева, која обелодени меѓудржавен договор од 1956 година (кој, патем, сѐ уште е во сила), во кој Бугарија ги прифатила и признала генезата и посебноста на македонскиот јазик. Според професорот Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, „откритието“ на бугарската професорка е доказ дека постојат две лица на Бугарија, кои тој ги нарекува Бугарија А и Бугарија Б
Паралелно со политичката билатерална (па и поширока, европска) динамичка комуникација предизвикана по бугарската блокада на нашите евроинтеграции, можеби уште поинтензивна „мултилатерална дебата“ веќе неколку месеци се одвива и на социјалните мрежи. Навистина, таквите „вмрежени дебати“ почесто се претвораат во докази за пласирање говор на омраза, но не се ретки ни случаите кога од Бугарија произлегуваат и некои аргументирани докази.
Суштината на бугарското проблематизирање на македонските евроинтеграции се сведува на агресивна негаторска кампања на македонскиот јазик, историја и национален идентитет пред ЕУ. Едно од конкретните барања на Бугарија до официјален Брисел е за македонскиот јазик во документите на ЕУ да се користи формулацијата „официјален според Уставот“, а во меѓувреме во Македонија да се прифати дека „јазикот според Уставот“ е всушност „западно наречје на бугарскиот јазик“. И според изјавите на официјалните бугарски политичари, тие и понатаму немаат намера да отстапат од позициите на непризнавање на македонскиот јазик, уште помалку од изнудата за „заедничка бугарска историја до 1944“ и со оспорување на македонскиот национален идентитет. Особено не пред парламентарните избори во Бугарија, во март годинава.
Но наспроти ваквите апсурдни барања и позиции на актуелната бугарска политика, бугарските интелектуалци сепак застапуваат сосема поинакви, принципиелни ставови, а често и ги аргументираат со соодветни документи. Неодамна бугарската професорка и докторка на правни науки Радосвета Василева на социјалните мрежи откри меѓудржавен договор од 1956 година (кој сѐ уште е во сила), во кој Бугарија го прифатила и признала македонскиот јазик како официјален јазик за меѓудржавна комуникација и кореспонденција. Со тоа практично се потврдуваат потеклото, генезата и посебноста на македонскиот јазик, како посебен јазик што нема врска со бугарскиот.
– Нашата омилена министерка Екатерина Захариева сака ЕУ наместо „македонски јазик“ да користи „службен јазик на С Македонија“. Но договорот ратификуван во 1956 година не споменува „верзија на бугарскиот јазик“. Се однесува директно на „македонскиот јазик“ – пишува Василева, која е позната како критичарка на актуелната бугарска власт.
Таа открива дека договорот меѓу Југославија и Бугарија, кој е ратификуван од Бугарија во 1956 година, експлицитно споменува „македонски јазик“ и предвидува пишаните документи во него да бидат прифатливи за Бугарија. Василева открива дека договорот (за правна помош) е сѐ уште во сила и има важност. Ваквите наоди и документи ја потврдуваат посебноста на македонскиот јазик.
Според професорот Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, „откритието“ на бугарската професорка е доказ дека постојат две лица на Бугарија, кои тој ги нарекува Бугарија А – што ја претставува разумната интелектуална елита на земјата, но за жал не е во доминантно мнозинство, и Бугарија Б – конзервативна, претставена од опортунистичката политичка елита.
– Науката и политиката ретко имаат исти принципи, а уште помалку исти интереси. Во научна смисла, неоспорни се аргументите за автентичниот историски развој и самобитност на македонскиот јазик. И во Бугарија се свесни за тоа, па токму затоа се погласни политичките побарувања. Документот што го изнесува професорката Василева, од 1956-та, во кој македонскиот јазик се наведува како официјален за меѓудржавна комуникација, е годината кога за последен пат е дозволено Македонците во Бугарија да се декларираат како посебна националност на тамошниот попис. Сепак, и на пописот во 1965, па дури и во 1980-тите, има луѓе што сѐ уште се пријавуваат како Македонци на бугарските пописи, но сепак од 1960-тите години е засилена националистичката политика на Бугарската работничка партија (комунисто) и насочена кон негирање на Македонците и македонизмот… Но правната и научна позиција на македонскиот јазик пред институциите на ЕУ и другите меѓународни институции е потврдена и неспорна, откако во 1967 година е внесен во листата на светските јазици во ОН. Никој разумен не го ни поставува тоа прашање, а Бугарија со оспорувањето на македонскиот јазик е влезена во една ирационална меѓународна политика – вели професорот Људмил Спасов.
Меѓународниот документ што го открива бугарската професорка Василева предизвикува размислувања дали македонската страна во решавањето на спорот со Бугарија треба повеќе да ги користи сличните архивски документи.
– Секако дека не е на одмет да се користат правни аргументи во наоѓање решение за овој неочекуван спор со Бугарија, но, сепак, овој случај воопшто не е од правна природа, туку е повеќе спроведување политика на сила. Во овој контекст воопшто и не се користат правни аргументи, кои, патем, целосно се во корист на Македонија. Но таков беше и спорот со Грција, каде што имавме и судска пресуда во наша корист, но сепак се применија „аргументите“ на политика на сила. И на дебатите во Европскиот парламент воопшто не се заинтересирани за „деталите“ од македонско-бугарскиот историски спор. Ако европските парламентарци и политичари имаат прашања за овој случај, тогаш сепак се консултираат со нивните историчари, кои ги советуваат на ниво на принципи: почитување конвенции, суверенитет, право на самоопределување. А во поглед на тие принципи – позицијата на Македонија е чиста. Сепак, и во овој случај се чини решението ќе се бара во политичката прагма, зашто научните и правните аргументи на Македонија се неоспорни – вели Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“.