Апликантите за бугарски пасош пред конзулатот во Битола и самите велат дека се свесни оти со таквиот чин вршат „предавство“ на државата, но не кријат дека и тие се чувствуваат изиграни и предадени од државата, бидејќи не гледаат перспектива тука и не можат со години да живеат на грбот на своите родители. Но од друга страна, тоа што особено загрижува е фактот што сите досегашни власти во државава никогаш не ѝ го поставиле на Софија отворено прашањето за условувањето на македонските граѓани за добивање бугарски пасоши. Со начинот на кој Бугарија им наоѓа бугарски корења за да им издаде пасоши на македонските граѓани, практично на мала врата врши класична асимилација на македонските граѓани
Белешки од Битола
Битолчанецот Иван Р., кој има 35 години, откако знае за себе вели дека ништо не знаел за неговата прабаба. Како во сон некогаш слушал од својот дедо и неговиот татко за баба му Васка, но никогаш не му придавал некое особено значење. Но минатата година, откако фати коронавирусот и кога со својата невработена сопруга и двете малолетни дечиња почна по цел ден да седи дома и да муабети со својот татко, се заинтересира за своите корени и за својата прабаба Васка, која била родена 1907 година, чиј лик го заборавил дури и неговиот татко.
Откако татко му му раскажал за неговата прабаба Васка, Иван по еден разговор со некои негови другари се заинтересирал како да го искористи нејзиното родно место, кое иако македонско, некогаш било под администрација на бугарската држава и нејзе ѝ биле издадени бугарски документи. Ова е сѐ во контекст за самиот да извади бугарски пасош. Внимателно ги пополнил документите и тој неодамна, како и стотици битолчани и граѓани од другите градови во Македонија: Прилеп, Кичево, Кавадарци, Штип, Неготино, се нареди во колоната пред бугарскиот конзулат во Битола и аплицира за бугарски пасош. Го сретнавме откако ги заврши сите формалности, размислувајќи за поудобна иднина и тој да ја напушти Македонија и да замине во некоја од европските земји. Мешавина од разочараност, горчина и револт имаше во неговиот одговор.
– Иако најголемиот број од моите другари веќе одамна станаа „Бугари“ и како такви ја напуштија Битола, јас долго време не сакав ни да слушнам да тргнам по нивниот пат. Напротив, постојано се карав со нив што толку лесно се откажаа од Македонија и ја „продадоа“ државата станувајќи „Бугари“. Мојата одлука да останам тука многу повеќе се зацврсти откако пред две-три години посетив некои од другарите во Англија, Италија и во Германија и видов како тешко го заработуваат својот „печалбарски“ леб, работејќи тешки физички работи по пералниците, рестораните или хотелите.
Долго време мислев дека овде, во мојот роден град Битола, и мене еден ден ќе ме огрее сонце. Но, за жал, тоа не се случи. Откако фати коронавирусот се тргна на удолница. Најпрво падна бизнисот во дуќанот за колонијал на мојот татко, кој мораше да го затвори, а подоцна истото тоа го снајде и таткото на сопругата. Со ноќи размислувавме што да правиме. Сон не нѐ фаќаше. Како ќе одам странство со моите две ангелчиња, си велев. Кој ќе ми гу чува таму. Како ќе се одвојам јас од моите и сопругата од нејзините. И во еден момент прекршивме и одлучивме и ние да извадиме бугарски пасоши и да зaминеме на печалба во Англија. Доста беше чекање. Не сакам младоста да ми помине во чекање и надевање дека утре ќе ни биде подобро. Знам дека нема да ни биде лесно, но немаме каде и одлучивме да си заминеме од Македонија – ни вели Иван Р.
Приказната на овој млад човек е иста или слична како и на другите наши соговорници со кои разговаравме откако ги подадоа документите за добивање бугарски пасоши. Многумина од нив за да добијат бугарски пасоши се сетија на своите („бугарски“) корени како и Иван Р. на прабаба му Васка, што е еден од условите за добивање бугарско државјанство, без кое не можат да извадат бугарски пасош.
А како се докажуваат бугарските „корени“.
Според нашиот соговорник, тие се докажуваат најпрво според потеклото, доколку некои блиски биле родени во некогашна административна Бугарија или во некои македонски села што под окупација биле од бугарската администрација. Тие што немаат бугарски корења, своето бугарско потекло го докажуваат по свидетелствата на нивните прабаби и прадедовци, кои учеле во бугарски училишта во Македонија, во периодот од 1900 до 1918 година. Доколку некои од нив имаат такви свидетелства за завршено образование во „бугарско“, тие по автоматизам се прифаќаат дека имаат бугарски корени. Со тој документ тие можат да аплицираат во бугарскиот конзулат за добивање пасош.
– Бугарската влада ги признава тие документи само за барателите што ќе го докажат тоа за периодот од 1900 до 1918 година, ни ден пред тоа, ни ден потоа – ни вели нашиот соговорник, кој е добро упатен во вадењето бугарски пасоши.
