Исходот од последните парламентарни избори во Бугарија и изјавите што претходно ги даваа тамошните политичари не ветуваат скоро одблокирање на македонските евроинтеграции, туку дополнително ја усложнуваат ситуацијата затоа што без стабилна влада во соседната земја, Македонија нема со кого да разговара за надминување на проблемот што го наметна Софија.
Без оглед што земјава сите надежи ги полагаше врз новата бугарска влада, сега ситуацијата повторно останува иста како и претходно, без јасна перспектива.
Лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, веќе најави формирање самостојна влада, без оглед на тесниот резултат со ГЕРБ, откривајќи го името на економистот Николај Василев како иден бугарски премиер.
Од друга страна, ниту ГЕРБ нема намера да се откаже од формирање влада, така што повеќе од очигледно е дека без оглед кој ќе формира влада, нема да се смени односот кон Македонија, бидејќи сите бугарски политичари, без исклучок, најавија дека нема да отстапат од досегашните бугарски позиции.
Трифонов отиде и дотаму што веќе почна да се исмева со Македонците, најавувајќи дека заедно со бугарските астронаути на првото патување во вселената ќе земеле, како што рече, и „северномакедонски астронаут“.
Повеќе од јасно е дека ваквиот развој на настаните несомнено ќе доведе до тоа новата бугарска влада да биде крајно внимателно во врска со македонското прашање и да го остави настрана за некои други времиња, оти какво било отстапување од бугарските цврсти позиции во овој момент би можело лесно да ја турне новата влада и земјата да ја вовлече во уште подлабока политичка криза.
Последните изјави што доаѓаат од Софија се само потврда дека Македонија попусто се надевала на договор со Бугарија по изборите и дека словенечкото претседателство со ЕУ тешко ќе успее да најде соговорник во Софија што би можел да носи храбри одлуки без да плати политичка цена.
– По ситуацијата со изборните резултати, ние нашиот став треба да го градиме дека овој проблем со Бугарија ќе трае и дека Европа може да најде решение што, според мене, во поголема мера ќе биде на штета на Македонија, бидејќи Бугарија нема што да изгуби – смета универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, Бугарија во своето национално и националистичко однесување во однос на Македонија го држи истиот став, без оглед кој да дојде на власт.
– За сите нив, со многу мали исклучоци, Македонија е бугарска земја, Македонците се Бугари и само поради неопходноста во модерно време да признаваат дека секој има право да се изјаснува како што сака, прифаќаат дека ние можеме да кажуваме дека сме Македонци и дека оваа Македонија ја признаваат според меѓународното право. Но, во суштина, никогаш во ниту една линија на бугарското однесување не отстапиле од тој став – истакнува Андревски.
Професорот Андревски појаснува дека и сега, без оглед кој ќе формира влада во Софија, нема ништо да се промени.
– Македонија треба да си ги препознава своите постепени чекори на развој и просперитет, наместо да очекува дека ќе направи некакви големи скокови во врска со проблемот со Бугарија. Бугарите барем во таа смисла се искрени – кој ќе дојде на власт, во однос на Македонија нема да има никакви промени. За нас сега е подобро во светлост да гледаме дека нешто е тешко, отколку во темница да ги бараме среќата и надежта што не постојат – нагласува Андревски.
Директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, смета дека Македонија останува заглавена на евроинтегративниот пат.
– Исходот на бугарските избори беше очекуван. Според мене, најверојатни се две сценарија: или да не се формира влада и повторно да се оди на избори или Трифонов да формира малцинска влада што нема коалициски капацитет. Таквата влада во себе вклучува различни политички интереси на партиите што би биле дел од владата и сето тоа би било многу измешано. Ако претходно изговорот за нерешавање на проблемот со Македонија беше техничката влада, сега тоа ќе биде оваа малцинска влада, без никаква солидна политичка позиција по прашањето на Македонија, и во таа смисла сум песимист дека за време на словенечкото претседателство со ЕУ ќе се реши проблемот – вели Трошановски.
Тој додава дека таа влада за да остане на власт нема да влече потези што би го загрозиле нејзиното опстојување.