Уште минатата година се славеше и се величаше наводното добивање датум за преговори со Унијата, кој, пак, сѐ уште никако да стигне. Овој пат се споменува некаква подготвителна фаза за пристапните преговори, но не и датум. Што мислат аналитичарите и дали повторно ќе нѐ пренесат жедни преку вода?
Ќе добие ли Македонија во јуни конечно датум за почеток на преговорите со Европската Унија, какви што беа очекувањата на јавноста и ветувањата на државниот врв за време на целата измината година дека ќе биде вреднуван „напредокот на земјата“ и отстапките што беа направени кон Грција и со промената на името на државата или, пак, датумот ќе биде повторно одложен. Ова се дилемите во домашната јавност особено по изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој рече дека Европската комисија „ќе предложи Северна Македонија и Албанија да влезат во подготвителна фаза за пристапните преговори, но не и да добијат датум. Познавачите на состојбите во ЕУ во изјавата на Хан препознаваат сигнали дека ЕК во извештајот, кој треба да биде соопштен следниот месец, ќе процени дека земјава ги исполнила критериумите за почеток на преговорите и дека за тоа ќе го извести Советот, но оти сепак крајната одлука зависи од консензусот на земјите-членки, но и домашните реформи. Според упатените, тоа што еврокомесарот Хан го споменува како „подготвителна фаза“, укажува на процедурата што е иста за сите земји-аспиранти, а не дека ЕК нема да предложи датум за почнување преговори за Македонија. Сепак, тие во исто време истакнуваат дека е забележително кај домашните политичари oсобено од власта дека има промена на тонот и пораките споредбено од лани на оваа тема кога тие во јуни категорично тврдеа дека Македонија добила датум за преговори и оти ЕУ донела историска одлука. Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски вели дека тоа што минатата година македонските политичари го говореа по јуни дека земјава добила чист датум за преговори беа манипулации за кои деновиве гледаме дека се чиста лага.
– Македонија повеќе од јасно е дека не доби датум за преговори мината година и сите манипулации кон тоа беа чиста лага. Тоа го објасни и луксембуршкиот министер за надворешни работи, кој кажа дека мака мачеле кои зборови да ги искористат за иднината на Македонија, а тоа да не биде дека нема датум. Сега се приближува јуни кога Македонија наводно требаше да ги почне преговорите и нашата власт мора да се дистанцира од тие лажни ветувања бидејќи скоро е невозможно да се добие датум. Со други зборови, се подготвува народот дека таа процедура ќе трае. Сосема е погрешно Македонија да се концентрира на датумот за преговори бидејќи него и утре да го добие преговорите ќе траат години и години. Во исто време добро е Македонија да ги започне ама главен приод на власта мора да бидат реформите што не се случуваат – оценува Никовски.
Поинаку размислува пензионираниот професор по меѓународна политика Лазар Лазаров, кој смета дека кога станува збор за тоа дали Македонија во јуни ќе го добие датумот за почеток за преговори со ЕУ, сите политичари и оние од власта но и од опозицијата, водата ја насочуваат кон својата воденица, односно говорат она што ним им одговора наспроти вистината.
– Датумот за преговорите е замислен и испратен од ЕК од 5 јуни минатата година, но тоа не значи дека мора да почне. Тоа значи дека треба да се исполнат некои услови како СЈО, справување со корупцијата, реформите во администрацијата и многу други услови од економски карактер. Според мене, најважни се реформите, затоа се брза и се водат овие интензивни преговори меѓу власта и опозицијата, но и покрај сѐ тоа не значи дека датумот е обврзувачки и загарантиран. Во исто време неконстантноста во изјавите на власта околу овој проблем ни укажува дека таа не е сигурна дека сработила доволно на овие полиња што ги напоменав, па оттука може да се каже дека сепак виси датумот за преговори, кои треба да го добиеме во јуни – објаснува професорот Лазаров.
Тој додава дека има 35 поглавја, кои се основа за почеток на пристапните преговори со секоја земја-кандидат. Тие кореспондираат со различните области што се дел од заедничките права и обврски задолжителни за сите земји-членки на ЕУ, за кои се потребни реформи за исполнување на условите за пристап од кои Македонија во моментов каска во однос на нивното исполнување.
Инаку за потсетување, премиерот Зоран Заев, но и целиот државен врв минатата година во јуни беше категоричен дека Македонија добила датум за преговори и оти ЕУ донела историска одлука. Сепак, деновиве премиерот Заев во гостување во емисија за домашните медиуми изјави дека минатата година земјава добила ветување дека овој јуни би можеле да добиеме датум ако ги исполниме реформите во четирите точки, судство, јавно обвинителство, безбедносни структури и корупција. Слично толкување на изјавата на Хан неодамна даде и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој вели дека Хан е еден од најголемите поддржувачи на потребата земјата оваа година да ги почне преговорите со ЕУ.
– Тоа што го кажа Хан е всушност тоа што го кажуваме и ние цело време, дека нашата очекувана варијанта, односно календар на движење на работите е следниот: во јуни да имаме одлука за започнување преговори, односно потврда на датум со кој ќе ѝ се даде мандат на Европската комисија да подготви преговарачка рамка, со тоа што некаде до крајот на годината би се одржала првата меѓувладина конференција помеѓу Република Северна Македонија и земјите-членки на ЕУ, бидејќи преговорите не ги правиме со комисијата, ги правиме со земјите-членки – изјави Османи.
Но очигледно пораките од Брисел се јасни и оттаму бараат конкретни реформски чекори. Па, така, на нашите чести фалби и удирања во гради дека ќе нѐ биде, дека сите нѐ поддржуваат, сите се со нас и членството ни е загарантирано, Брисел во однос на датумот кратко и јасно ни порача: „Ќе биде, но само ако ве биде“.