Бугарија не се откажува од историските тврдења за Македонија кои и натаму претставуваат услов за отстранување на ветото, што се забележува и според настапот на бугарскиот претседател Румен Радев при вчерашните средби со францускиот и германскиот колега, Емануел Макрон односно Франк-Валтер Штајнмаер, пренесува „Еурактив“.
Радев на средбата со Штајнмаер ги изразил очекувањата дека Македонија ќе преземе конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, државните и научните институции, јавните медиуми, да запре со фалсификување на бугарското културно-историско наследство и особено да ги почитува правата на своите граѓани, кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет. А при разговорот со Макрон повторил дека Бугарија очекува конкретни резултати во дијалогот со Македонија, што ќе гарантираат европски вредности во почитувањето на човековите права и прекин на говорот на омраза.
Ваквата бугарска позиција открива дека Софија не се откажува од историските прашања, откако во изминатите два месеца, Софија во повеќе наврати сигнализираше и дека настојува на почитување на правата на Бугарите во Македонија.
Четирите бугарски партии кои се очекува да ја формираат идната владина коалиција исто така изразија став дека нема да брзаат со отстранување на ветото.