Потоа со таквите документи барателите поднесуваат декларација во која изјавуваат дека ќе ги почитуваат бугарските закони. За разлика од порано кога од барателите на бугарски пасоши се бараше да потпишат изјава заверена на нотар, дека имаат бугарски корени и бугарски чувства, сега се бара да пополнат само декларација.
Секојдневно пред бугарскиот конзулат во Битола се редат по стотици македонски граѓани од Битола, Прилеп, Ресен, Кавадарци, Кичево, Неготино… што поднесуваат барања за добивање бугарски пасоши. Засега, според некои бугарски извори, бројот на македонски граѓани што имаат нивни пасоши е над 80.000. Но таа бројка не е конечна, туку според познавачите на околностите е многу поголема.
За разлика од порано, кога најголемиот број македонски граѓани вадеа пасоши за студирање, купување автомобили, отворање бизнис, или женидби… сега најголемиот број од македонските граѓани го прават тоа поради економски причини и заминување на печалба во некоја од европските земји. Тоа што во моментов тешко им паѓа на некои од нив е што за разлика од порано кога рокот за добивање бугарски пасош беше најмногу до една година, сега е многу подолг и се движи до три години. Но и покрај тоа, тие не се обесхрабруваат и одлучуваат да вадат бугарски пасоши.
Тоа што треба сите да нѐ загрижи е што поради одолжувањето на почетокот на преговорите на Македонија за влез во ЕУ сега младите Македонци се нестрпливи и сакаат што побрзо да ја напуштат државата и да заминат на печалба во некоја од европските земји, а граѓаните порано стрпливо, со децении чекаа Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ
Кога се чинеше дека со решавањето на спорот со Грција за промената на името и потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија на Македонија ширум ќе ѝ се отворат вратите за Брисел и дека државата конечно, по повеќе од 1,5 деценија, ќе ги почне претпристапните преговори за влез во ЕУ, Македонија неодамна се соочи со вето од Бугарија, по што Брисел повторно ја спушти рампата за нашите интегративни процеси.
Апсурдноста да биде поголема, сето тоа Брисел го гледа некако незаинтересирано, без намера да се вклучи во решавањето на спорот. Додека на Македонија на патот за ЕУ постојано ѝ се поставуваат услови од кои некои се навистина ирационални, на некои од земјите-членки на ЕУ, на кои очигледно им пречат европските перспективи на Македонија, се гледа со благонаклоност, без отворено да им се каже дека нивните ултиматуми едноставно не пијат вода и дека на тој начин тие земји го злоупотребуваат членството во ЕУ.
Треба ли да потсетуваме дека Македонија е една и единствена земја во Европа што беше исправена пред условот за своето членство во ЕУ да се откаже од уставното име. И кога со тешко срце и голема горчина го голтна тој залак и го смени уставното име, многу брзо стигна уште поирационален услов од Бугарија, за препрочитување на македонската историја и откажување од македонските дејци и револуционери.
Токму затоа, целата ситуација станувa уште поапсурдна. Во моментот кога Бугарија на секаков начин се обидува да ја понижи Македонија и со поставување непремостливи услови да го спречи почетокот на преговорите за ЕУ, а македонските власти да го зачуваат својот идентитет и суверенитет, некои наши сограѓани со голема леснотија се декларираат како Бугари и изјавуваат дека имаат бугарски чувства и бугарски корени.
Притоа самите велат дека се свесни дека со таквиот чин вршат „предавство“ на државата, но не кријат дека и тие се чувствуваат изиграни и предадени од државата, бидејќи не гледаат перспектива тука и не можат со години да живеат на грбот на своите родители.
Но тоа што особено загрижува од друга страна, е фактот што сите досегашни власти во државава никогаш не ѝ го поставиле на Софија отворено прашањето за условувањето на македонските граѓани за добивање бугарски пасоши. Со начинот на кој Бугарија им наоѓа бугарски корења за да им издаде пасоши на македонските граѓани, практично на мала врата се врши класична бугаризација на македонските граѓани.
За тоа не треба никој да ги затвора очите, мислејќи дека такво нешто не се случува, зашто еден ден таквите инстант политики скапо ќе нѐ чинат нас како држава што сѐ уште се бори да го зачува својот идентитет.
МВР: Од 1.000 до 1.500 луѓе годишно се откажуваат од македонското државјанство
Како што официјално соопшти Министерството за внатрешни работи, нешто повеќе од 14.000 граѓани во рок од една деценија се откажале од македонското државјанство за да се стекнат со државјанство на друга земја. Според оваа информација, од 2010 г. заклучно со 2020 г., на годишно ниво во просек од македонско државјанство се откажувале од 1.000 до 1.500 луѓе. Најголем број од нив (1.621) се откажале во 2018 година.
– Државјаните на Република Северна Македонија добиваат отпуст од државјанство со намера да се стекнат со државјанство на друга држава, која предвидела во согласност со нивното национално законодавство поседување само на едно државјанство – одговараат од МВР.
На први јануари 2019 година, во Германија се регистрирани 102.052 македонски државјани, објави Евростат. Во Швајцарија во истиот период имало 66.629 наши државјани. Зад неа е Италија, каде што се регистрирани 63.561 македонски државјани.