И покрај мноштвото континуирани извештаи за големиот број црни точки во бугарската политика и однесување, нејасно е до кога Брисел ќе го толерира и премолчува сето тоа, особено по неодамнешните американски санкции за високото ниво на корупција во Бугарија, кои фрлија темна дамка и врз самата Европска Унија
Истражување на Европската Унија во однос на влијанието на политиката врз судството во земјите-членки
Бугарија заедно со Хрватска, Словачка и Полска се земјите што се рангирани најлошо во сондажата на Европската Унија, во однос на влијанието на политиката врз судството.
Во своја информација на оваа тема, „Блумерг“ нотира дека Бугарија е на самиот врв од европски земји чии граѓани чувствуваат дека Владата и политичките партии вршат силни притисоци врз правосудството. Медиумот, повикувајќи се на официјални информации од Европската комисија, пишува дека поради овие состојби Бугарите немаат довербата во државните судови, судии и обвинители.
– Споредбено со минатата година, генералната перцепција на јавноста за независноста на судството се намали за половина во сите држави-членки на Унијата, но во одреден број држави-членки овие процеси се особено ниски – пишува „Блумерг“.
Неодамна и „Дојче веле“ информира дека во Европската Унија расте листата на „проблематични деца“ во поглед на демократијата и владеењето на правото.
Во таа насока, Европскиот парламент констатирал дека во друштвото на Унгарија и Полска од пред извесно време се вбројува и Бугарија, за која се вели дека има високата корупција во правната држава и зависност од влијанието на олигарсите.
Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ информира дека милијардите евра од фондовите на ЕУ за обнова обелоденија нови аспекти на проблемот со корупција во Бугарија, која не прекинува.
Весникот истакнува дека американските санкции за корупција во Бугарија во најмала рака индиректно фрлија и темна дамка врз Европската Унија. Од друга страна, голема фрустрација за бугарските борци против корупцијата е тоа што од Брисел нема никаква сериозна критика за долго познатите недостатоци во земјата во однос на владеење на правото и правната држава.
Медиумот пишува дека ЕУ индиректно ја поддржува корупцијата во Бугарија, бидејќи им дава големи финансиски средства без строги контролни механизми. Критичарите ја објаснуваат оваа толеранција во Унијата со фактот дека Бугарија во Европскиот совет им е лојален партнер за клучни прашања на водечките држави, пред сѐ на Германија.
Геновева Петрова од невладината организација „Алфа рисрч“ во Софија, во изјава за германскиот медиум, е скептична дека ќе се подобрат состојбите. Според неа, сѐ додека Бугарија останува предвидлива во однос на надворешната политика, не се очекуваат големи промени, иако шефицата на новото Јавно обвинителство на ЕУ, Лаура Ковеши, ја избра Бугарија за прва земја што ја посети по преземањето на функцијата.
Од друга страна, овие состојби се интересни за следење и за Македонија, вели политикологот Милан Стефаноски, бидејќи со нив на површина излегуваат двојните стандарди што ги практикува ЕУ за релациите кон државите од регионот.
Стефаноски тврди дека актуелните состојби кај соседот очигледно се толерираат од Унијата, бидејќи Брисел ја поддржува стабилократијата во Софија, но и истовремено бидејќи очигледно се нема интерес да се забрза процесот за проширување за земјите од регионот во европската заедница.