Владата ќе пристапи на изработка на уставните амандмани дури откако ќе заврши работата во Собранието со изгласување на потребата за нивно изготвување и најдобро е тие да се подготват заедно со опозицијата односно да се постигне национален консензус.
Ова го изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција посветена на одлуките од 95. седница на Владата.
-Премиерот Заев е трет ден во Собранието. Сите пораки се кристално и јасно искажани од собраниската говорница. Потребно е да се изгради национален консензус бидејќи, како што вели и премиерот, пресериозна е работата. Амандманите ќе ги прави Владата и најдобро е да се подготват заедно со опозицијата, односно да се постигне национален консензус во духот на Договорот од Преспа – рече Бошњаковски на новинарско прашање за ставот на Владата во однос на писмото од помошникот државен секретар на САД за Европа и Азија, Вес Мичел, до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дали е можна средба Заев-Мицкоски.
Во врска со начинот на кој ќе бидат формулирани амандманите и што се ќе содржат, ќе биде познато штом ќе заврши гласањето во Собранието, рече Бошњаковски посочувајќи дека не сака да шпекулира за нивната содржина.