Според експертите, исходот на европските избори има свое влијание и врз македонските евроинтеграции, иако сѐ уште е нејасна вистинската политичка слика во европарламентот, и треба да се почека да се формираат коалициите и да се именуваат функционерите на највисоките позиции на Унијата. Сепак за тоа колку бргу ќе се движиме кон ЕУ најмногу ќе зависи и од тоа колку ние самите ќе ги спроведеме реформите во сите сфери, оценуваат нашите соговорници
Резултатите од изборите во Европскиот парламент ја видоизменија политичката мапа на Европа и го отворија патот за промени во Европската Унија, бидејќи најголемите партии во центарот и партиите на левиот центар го изгубија мнозинството, додека зелените партии, крајно десничарските и антиестаблишмент партиите го зголемија своето присуство. Проевропските партии и понатаму ќе имаат мнозинство во Европскиот парламент, но двата традиционални блока ќе треба да бараат нови сојузи со условно кажано помалите партии на Стариот континент. Но како последните случувања и новиот распоред на сили во Европскиот парламент ќе се одразат врз Македонија.
Во контекст на актуелните случувања со променетата политичка мапа на Унијата, консултираните експерти во сублимиран заклучок велат дека исходот на европските избори во иднина ќе има директно влијание врз македонските евроинтеграции.
Според нив, брзината на нашето напредување во интегративниот процес ќе зависи од тоа дали во Европскиот парламент ќе надвладеат проевропските сили или националистичките партии и какви врски со нив ќе изградат и зацврстат домашните партии од власта и од опозицијата.
Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, вели дека
новата констелација во Европскиот парламент не би требало значително да го смени главно воздржаниот став кон проширувањето.
Тоа е така според неа, бидејќи клучната улога за политичките одлуки во врска со преговорите ја има Советот, односно државите-членки.
– Битно е дека е избегната полошата варијанта – на посилно евроскептичен парламент, во кој би се проблематизирало прашањето на внатрешната интеграција на Унијата. Знаеме дека клучната држава-членка (Франција) ги поставува внатрешните реформи како услов за натамошно проширување – вели таа.
Ристевска-Јорданова истакнува дека по изборите во Европа, односите не би биле променети меѓу домашните и европските политички партии и партнери, бидејќи меѓу политичките партии од земјава и нивните европски партнери јасно се декларира политичко единство за интеграција во НАТО и тоа би значело дека домашните партии би требало еднакво да лобираат кај своите европски партнери за секоја побитна одлука во текот на проширувањето.
– Инаку, најголемите европски партии загубија гласови за сметка на либералите и зелените, кои сега се позначаен политички фактор на европско ниво. Сепак, и тоа не би требало значително да ги смени односите на македонските партии со нивните европски колеги, со поголема можност за соработка со либерал-демократите, кои и досега беа релативно заинтересирани за темата на проширувањето – поентира Ристевска-Јорданова.
Љупчо Арсовски, првиот македонски амбасадор во Грција, вели дека актуелните состојби во ЕП нема да влијаат на генералната политика на дејствување на Унијата, бидејќи патот на Западниот Балкан, а со тоа и на нашата земја, веќе е трасиран од претходниот парламентарен состав.
Дипломатот вели дека насоката на земјата кон ЕУ може да биде со осцилации во смисла на временската брзина со која ќе се движиме по процесот за зачленување.
– Јас верувам дека колку брзо ќе се движиме кон ЕУ најмногу ќе зависи од тоа колку ние самите ќе си ги спроведеме реформите и колку ние самите ќе си ги постигнеме целите да си ја подобриме земјата во сите сфери. Резултатите во ЕП нема да влијаат толку на нашето идно членство во ЕУ колку што на тој процес ќе влијаат реформите на нашето стигнување на европските стандарди за земјата, односно за подобрување на дејствувањето на правната држава, стабилизирањето на економијата, зголемувањето на слободата на медиумите и зацврстувањето на демократијата. Тоа, според мене, се клучните фактори кои ја кочат земјата да стане членка во Унијата, а не политичката моментална определба во парламентот. Иако во ЕП се размрдани големите коалиции, тоа не мора да значи дека сето негативно ќе се отслика врз нас. Надежда за евроатлантските аспирации и покрај актуелниот резултат не е загубена, бидејќи покрај порастот на десничарите огромен пораст добија и партиите на зелените и на либералите кои се залагаат за проширувањето на Унијата. Дополнително тоа го аргументирам и со фактот дека и меѓу десните европски партии има голем број на разумни политичари и пријатели на Македонија кои се залагаат за проширување на Унијата и за наше членство во Сојузот – вели дипломатот.
Слично размислува и поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малевски, кој истакнува дека е потребно подолго време за навистина од македонска страна да се почувствуваат ефекти од изборите во ЕП.
Малевски истакнува дека во овој момент сѐ уште е нејасна вистинската политичка слика во европарламентот и дека треба да се почека да се формираат коалициите и да се именуваат функционерите на највисоките позиции на Унијата.
Според Малевски, функционерите на ЕУ не се само технички фигури во европската политика, туку тие имаат одговорна улога со која ги практицираат усогласените минати и идни политики на европските земји.
Тој истакнува дека дури откога ќе се завршат овие случувања, македонската дипломатија во новиот состав ќе може да ги види политичарите кои можат да бидат идните наши сојузници во ЕУ.
– Во секој случај, јас верувам дека веднаш нема да ги почувствуваме ефектите кон Македонија, и во тој контекст мислам дека нема да се случи некоја драматична промена на ЕУ во односот кон нашата земја поради зголеменото влијание на конзервативците во парламентот. Единствено нешто на што можат да влијаат овие процеси е да ја детерминираат брзината по која ќе се движи нашата земја во процесот – вели Малевски.
Според него, она што мора да го разбере јавноста во земјата е дека конзервативниот блок во Унијата нема генерална политика, а политиките кои ги спроведуваат политичарите од оваа провиненција се различни од земја до земја.
Малевски додава дека во таа насока не може да очекуваме дека поради резултатот од изборите конзервативните политичари од пријателските земји на Македонија како Германија, Хрватска, Словачка и други, нагло ќе ги сменат своите политики и ќе дејствуваат од неразбирливи причини негативно за иднината на нашата земја, бидејќи тие се, едноставно, десно ориентирани.
– Во практиката, во дејствувањето на парламентот идеолошката ориентација на парламентарците некогаш е небитна ако одредена политика иде во корист на националниот интерес на земјата која ја претставуваат овие европратеници. Имено, чест е случајот пратеници од иста држава, но од спротивни идеолошки табори да гласаат еднакво за одреден чин, бидејќи тој иде во насока на националниот интерес на земјата која тие ја претставуваат во Унијата. Односно, сето ова не значи дека априори десните во европарламент ќе бидат против македонското зачленување во Унијата ако потекнуваат од земјата со која гаиме блиски релации – резимира дипломатот.
Шптим Љатифи, експертот за меѓународни односи, вели дека европските држави кои ја поддржувале нашата земја ќе продолжат да го прават тоа и во иднина, независно од изборниот резултат.
Тој додава дека ако сепак подлабоко се анализираат состојбите по изборите, ќе се види дека состојбата на политички план е практично иста кај најголем дел земји кои го оспоруваа интегрирањето на Македонија.